Потребно време за читање: < 1 минута

63. Смисла

Му давам смисла на нов чекор
на немошен човек со мисла
дека има уште доволно време
за до последна надеж во корени;
кои покрај изминатите,
покрај постојаните сомненија,
неизвесности и рамнодушности
продираат сè подлабоко во земја
што сал со нив сè уште успева
да ја одржува рамнотежата
на животот и смртта
меѓу стварен и заумен свет.

Му давам длабока смисла,
и здрава и разумна и гледлива,
како негов потомок,
зашто неговиот нов чекор
почетен
мора да е стамен,
предводнички,
сè до ѕвездено небо,
сè до исконско, безвременско
постоење,
сè до дело за вечно паметење.

Му давам смисла што ја има
како нов,
а дека е веќе немошен
за последна надеж во корени,
а дека е веќе близу
до замин, до исчезнување
во урнатини на празнотија.

Дека имало, дека има смисла
да  се достои на ветромет
како доблестен стожер
на сенародно движење.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here