Потребно време за читање: < 1 минута

7. Примки за животни
и птици

Се обградив со примки
за да си ги одбранам
од секакви диви животни
и стрвни црни орли
слободата, човештината,
родот, коренот и зборот
животворни
во мојава земја исконска.

Во студна глува доба
се обградив со примки,
една до друга
на сите страни земјени
и небески.

На светот му обзнанив
дека ќе бидам обграден
со нив
дури не мине студнава
глува доба.

А секој кој сака со мене
да си ги брани
слободата, човештината,
зборот и мислата
животворни,
да ми прати глас
за да го пречекам
со леб и сол
како драг и добредојден.

Штотуку ги проверив
примките,
да не се фатило
некое диво животно
да не налетал
некој стрвен црн орел;

па во бестрага
да го отерам.

Не се фатило некое,
не се фатил некој
а се надевам нема
да се фати
оти на светот совреме
му го обзнанив
обградувањето.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here