Потребно време за читање: 2 минути

11. Татко и син во предизборие

Седнале татко и син пред телевизор и внимателно следат предизборна кампања. Прво пред очи им се редат лидери од партии од позицијата, а потоа од опозицијата. Потоа прво од опозициата, па од позицијата. Се разбира, рамноправно, со еднаков третман во минутажата.

Седат и молчат, ко задумани. На челото на таткото се гледаат брчки, кои несомнено укажуваат на длабока загриженост. Устата на синот е те во широка насмевка, те затворена во длабок мислечки молк.

Таткото:

Што им е на овие од опозицијава? Наместо да кажат што сè ќе ни прават и како, тие она не ѝ чинело, ова не ѝ чини и ништо нема да ѝ чини на позицијата, па не смее никако да победи! Демек, опозицијава мора да победи секако.

Синот:

Татко, јас ти велам дека не чинат ни едните ни другите. Ниту чинеа, ниту ќе чинат. Ова што го ветуваат е гола вода, ветер и магла-глувци во табла, мижи Асан да ти баам. Јас не знам зошто си го трошиме нашето телевизиско време за нив да ги гледаме и слушаме.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Таткото:

Немој така, синко мајчин. Мораме да бидеме во тек што се случува во предизборнава кампања. Ако не сме, ако не знаеме што е што, кој е кој, каде и со кого, како ќе излеземе да гласаме? Како ќе си го искористиме своето најсвето демократско право? Како рече оној првион од опозицијана: „Вие, мои пријатели и граѓани, имате само еден ден демократија. Тоа е денот на изборите. Тоа ви е, па мислете му ја да не згрешите за да не се каете во недемократскиот меѓупериод“.

Синот:

Така е, татко мој сакан и многупочитуван, ама што слушавме и видовме досега од овие? Нешто ти е непознато? Сè едно те исто, како во секоја предизборна кампања. Барем еден да ни се истопори на екранов и да рече: „Луѓе, не ми е до власт, не ми е до победа. Само до вас ми е. Јас и мојата партија комплет ќе се вложиме, со сиот ум и знаење, со сето политичко позиционерско и опозиционерско искуство сега и овде да ви биде поарно, а за утре здравје“. Е, таков да се истопори ни ќе гледам, ни ќе слушам повеќе. Само ќе го чекам „Денот Д“ за да гласам.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Таткото:

Е, не си во право. Ни независен да има не би рекол така. Кај си чул и видел некој сиот да се вложи во сега и овде, а не и во вчера и во утре, и во таму и во ваму? Си учел на школо или на факултет за таков? Тоа му иде ко оние бунтовицине од седумдесеттите на минатиот век, хипиевци ли беа, што ли: „Не знам што сакам, ама тоа го сакам веднаш“. Тоа малку морген денес, во вакво плуларно демократско општество ко нашево.

Влегува жената на таткото и мајката на синот:

Ајде, време е за моето време! Доста ви беше! Ми дојде времето за серијата…Што ли ќе биде откако таа го фати во љубовна прегратка својот љубовник со љубовничката на нејзиниот шеф, а татко ѝ и беше љубовник на нејзината мајка? Кому како да му беше малку еднаш, па само мести да се најдат сами во неговата канцеларија?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Таткото и синот се погледнуваат, длабоко воздивнуваат, стануваат и секој си оди на своето домаќинско работно место. Таткото во кујната на миење садови, а синот во бањата на перење алишта.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here