Потребно време за читање: 2 минути

68. Етничките симболи

Пламен им зборува на Ѕвездана и Апостол за етничките симболи, посебно на македонските. Тие го слушаат внимателно, иако многу нешта им се веќе познати:

-Симболот воопшто, како поим кој претставува концепт или квантитет, е од исклучително значење и за индивидуалната и за колективната, пред сè етничката егзистенција на човекот. Особено комплексноста на идентитетот наспоредно со вековните национални симболи на државата-знамето, грбот, химната. Тие се многу важни кога се случува атака врз народ, со единствена цел негово конечно разнебитување, разнебитување на негова територија од искони и на негова постојна држава. Конкретно за нас, Македонците, тие се симболи на одбрана на македонството како последен опстанувачки бастион.

Не знам колку знаете, досега не сме разговарале, но мора да го знаете суштественото за двата вековни обедниувачки симболи на Македонците-ѕвездата или сонцето од Кутлеш, која се нарекува и „Аргеатска ѕвезда“, и златниот лав:

Ѕвездата или сонцето е симбол на стилизирана ѕвезда или сонце со шеснаесет зраци; симбол на македонскиот народ, на македонската земја и на македонската култура. Општопознато е дека е откриен во 1977. година, при археолошки ископувања во селото Кутлеш, во Беломорска Македонија, на златна плоча со изгравирано сонце на неа,  во гробница за која се претпоставува дека е на таткото на Аклександар Македонски, Филип II Македонски. Лавот, пак, се смета за еден од најстарите сè уште „живи“ симболи во Европа. Имено, на територијата на Македонија некогаш живееле лавови. Пронадејни се фосилни остатоци во околината на Делчево. Ловот на лавови бил мошне популарен меѓу Македонците, а тоа се потврдува, меѓу другото, и со бројни мозаици и слики со такви сцени.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Златното сонце и златниот лав на македонското етничко знаме, кое се употребува секаде каде што живеат етнички Македонци, се на црвена основа, вообичаен симбол на слободарски дух и крвава борба за слобода. 

Веќе е мошне знајно многувековното минато на македонскиот грб. Лавот на него, со натпис како составен дел, го има во стари странски збирки и грбови, а меѓу најстарите е Korenich-Neorich од 1595. година, во која се наоѓа македонскиот лав на штит како грб на Македонија и македонскиот народ. Под штитот стои натписот Македонија, а над него  натпис „Cimeri makedonske zemle“-„Грбот на македонската земја“.

Интересно е дека според меѓународните хералдички стандарди постојниот грб на Македонија, кој има социјалистички стил и е со пејзажен карактер наместо историски, всушност не е грб, туку амблем.

Што се однесува на македонската химна, на неа треба да посветиме посебно внимание. Особено на текстот…Другпат.

Апостол прилично иронично:

-Фала ти на предавањето, татко. Нешто знаевме, но многу штотуку научивме.

Ѕвездана кон Апостол:

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

-Јас не чув повеќе за симболот како сплотувач и поттикнувач на заедничка акција, борба, стремеж кон самостоен и личен и колективен напредок. Особено кога е збор за, како што нагласи ти, етничката егзистенција на човекот…Јас мислам дека националните симболи на државата биле и се многу важни најмногу за одбраната на македонството.

Пламен:

-И за тоа подробно ќе разговараме другпат. Сега само ќе искажам свој став за ваше промислување и формирање сопствен:

Симболот содржи слобода, слобода на духот во човекот, а тоа истовремено значи дека е секогаш слободен. Содржи порака од сегашно за во идно време, имено дека не постои ниту мигновен, ниту минлив живот. Заедно со трагите што ги остава човек зад себе, тој го докажува сопственото индивидуално и колективно идентитетско постоење.