Потребно време за читање: 3 минути

69. Речиси понесен

Пламен одвај ја убеди, може е поточно да се каже ја измоли Бисера да појдат во проектанското биро „Перспектива“, кое го формира заедно со својот долгогодишен пријател и колега Андреј Воденски, а скоро ќе прерасне во градежна компанија.

(Таа: „Веќе бев и ме запозна со твоите компањони. Што барам пак? Сè ми раскажа што е повеќе од што знам за карпестата населба и синергичката живеачка…Ако ти е целта да ти се придружам, значи да останам во Скопје…“. Тој: „Не ти раскажав сè. Сакам да ти ја покажам конечната верзија на проектот…Баш синергичката живеачка ме инспирира да го надградам. Ги споив карпестата и паметната куќа“. Таа: „Да, тоа е интересно… Мислам дека е мошне иновативно…Добро, да одиме, ама ни збор за мое враќање и приклучување во твојот бизнис. Прво треба да решиме каде натаму семејно. Не ја прифаќам твојата решителност да останеме во Скопјево“. Ѝ вети.)

Макетата е на бирото во канцеларијата на Пламен. Во неа уште Андреј Воденски, Бисера и Светлана Адамова. Пријателска, пријатна, речиси срдечна атмосфера.

Пламен речиси понесен:

-Синергичката живеачка е целосна во синергичка куќа изградена, поточно издлабена во карпа, а во неа сè што денес нуди технологијата за комфорен и безбеден живот. Еднакво важен е и стакленикот што ја опкружува. Се разбира, куќите се главно семејни, но во комплексот се предвидени и неколку мали, за еден човек. Карпестите куќи се на два нивоа-подземен и надземен, за живеачка во различни годишни доба и различна светлина. Ентериерот е комбинација од дрво, глина, камен и железо, а и тој и екстериерот се со сè што е денес стандард за паметна куќа или зграда и стакленик: зелени терасести површини, карпата покриена со дрвја и растенија, обновливи системи на енергија, посебни простории за деца и родители, за заеднички живот и забава, библиотека, мал базен,  простории за личен и заеднички живот, дневна соба, издвоена работна кујна…Клучно е дека сето тоа овозможува постојана, деноноќна наспоредна и хармонична соживеачка  на човекот и природата. И тоа овозможено најмногу со кружните типизирани простори изделкани во големи карпи и обградени со куп мали и големи камења, со природната околина од дрвја, овошна и зеленчукова градина.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 58

Светлана Адамова како одвај да дочека да дојде на ред. На Бисера ѝ стана некако поодбивна одошто при првата средба. Ѝ стануваше сè понепријатна неприродната блискост меѓу неа и Пламен (тело до тело, случајни допири, кратки и овај забележливи впиени меѓусебни погледи; или тоа само ѝ се присторува?; можна ли е интимна врска меѓу нив?!):

-Мене лично, пак, најмногу ме привлече социјалната димензија, социолошкта парадигма. Еднакво отворениот и затворениот круг на синергичка живеачка. Се разбира, тоа ми е специјалност…урбаната социологија…Ќе биде тоа ексклузивна и мошне привлечна населба…

Бисера ја пресекува во збор:

-Се разбира, се разбира…Зборувавте за тоа при нашето запознавање, на првата средба…Да, да, сосем се согласувам дека ќе биде ексклузивна и привлечна…Си го знам јас Пламен мој. Тој кога ќе науми нешто, ако го понесе некоја идеја, се разбира реална, остварлива, нема сила што ќе го откаже…Па, да наздравиме за успешен бизнис.

Наздравија со виски. На излегување од зградата во која е сместено бирото „Перспектива“ Пламен ѝ рече на Бисера со сув и рамнодушен глас:

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

-Немој да мислиш дека не ја знам и не ја чувствувам твојата тврда определба да се преселиме во Канада и да заживееме во „твојот“ Монтреал. Но, треба да си свесна дека и јас и Апостол и Ѕвездана и Славка сме за останување овде. Нестрпливо ја очекувам твојата „борба за победа“. Имај предвид дека бизнисов со проектансково биро, кое секако скоро ќе прерасне во јака и голема градежна компанија, го почнав за да обезбедам наша, семејна перспектива…Само се прашувам дали е и твое сознанието дека сме пред последниот, завршниот чин на разнебитување на македонскиот народ и нашава Македонија, па секој е и тоа како потребен сега. И дали во тебе сè уште гори борбениот пламен на родољубието.

Бисера му одговори со воздржана лутина, исто така со сув и рамнодушен, напати ироничен глас:

-Многу грешиш, Пламене мој. Многу!…Не знам што е со тебе, што ти се случува, но…Јас само инсистирам и ќе инсистирам на темелна согледба…Ме навредуваш ако мислиш дека не знам што сè би значело и со какви сè неизвесности би се соочиле Ѕвездана и Апостол…А и твојов нов бизнис…Што се променило во меѓувреме, од времето на нашиот пропаднат досега? Ништо! Апсолутно ништо! Дури е полошо од тогаш…Партократија!…Мојот борбен пламен на родољубието…Ти мислиш дека се намалил или дури угаснал оти сум надвор од татковинава, во далечната Канада? Зарем треба тебе да ти докажувам, тебе да те убедувам дека во иселените низ светот е поголем одошто во овдешниве?!…Те молам!…Сè помалку те разбирам! До дома не прозбореа збор.