Потребно време за читање: 2 минути

81. Инаква љубов?!

Бисера и Пламен за нивната љубов, ден и ноќ пред нејзиното повторно, договорено последно заминување во Монтреал, Канада.

Пламен со мирен тон:

-Нешто се случува меѓу нас, Бисера?

Бисера по малку изненадена:

-Што се случува?…Јас мислам ништо…Ти мислиш да?

Пламен:

-Па, судејќи според твојот однос спрема мене откако станавме самотни сопатници, особено од неодамна…

Бисера со по малку вознемирен глас и зачуденост:

-Кој однос?! Каков однос?!…Јас не сум ти иста? Не сме што бевме?

Пламен:

-Нема потреба да се возбудуваш. Само прашав…

Бисера го прекинува:

-Не се возбудувам. Напротив!…Ти праша, а сега јас прашувам: што се случува меѓу нас, Пламене? Се оддалечуваме еден од друг? Се оддалечивме?

Пламен:

-Јас зборувам за однос, не за оддалечување. Не ни помислувам на нашата љубов…

Бисера:

-А јас, пак, мислам баш на неа. Не мислам дека ни ги олабавува врските или гасне меѓу нас. Скраја да е! Мислам дека нè прави не само веќе да не сме сопатници во животот, туку сè повеќе и противници.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, поглавје 57

Пламен:

-Стварно така мислиш? Така чувствуваш?

Бисера:

-Да, и сè повеќе чувствувам отколку што мислам. Веќе е инаква љубовта меѓу нас, Пламене.

Пламен зачуден, но воздржан:

-Инаква?! Каква е таа наша инаква љубов, Бисеро?! Може конкретно?

Бисера:

-Не иста каква што ни беше. Еве прво: како да можеме еден без друг не час, два, три, не неколку дена и ноќи, туку и недели, месеци. Не мислам на сексот…

Пламен нервозно ѝ влетува во зборот:

-Зборуваш за себе! Значи, ти така чувствуваш…Значи, имам право што прашав за односот меѓу нас…Ти тоа го нарекуваш инаква љубов?!

Бисера:

-Да, инаква…Која нè води до никаква. Тоа е исто како однесување што се сведува на поднесување, а тоа, пак, доведува до рамнодушност и на крајот до неснослива состојба, па и омраза…Впрочем, и самиот знаеш дека меѓу луѓето се раѓаат и опстојуваат секакви љубови. Или, пак, една постојано се видоизменува за на крајот сосем да исчезне.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 83

Пламен по неколкуминутно молчење, со спокоен глас:

-Јас мислам дека љубовта е една и единствена. Како чиста, непорочна, искрена, непореклива. Разлики во неа се јавуваат само во постојаноста, интензитетот и самоодржливоста…Каква е нашава сегашна инаква од вчера, завчера, од пред некое време?

Бисера прилично нервозна, како да сака да го заврши разговорот:

-Ограничувачка и обврзувачка, што значи задушувачка…Баш таква! Во секој поглед!..Ако ти не чувтвуваш дека ја немаме поранешната лична слобода, дека сè повеќе нè оптоваруваат обврски, значи  меѓусебно ја задушуваме, јас чувствувам. И тоа од ден на ден, од ноќ по ноќ сè повеќе. Љубов инаква, не каква што ни беше.

Пламен изненаден, со сè поочливо бледило на лицето и одвај воздржлива лутина во гласот:

-Да, да, инаква љубов меѓу нас, инаква со не знам кого во Монтреал…

Бисера срдито:

-Не биди прост!…Треба да се срамиш!…Љубомора, а? Јас инаква во Монтреал, а ти инаква во Скопје со…Светлана? Или грешам?

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Пламен со показалецот кон Бисера како заканувачко предупредување:

-Престани!…Да престанеме!…Ја преминавме границата на пристојноста…Доволно беше!…Не прифаќам никаква инаква љубов! Ни моја ни твоја! Нашата е и ќе остане една и единствена!…Мора!…Јас замолчувам, а ти продолжи ако сакаш. Веќе не те слушам!

И Бисера замолчува. Чувствува како ја совладува преумора.