Потребно време за читање: 2 минути

80. Индивидуализмот и личниот идентитет

Творецот Јане Базеркоски, познат скулптор чии скулптури се поставени на разни места во градот, во паркови, долж авении и среде кружни текови, а малкумина од граѓаните знаат дека тој е нивен творец, на своите ученици и следбеници најмногу сака да им зборува за суштината на своето постоење и за „независноста“ на неговото творештво од него. Се разбира, пред сè како творец. Најпрвин како мошне комплексен и длабок проблем. Обете како паралелизам, во некоја мера и како антагонизам во нашето и идното време. Не пропушта да нагласи дека токму таа суштина „сама по себе“ ја наметнува одбрана на индивидуализмот и личниот идентитет.

Им зборува:

-Суштината на моето постоење е творењето дела; делкањето на каменот, мермерот, во виткањето и заварувањето на „врзовни ткива“ на железото. Без тоа ни сум постоел, ниту постојам. Не станува збор за себедокажување или, како што многумина како мене милуваат да кажат, освојување на простор и време во универзумот…На каменот, мермерот и железото јас им осмислувам и обликувам живот. Не каков било, особено не безначаен или гол опстанок, туку со своја полнота. Значи, самостоен, едновремено и во содејство со животите на луѓето. Од друга страна, тоа наспоредно со независноста на моето творештво. Значи, делумно и сосем независно од мене… Постојано ми се наметнува како мошне комплексен и длабок проблем. Појасно: до кога секое мое дело е мое, до кога сум пред него и во него, а од кога тоа се ослободува од мене, станува истовремено доволно затворено и отворено за да биде и делумно и сосем независно. И најсетне: колку потоа јас сум јас? Паралелизам и во некоја мера антагонизам во нашето и идното време? Мислам да. И тоа за творецот нерешлив, во голема мера загадочен, неретко поразителен.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

На случајна средба во заедничко време им зборува на Бисера и Пламен (по сеќавање на Пламен):

-Токму паралелизмот и во некоја мера антагонизмот, како суштина „сама по себе“ на секоја мислечка личност, која е истовремено несомнено творечка, ја наметнува одбраната на индивидуализмот и личниот идентитет. Одбрана во која било област на животот и егзистенцијата, особено во политиката и економијата. Одбрана од партиското политиканство. Каква одбрана? Се разбира со создавање и со создадени дела. Индивидуализмот и личниот идентитет што ја извишува личноста, со кои таа станува неприкосновена. Тоа ја докажува историјата, тоа го продолжува минатото во сегашноста, тоа е несомнен активен залог за иднината.

Имајте секогаш на ум дека против индивидуализмот и личниот идентитет најгласни се душманите на националниот идентитет. Да, најгласни се, а се најмал проблем, но не треба да им се дозволи да дејствуваат. Особено не од позиција на власт. Имајте секогаш на ум дека тие имаат најголем уплав токму од индивидуализмот и личниот идентитет. И дејствувајте против нив, борете се, не оставајте да ве надвладеат.