Потребно време за читање: 3 минути

36. Само политикант

Татко во подминати години и синко матурант. Седат еден спроти друг; таткото на двосед, а синот во фотелја. Гледаат незаинтересирано фудбал на телевизија.

Таткото видно нервозен од викањето на коментаторот станува, го стишува тонот за речиси да не се слуша, па му вели на синкото:

-Добро, синко мајкин и таткин, ете протуркавме некако до твоја матура, успеавме со судни маки и сега треба да се решиш што ќе бидеш и што ќе биде утре со тебе. Размислуваш?

Синот подзамислено:

-Да, секако татенце мое, размислувам. И тоа ептен длабоко. Мозокот ми е стварно преокупиран со тоа. Да знаеш, ич не е лесно да се решам.

Таткото:

-Ма нема ништо полесно денес. Прво и прво, ич да не помислиш да запишеш факултет. Белки и тебе како на сите во едново општество за сите ти е јасно дека е џабе студирање. Ако ти е до диплома нема проблем, ќе си купиш која сакаш и готово. Матурира угостителство, доби свидетелство за готвач и јас и мамичето ти уживаме во сè што ќе ни зготвиш и подготвиш. Сега е ред да се пуштиш во бизнис.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Синкото зарадосен:

-Ќе ми отвориш бизнис? Браво бе, татенце мој. Не ми треба многу за почеток. Едно бутиче за храна или мало ресторанче и има да растурам.

Таткото збунет:

-Што ти е тебе, синко мајкин и таткин? Јас да ти отворам бизнис?!

Синкото му ја пресекува збунетоста, му вели речиси одушевено:

-Па ти, а кој друг? Не мора да ми го купиш. Може и да ми позајмиш пари, па јас ќе најдам тамам за мене. Како за почеток. Инаку, тоа за факултетот си ептен во право. Ма каков факултет, какво студирање, каква диплома човече! Си чул ли ти за некој готвач факултетлија? Јас знам многу мајстори, ама ниеден од нив не е со факултет. А мајстори што нема да најдеш такви.

Таткото:

-Полека, синко. Да се разбереме. Пуштањето во бизнис не е тавата на оган, а рибата уште в море. Прво да си признаеме! Со наши заеднички судни маки протуркавме до матура, матурира вака-така и сега треба нешто да поднаучиш. Да, јас и мамичето ти уживаме во сè што ќе ни зготвиш и подготвиш, ама тоа не значи дека знаеш да готвиш. За мајстор имаш да учиш ихаха. Кога ти реков дека треба да се пуштиш во бизнисот, мислев да се главиш кај некој мастор готвач, да те поднаучи и научи што треба, па после…здравје.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Синкото подналутен:

-Добро бе, татенце мое мило, што ти е тебе? Во кое време живееш? Јас да се главам кај некој мајстор и да учам да готвам? Што ти е тебе?! Напротив, јас ќе најдам двајца-тројца мајстори готвачи и келнери и келнерки колку што треба, па ќе видиш како од ресторанче ќе направам рестораниште дури трепнеш…Си чул ли ти за политикант?

Таткото видно зачуден:

-Е како не сум чул? Врие од такви пред, зад и во партиите. Бизнисмени кои се секогаш со власта.

Синот победоносно:

-Ете ти! Сам си одговори! А дали знаеш колку ги има политиканти на познати ресторани и хотели? Баш такви како што ги знаеш.

Таткото:

-Знам дека ги има секакви. Веројатно и такви…Ти си за таков?

Синкото:

-За таков и за никако поинаков.

Таткото помирливо:

-Добро, синко мајкин и таткин. Како си решил, така нека биде. Сам избираш, сам ќе си тераш во животот. Ама не чекај од мене пари за твое политикантство. Сакам да ти дадам, не да ти позајмам, ама немам.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Синкото налутено:

-И ти си ми бил некој татко! Сите те мислат ептен политикант, значи парајлија, а мене ме убедуваш дека немаш за старт на мое политикантство.

И таткото налутено:

-Јас не сум политикант! Јас сум политичар! Јас не сум член на партија, па пред мене, зад мене и околу мене да врие од политиканти. Ти знаеш што е политичар?

Синкото:

-Џабе муабетов. Не се навредувај што ќе ти речам: ебати политичарот без политиканти!…И да знаеш, јас мајстор готвач ниту сум, ниту ќе бидам. Може таков само како политикант!

Скечов завршува со станување на синкото и таткото и нивно излегување од собата низ две спротивни врати. Телевизорот останува запален и со стишан тон речиси да не се слуша.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here