Потребно време за читање: 3 минути

83. Пресвртна средба?

Бисера во Монтреал, Канада, на клупа во парк во вечерен час. Сама. Замислена, со весело лице. Одвреме-навреме насмевка на усните. Се навраќа, се сеќава на разговорот со Јосиф Икароски при летот со авион од Скопје. Нивна повторна средба. Првата при летањето во спротивна насока, од Канада во Македонија, како „намерна случајност“. Во себе го повторува од збор до збор:

На седиштето спроти неа човекот без коса, со очила со дебели рамки. Програмерот од Битола кој живее и работи во Торонто, „на висока нога“.

Бисера:

-Иако е решено, твојот заклучок дека ќе одлучам да се вратам дома, да останам во Скопје сè уште не е целосно остварен. Само половично…И тоа не поради мојата семејна ситуација, особено брачната. Таа е стабилна, сè е според одамна поставени и затврдени ред и поредок. Не ни поради животната ситуираност и општествениот статус. И тие се во ред.

Јосиф зачудено:

-Како тоа половично?! Нели сте се договориле, сте одлучиле заедно?

Бисера:

-Да, ама сепак не…Што ако одлучивме? Јас не можам да донесам друга, лична одлука? Да, спротивна од заедничката…Тоа е мое право…Како што секој од моите може да донесе нова, своја…Сè додека половичната не се реализира. Нели?

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 78

Јосиф повеќе збунето:

-Да, секако…Така е…Но…

Бисера нестрпливо:

-Нема но! Мојата решителност и енергичност во животот, како и немирењето со постојната состојба сосе противењето на собитијата што ме засегаат, мојата лична борба можам да ја водам каде и да сум, од каде било на светот.

Јосиф:

-Ако можам да забележам, ти веќе се двоумиш…Не си сигурна… Сè ми се чини дека до крајот на летов, до Монтреал ќе одлучиш да не се враќаш…А мене тоа…би ме радувало.

Бисера по малку изненадена:

-Би те радувало?! Тебе?! Каква врска имаш ти со евентуално мое останување во Монтреал, односно невраќање во Скопје?…Ти ќе продолжиш кон Торонто, твојот град, твоето живеалиште, твојата работа…

Јосиф ја прекинува во зборот:

-Сето тоа би можело лесно да се смени…Канада е Канада… Нема несовладлива далечина и за сè има решение…Без проблем…

Бисера:

-Ти пак ми се додворуваш.

Јосиф тивко, наведнувајќи се кон неа:

-Ти пречи тоа?…Да, ти се додворувам…Сè повеќе се вљубувам во тебе…И?

Момче и девојка на соседните седишта ги погледнуваат. Разменуваат насмевки.

Бисера весело и низ стишана смеа:

-Па, сега…Штом си запнал…Изгледа дека си баш упорен тип…Ама и ти малку знаеш за мене и јас за тебе…

Јосиф:

-Долг е летов. Сигурно ќе се запознаеме детално…А и не е баш малку она што го знаеме еден за друг….На пример, уште на првата наша средба, додека летавме од Монтреал до Скопје, те научив како решителна и енергична жена, борец, искрен родољуб, која неизмерно си ја сака татковината и ја болат актуелните собитија во неа…

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Бисера:

-Доволно се знам себеси…Размислував по нашата прва средба…Мислам дека и твое е сознанието за последниот, завршниот чин на разнебитување на македонскиот народ и Македонија, па секој е и тоа како потребен сега. Во многумина, и знајни и незнајни, забележувам дека борбениот пламен на родољубието е угаснат или е пред самоти гаснење…Непореклив ми е ставот дека во иселените Македонци и Македонки низ светот тој е многу поголем…

Јосиф Икароски:

-Ние сме истомисленици…Жално е и трагично тоа што не само денес, ами со години наназад народот во Македонија е меѓу најнесреќните на светот. Бесперспективен, апатичен…Со него се владее сосем недемократски, со нефункционалност на сите државни институции и органи на власта. Партизација, клиентелизам, непотизам…Огромна корупција, мафијаштво…

Бисера Бригиска:

-Ти тоа го именува со стратегиски смислено ништење на народ и држава. Со право…Не треба многу знаење на поновата историја на светската цивилизација за да се заклучи дека за неколку години, не повеќе од две-три, нека се и десетина, ништењето ќе заврши. Идентитетот на Македонците ќе биде збришан засекогаш, а ќе остане само индивидуална одбрана на корени во некогаш нивната исконска земја.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Јосиф резигнирано:

-Како неколку други древни цивилизации во светската историја…Мислам дека индивидуалната одбрана на македонството ќе биде многу жилава, жестока и долготрајна. Може и да го разбуди, одново да го сплоти и да го обедини македонскиот народ.

Бисера:  

-Времето е детерминанта и ги турка нештата во заборав.

Јосиф по кусо време молк:

-Јас мислам дека конечно донесе одлука спротивна на семејната…Остануваш во Монтреал…Ти претстојат големи проблеми…И болни.

Бисера:

-Знам што ми претстои…Со Пламен како било, но со децата…Може да прекинат сите мои контакти со семејството…Па и со државата…Да, да, многу што ќе биде премногу болно.

Јосиф смирувачки:

-Ќе бидам со тебе…Може договор за прв чекор? Слегувам со тебе во Монтреал. Ќе бидеме заедно колку што треба…Торонто може да ме почека…

Бисера:

-Помошта и поддршката од близок ќе ми бидат неопходни…Ама ние уште не сме  блиски.

Јосиф категорчино:

-Сме!

Им приоѓа стјуардеса и им нуди пијалак. Земаат чаши со виски, се чукаат со нив. Момчето и девојката на соседните седишта земаат чаши со овошен сок и им наздравуваат насмеани.