Потребно време за читање: 2 минути

78. Родољубието

За Бисера и Пламен татковинската љубов е како оган во нивните срца кој тлее, а најмногу и најсилно се разгорува во неизвесни времиња. Жив оган што не гасне макар колку еден здив. Тоа е видливо при секои заеднички средби со сопатници и истомисленици. Оган во нивните срца кој е согледлив и сознателен во секој нивен збор и обично однесување. Особено кога е збор за вкоренувањето и корените, за опстанокот од искони. Таа љубов во нив и од нив е многу повеќе од нејзината основна дефинираност-директно и индиректно нераскинливо поврзана на индивидуа со омеѓено географско подрачје или со кое се идентификува народ или нација. Никако не смее да се пренебрегне уште една негова димензионалност: таа е љубов на луѓе родени и со цел живот, поминат или што уште трае на едно место, во еден географски простор од кој се насилно населени, од кој мораат да бегаат или одамна се заминати од какви било причини; најмногу од егзистенцијални. Од место на раѓање, вкоренување и растење, сè до нивна дома, до нивно неугасливо домашно огниште.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 58

Татковинска љубов-патриотизам-родољубие. Само родољубието малку поразлично, со попрецизно, појасно и пошироко значење. Секогаш кога зборуваат за него, невоздржано, неретко пламено, Бисера и Пламен најпрвин ја нагласуваат етичката конотација, и тоа пред сè како морална вредност која ги става интересите на народот односно нацијата или државата пред личните. Притоа, обајцата не пропуштаат да зборуваат и за љубовта спрема родот, за „родо-љубовта“ без која нема ни опстанок ни продолжение на постоењето. Таа со вкоренувањето и корените кои поврзуваат близости и далечини на ближни, на предци и потомци. А кои, пак, без љубов ниту можат, ниту имаат сила да се искажуваат и докажуваат.

Родољубието е и лична и колективна борба. Во нејзината суштина е слободата, а негова крајност е смрт во битка за татковината-родината.

Бисера и Пламен никогаш не пропуштаат да докажат дека родољубието нема никаква врска со национализмот. Поготово не со него како идеологија која на преден план го става непријателството спрема туѓи татковини-родини.