Потребно време за читање: 4 минути

10. Десетта епизода

Амбиент прв:

Во визбената просторија за состаноци во Кулата локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска.

Амбиент втор:

Заеднички привремен стан на Европа на последниот кат на Кулата;

Амбиент прв:

Д-р Крале Марковски во првиот амбиент:

Како прво и прво без второ и второ, сакам да нагласам дека во контекстот на забрачувањето на Македон и Европа од не помала важност е и првиот брачен чекор-купувањето на „стандарден“ брачен кревет. А како второ и второ без прво и прво, значи во следната епизода ќе презентирам решавачки односно решителни моменти на стартот на односите меѓу мажот, жената и децата.

Првиот брачен чекор на Македон и Европа, значи купувањето на „стандарден“ брачен кревет ќе го раскажам во непосредна, односно дијалошка форма.

(Магарешко рикање-30 секунди и бавен претоп од првиот во вториот амбиент.)

Македон:

Штом нè фати брачнава бура, Европо моја, треба да почнеме трезвено и сериозно да гледаме на работите. Да размислуваме темелно за сè, да донесуваме решителни одлуки и да ги планираме идните заеднички интегративни брачно-вонбрачни чекори. Треба да ти е јасно, мила Европо моја, дека отсега па натаму нема повеќе да ни тече сè по своето досегашно природно, спонтано течение. Отсега заедно, со заеднички сили и знаења има ние да го течеме течението.

Европа отсечно и речиси строго:

Еве што ќе ти речам, брачен мој Македон: нема што да се договараме за чекорите! Тие се одамна познати и проверени. Знаеш кој треба да ни е првиот?

Македон:

Не знам и не ми текнува. Веројатно треба да се договориме, а притоа да бидеме конструктивни и реални.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Европа:

Знаев дека не знаеш. Инаку ќе мислев дека ти, како и сите другите сограѓани во Кулава, сте печени за интегрирање во мене однапред и одзади. Сега знам дека ништо не знаеш, ти велам јас со помош на Сократ. Првиот брачен чекор во во брачниот и вонбрачниот живот, Македоне мој мил и златен, е купување кревет.

Македон прилично изненаден:

Каков кревет, Европо моја?!

Европа со оптимистички глас:

Брачно-вонбрачен кревет, Македоне мој. Брачно-вонбрачен. За двајца. Во нашиов интегративен случај за маж и жена, односно за тебе и за мене.

Македон развеселен:

А во кој стил?

Европа:

Како во кој?! Па се знае! Во модерен, европски. Убав, широк, мек…Да ти е милина да легнеш во него и да…

Македон:

Те молам, Европо моја мила и златна, остави ги сега деталите. Ај конкретизирај се во однос на модерноста.

Европа:

И во тоа ли треба да навлегувам детално? Зарем не си чул за во форма на када за бањање, како музичко, телевизиско студио, огледалска атмосфера, со лајт шоу? Што сè многу помага главната интимна брачна обврска да оди како подмачкана.

Македон:

Мислам дека е малку незгодно да бараме од моите да ни купат таков. Не оти е прескап, туку сигурно ќе помислат дека немаме контрола врз нашите страсти…А да ни помогнат твоите со неповратни фондовски средства? Што велиш?

Европа:

Ич да не береш гајле. Сигурно ќе помогнат. Дури ќе бидат многу среќни кога ќе им побараме. Само, во рамките на ребалансот треба да водиме сметка на која буџетска сметка ќе им ги стават на располагање на твоите. Јас мислам дека е најдобро на сметката за развој на земјоделието.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Македон малку нервозно и луто:

Европо моја, мислам дека претеруваш. Тоа ти е малку потценувачки и понижувачки како за нас како забрачени, исто така, а мислам и малку повеќе за моите. Точно е дека моите родители се мошне перспективни во развивањето на земјоделието, знам дека ти многу се грижиш за запустувањето на нашите села и напуштањето на руралните средини и околини како таква, ама тие два проблема да ги проблематизираш во врска со купување брачен кревет за нас е…

Европа го прекинува по малку надмено:

Ниту потценувам, ниту понижувам. Напротив, ако ме слушаше добро, значи со начулени уши, сигурно слушна дека мислам на европски средства. Значи, на мои сограѓани во секакви игри без граници. Значи, на европски фонд од кој ќе бараме да префрлат неповратни средства на нивна буџетска сметка, а за купување на нашиот брачен кревет…Се прашуваш зошто баш на сметката за развој на земјоделието? Затоа што така најлесно и без никакво сомнение ќе бидат употребени наменски. Сака да речам дека нема да се потрошат преку Тасета, а ние да останеме без кревет и да немаме каде освен на земја…Сега ти текнува?

Македон малку сметено:

Признавам не баш, ама ај нека ти биде…Јас, пак, мислев дека според твојот опис на брачниот кревет фикннсиските средства наменети за него е најдобро, најсоодветно, па ако сакаш и најчисто, значи без шанса преку Тасета, да се префрлат во нивниот фонд за иновации.

Европа отсечно:

Грешиш, Македоне мој! Треба да знаеш дека сите замисливи и незамисливи иновации во врска со брачниот кревет се веќе измислени и вградени во него. Така што нема што да се иновира. И формално и содржински. А на мене и на моите европски колешки и колеги, пријателки и пријатели ни е добро познато дека иновативноста не им е баш својствена на недоразвиените и неразвиените. Впрочем, станува збор само за префрлање на средства кои ќе ги искористиме јас и ти. Тоа значи: едната половина преку мене одзади и однапред ќе останат европски, а другата исто така ќе останат европски, посредно преку тебе под моја контрола. Со реални шанси и со камата по извесен брачен период.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Македон:

Не знаев, ниту можело да ми падне на крајот од умот колку е важен брачниот кревет за брачните и вонбрачните односи со европска перспектива. Ај да тргнеме во конкретна реализација.

Европа:

Потпри се на моето досегашно брачно и вонбрачно искуство и ќе нема никакви проблеми.

Македон ја загледува напоречки и речиси ѝ подвикнува:

Ти свесна си што рече сега? Кое и какво искуство?!

Европа со речиси вцрвенети образи и божем збунето:

Ај па ти сега! Погрешно се изразив…Сакав да речам дека имам богато искуство во надгледувањето на трошењето европски пари во европските интегративни процеси на недоволно развиените и неразвиените рурални земји односно средини и околини преку брачни, вонбрачни, спротивнополови и истополови форми и содржини. Во кои брачно-вонбрачниот кревет игра мошне важна улога. Одиме во реализација!

(Магарешко рикање-30 секунди. Македон и Европа прегрнати ја напуштаат собата. По нив бавно се спушта завесата и завладува мрачнина.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here