Потребно време за читање: 2 минути

18. Двајца лажливци

Сцената и публиката во целосен мрак и во длабок молк. Да има мува да пролета, ќе се слушне. Сцената е празна, нема кулиси, ниту какви било предмети, слики, фигури за доловување на простор, време, состојба, ситуација или дејствие.

Мигум еденовремено се палат два жолти рефлектора и прават кругови неколку метри оддалечени еден од друг. Потоа бавно, како подисплашени во нив влегуваат двајца лажливци облечени во бели костуми, со бели цилиндри на главите и бели ракавици. Лицата им се кловновски, а на нозете обуле железни опинци.

Се доближуваат еден кон друг постојано обѕрнувајќи се околу себе, како да се плашат. Круговите исто така, очигледно лицето за светло настојува да бидат постојано во нивниот центар.

Кога се доближуваат на чекор еден од друг, двата круга стануваат еден. Тие се одмеруваат меѓусебно од цилиндер до опинци, потоа се поздравуваат со срдечни насмевки, како да се гледаат првпат, па го водат следниов разговор:

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Првиот:

-Ти си лажливец?

Вториот:

-Да. Најголем!

Првиот:

-Невозможно! Јас сум најголем, а двајца не можат да бидат.

Вториот:

-Треба да провериме, да докажеме кој е поголем…

Првиот:

-Не поголем, туку најголем!

Вториот:

-Нема што да проверуваме! Јас сум најголем зашто прифаќам дека ти си поголем, а големи се сите што лажат заедно со нас.

Првиот:

-Значи, според тебе нема мали лажливци?

Вториот:

-Значи, според мене малите се безначајни, а нивните лаги без последици.

Првиот:

-Јас како најголем лажливец станав властодржец!

Вториот:

-Да, да, затоа прв облече железни опинци. Ама ти уште не направи ни прв чекор со нив кога облеков и јас, па е прашање на ден или ноќ кога ќе ти ја земам власта од раце. Зашто не се докажа како нејзин држач со лаги.

Првиот:

-А кој стои зад тебе?

Вториот:

-Како кој?! Нема никој! Моите големи лаги ми се доволни и не ми треба некој со свои.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Првиот:

-Е, затоа е зошто не си ти, туку сум јас најголем лажливец. Не може да си најголем ако зад тебе не стои никој макар со една најголема лага. Уште ако е странец…

Вториот:

-Ај не лажи дека странец со најголема лага стои зад тебе. Тоа не проаѓа кај мене.

Првиот:

-Да го викнам? Сакаш да го запознаеш?

Вториот:

-Веќе ти реков, мене не ми треба да стои зад мене некој лажливец со голема лага. Доволен сум си на самиот себеси и затоа сум најголем!

Се јавува громовен глас:

-Слушајте вие двајца големи лажговци. Јас ве прогласувам за најголеми обајцата. Фатете се рака под рака, поделете ја власта на две еднакви половини, па со моја сесрдна помош продолжете да го лажете народот на кој веќе му се качивте на глава…Знајте дека сте поголеми лажливци од големите, ама јас сум најголем! Зарем уште не ја научивте мојата најголема лага-дека сте на власт оти нема народ во вашава земја, туку само граѓани?…Немојте да се налутам, па да ви ги измијам тие ваши кловновски лица, да ве разобличам и да ви ги собујам тие ваши железни опинци. Тогаш ќе нема спас за вас од народот што го прелажавте и продолжувате да го лажете…Запомнете еднаш засекогаш: ако не сум јас, вие би биле мали лажливци кои никој нема да ги есапи за живи.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Двајцата лажливци рака под рака излегуваат од кругот светлина. Пред да ја напуштат сцената, се палат сите рефлектори и нивните кловновски лица стануваат тажни! Забележуваат дека од народ или граѓани како публика нема ни трага.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here