Потребно време за читање: < 1 минута

82. Значајно или безначајно

Принцип? Став? Животно кредо? За него сè е тоа и исто и слично. Важно негово, без никаква двојба. Дури и кога му противречи на некое дејствие, на прифаќање или одбивање нешто. И никому не му дозволува ни да се обиде да се спротистави со аргументи и факти, да релативизира, да негира.

Непоколеблив принцип, став, животно кредо на Пламен Бригиски:

„Сè во животот е значајно или безначајно. А во нив се содржани големото и малото, крупното и дребното, трајното и минливото, можното и неможното. Сè тоа во нив едно по друго, едно со друго, едновремено, наспоредно, очекувано или ненадејно. Сè тоа, пак, е обусловено од лично искуство, знаење и изградени критериуми. Сè во животот се сведува на значајно или безначајно“.

Го прашува скулпторот Јане Базеркоски:

-И што со значајното или безначајното? Едното го прифаќаш, а другото го отфрлаш? Еден ти е односот спрема едното, а друг спрема другото? Не мислиш дека тоа во не мала мера е упростување на нештата?

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Пламен одговара одлучно:

-Не станува збор за прифаќање и отфрлање, ниту за различен однос спрема нив. Тоа е суштина на постоењето на индивидуалниот и колективниот живот, а пред сè на растењето и извишувањето на човекот во свет во кој интересот е најголемата движечка сила и на напредокот и на назадувањето, и на смислата и на бесмислата. На неговата сегашност и иднината, сосе минатото во нив.

Јане не пропушта да заклучи:

-Значи, значајно или безначајно во живот не до смрт, туку со неа…Мошне интересно…Предизвикувачко за конкретизација…Особено кога пред нив е креативниот дух.