Потребно време за читање: 3 минути

77. Славка знае

Славка Миновска, втората братучеда на Бисера по мајчина линија, две години помлада од Бисера, која ѝ е блиска како сестра, со години на ред се опира на творечкиот порив, но е пред првиот чекор на, според неа тешкиот и без крај писателски пат. Да, прашање е на ден, на час, на миг кога ќе почне да ја раскажува својата прва приказна. Онаа што ѝ е најблиска, во која е и самата таа: сопатништвото на Бисера и Пламен. Разбирливо? Делумно, затоа што непосредно учествува во него, го споделува, а како раскажувач во прво лице еднина со испреплетување на факцијата и фикцијата ќе го докажува и своето. Колку мотивски, толку тематски. Треба да се има предвид и нејзината ученост-големите познавања на книжевноста. Има уште една блискост меѓу нивните и нејзиното самотно сопатништво: пропаднатиот брак на Славка со Никола Павловски. За разлика од нивното, повеќе како далечност одошто како блискост. Расказ? Роман? Што било.

Нешто поготово го поттикна препуштањето на творечкиот порив, можеби отсега и целосна посветеност? Да, нешто конкретно и мошне загрижувачко! Што според неа директно удри во срцевината на самотното сопатништво, во нејзината суштина. Баш така, буквално! Тоа, пак, заедно со причината за нејзиното самотно сопатништво и раскинот со Никола, некако само по себе го наведе насловот на расказот или новелата или повеста или романот. Што веќе го скицира мошне детално и е само прашање на ден, час, можеби на миг кога ќе почне да го пишува: „Срцевини на самотни сопатници“. Конкретното и мошне загрижувачко: последниот кус разговор со Бисера, вечерта пред нејзиното враќање во Монтреал, неполн час по заеднички донесената одлука и таа да се врати во Македонија и да ја продолжат семејната живеачка во Скопје. Во ниедно доба на ноќта го запиша од збор до збор и сè повеќе се убедува дека тој би бил најдобар почеток на нејзиното дело:

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

„Јас:

-Многу се радувам дека пак ќе бидеме заедно. Како што бевме.

Бисера:

-Искрено, јас не. Зошто да се радувам? Дека неколкумесечното самотно сопатништво беше промашување, залудно?

Јас:

-Зошто промашување?! Како залудно?!…Не се радуваш дека пак ќе бидеш заедно со Пламен, со децата и со мене?!

Бисера:

-Знаеш што сфатив во Монтреал, славка моја? Дека личното усовршување, личната кариера воопшто најмногу зависи од личната слобода. И оти токму таа е срцевината на самотното сопатништво. Во неа и со неа или се докажуваш или осознаваш дека си повеќе зависна одошто слободна. Особено кога е во прашање љубовта.

Јас:

-Сакаш да кажеш дека…

Бисера:

-Љубовта е на најголем испит во свет во кој сите системи функционираат беспрекорно, па ти си во центарот како личност. И обично не успева да го положи ако доаѓа од свет, од држава во хаос, во партократија, во која владее мафија, криминалот и корупцијата се шират како плевели, а слободоумноста е најголем непријател.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, поглавје 55

Јас:

-Мојот раскин на бракот со Никола не беше поради тоа…Најмногу поради неговите пречести бизнисменски престојувања во странство…Оддалечување, оттуѓување, рамнодушност…Воопшто не ни помислував дека…Го знаеш мојот став дека може и од дома да се напредува во професијата на меѓународен план, стручноста и посветеноста во нашево време е несопирлива, а секоја привремена разделба и раздалеченост, секое самотно сопатништво има несогледливи последици…И за државата… родољубието… Сакаш да кажеш дека заедничката одлука…

Бисера:

-…Не е заедничка, Славка! Не е!…Знаеш дека не е. Јас бев и сум против….Зарем ти досега не си забележала колку е променет Пламен? Особено откако ја формира новата фирма? Бев, ги запознав луѓето. Има една…

Јас:

-Немој, Бисера моја, не греши душа. Немој да ми кажеш дека има љубовница. Тоа е просто невозможно!

Бисера:

-Зошто невозможно? Јас забележав…почувствував…Сигурна сум!…А и Ѕвездана и Апостол. Не забележуваш дека пораснаа и ние не сме им потребни?…Или малку…

Јас:

-Чекај малку…Ништо не разбирам!…Ти мислиш дека веќе не си ни потребна?!…Само немој да ми кажеш дека во Монтреал си доживеала и доживуваш нова љубов.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Бисера:

-Па што и да доживеав и да доживувам?…Нема врска…Ај да го прекинеме разговоров. Доста беше!…Не знам…Утре заминувам за Монтреал, таму ќе размислувам па ќе решам…Добра ноќ!“