Потребно време за читање: 2 минути

21. Кукларска претстава

На централен плоштад пред фонтана со статуи на непознати личности од историјата куклар-мајстор изведува претстава со марионета. Ја следат два-тројца политикантски бизнисмени, очигледно безделници. Куклар-мајсторот е облечен во бело од глава до петици, а марионетата е циркуски кловн со црвени образи, црвени уши и црвен топчест нос.

Куклар-мајсторот:

-Кловну, кловну, од што ти се црвени образите, ушите и носот?

Марионетата подналутено:

-Зошто се правиш наудрен дека не знаеш?

Куклар-мајсторот:

-Не се правам. Стварно не знам.

Марионетата:

-Ами од што може да се ако не се од студ?

Куклар-мајсторот:

-Не може од шамарање, тегнење и влечење? Секако дека може, ама ти си циркуски кловн.

Марионетата се чуди:

-Што има врска?

Куклар-мајсторот:

-Добро, нема врска. И кловновите знаат да водат политика, и политичката сцена често ептен личи на циркуска, и во власта има секакви кловнови…

Марионетата му влетува во зборот:

-Ете! Гледаш како знаеш? Тоа последното…

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Куклар-мајсторот прилично ведар:

-Кловновите во власта? Ти си еден од нив?

Марионетата:

-Да претпоставиме дека сум. И тоа прв министер. На власт во држава во која се лаже и се краде многу на мало, а ептен многу на големо. Зошто како таков на таква би имал црвени образи, уши и нос?

Куклар-мајстор:

-Па, не би требало…

Марионетата:

-Точно! Не би требало да имам. Ама имам.

Куклар-мајсторот:

-Ти како прв министер си на многу голема мака. Да го раководиш, координираш многу малото и многу големото крадење, никако никој да не може да ги фати конците на твоето учество на нив, твоите просто да те обожаваат…

Марионетата подналутено:

-Ти како да се заебаваш со мене!

Куклар-мајсторот:

-Не бе…Чекај, чекај…Се сетив! Тебе ти удираат шамари по образи, ти ги тегнат ушите и те влечат за нос оние што те направиле прв министер? Оние што ги држат твоите конци в раце?

Марионетата:

-Арно ти текна најнакарај! Ај сега да те прашам: кој ги држи моите конци?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Куклар-мајсторот се дума некое време, па се досетува:

-Како кој?! Па јас!

-Значи?…Значи што?…Црвенилово ми е од тебе! Ама значи уште што? Дека и над тебе има куклар-мајстор кој ги држи твоите конци, и над него куклар-мајстор, и над него…Погледни се во огледало, па ќе видиш колку личиш на мене.

Куклар-мајсторот:

-А бе ај! Ми вртиш накај теорија на заговор, светска влада…Не си нормален!

Марионетата:

-Се правиш како да не разбираш. Погледни ги политикантскиве бизнисмени пред нас. Нели ептен личат на нас? Гледаш колку им се зацрвениле, просто им се вжариле образите, ушите и носевите?

Кога го слушнаа тоа тие, им свртија грбови и брзо-брзо се разотидоа.

Наеднаш околу куклар-мајсторот и марионетата се наредија во рамен ред до заби вооружени полицајци. Се истопори нивниот главен и им нареди да се спакуваат, па наврат-нанос да го напуштат централниот плоштад.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here