Потребно време за читање: 11 минути

16. Шеснаесетта епизода

И по третпат ист амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на Кулата вавилонско-протомакедонска

Лица со гласови:

Црвенко Државнички, Александар Филипов Македонски, Д-р Крале Марковски, Македон, Европа, станари како публика.

Д-р Крале Марковски:

Барам збор, претседавачу!

Црвенко Државнички:

Зошто Ви треба, Господине Доктор Крале Марковски?

Д-р Крале Марковски:

За да ја заклучам расправава. За да не се развлече, па да изгубиме многу време. Ова што го чувме досега е сосем доволно за заклучок.

Црвенко Државнички:

Има некој против?…Бидејќи нема, повелете.

Д-р Крале Марковски:

Внатрешната убавина е поважна од надворешната. Ако ви текнува да си го поставите прашањето: „Која била и која е најубавата жена во вашите животи?“, тогаш поставете си го само доколку не сте сигурни дека е во прашање вашата жена. Ова мораме сите добро да го запомниме.

(Долг аплауз)

Д-р Крале Марковски (продолжува):

Благодарам. А сега, во рамките на оваа моја научно-политичка епизодизирана сатиралија, предлагам заедно со вас да поставиме и разработиме уште едно, мошне важно прашање или интегративен критериум: станбениот статус на вработените и привремено-невработените лица во глобални и локални рамки. Се разбира, како пример ќе го земам суредувањето на личното станбено прашање на Македон и Европа.

(Ѕвон на воловско ѕвоно-30 секунди)

Д-р Крале Марковски (продолжува):

Значи, главното прашање кое треба да си го поставиме е како да се суреди личното станбено прашање. Проблемот во однос на него, пак, е во тоа што личното станбено прашање сè повеќе станува лично и затоа е сè попроблематично.

(Три гонга)

Д-р Крале Марковски (продолжува):

Што да се прави? Како да се суреди работата? И покрај мојата стручност и компетентност односно докторска титула, морам да признаам дека јас немам решение. Но ќе се потрудам да помислам, да смислам нешто, да го домислам по некоја цена која со вас, откако ќе ја завршиме целава сатиралија, лесно ќе ја договорам.

Мислам дека за личното отанбено прашање во нашево транзиционо-првобитнокапиталистичко општество пред сè се потребни поголеми и поголеми лични средства. Тоа значи дека најголемиот проблем е каде да се најдат, како да се обезбедат. Тие најпрво треба да се бараат, па ако се најдат ќе бидат најдени, а ако не, ќе се продолжи оо барањето и прибирањето на најразлични начини и од најразлични извори. Може тоа да се случи и прекуноќ, на пример со Господ на помош, како што се вели и се мисли буквално. Или, на пример, со помош на спортска прогноза. Но за таквиот успех, во рамките на последниот пример, услов е претходно да си ги сонувал резултатите. Може и постапно да се прибираат личните средства, денар по денар, но веднаш да се констатирам дека е тоа навистина макотрпна работа и е големо прашање дали ќе ги собереш додека си здрав, а можеби и жив. Ако, пак, немаш време, ако ти се брза, во тој случај најдобро е да се договориш со некој што може да ти помогне. На пример преку заедничко вложување на твојата станбена иднина.

(Еден гонг)

Д-р Крале Марковски:

Кредит не препорачувам. Прво, затоа што во последно време лесно можеш да го добиеш, па стана мошне дискутабилен од комплексна гледна точка, а второ- треба и да го враќаш со децении, што е мошне несигурно со оглед на стандардната живеачка кај нас од денес до денес.

Најдобро е прашањето да си го суредиш во готово. Ако така не можеш, ти препорачувам да почекаш до кога ќе можеш. Дотогаш снајди се некако.

Да претпоставам дека некако си успеал да обезбедиш доволно средства и ти успеало среќно да ги уплатиш кај некој што не ѝ припаѓа на тн. организирана урбана мафија. Која, во политичка смисла нели, не постои. Велам некако, од проста причина што е таа организирана, па човек просто не знае како да не влета во нејзината мрежа.

Значи, си обезбедил првични средства и си успеал некако да го суредиш во првиот дел твоето станбено праша. А што има во вториот дел?, веднаш прашуваш.

(Еден гонг)

Д-р Крале Марковски:

Во вториот дел треба да почекаш да ти се изгради. Обично уплатуваш на стартот, во темелите, а потоа чекаш три-четири години за да ја доплатиш разликата во цената. Затоа што поскапувањето во меѓувреме е нормална појава .

Од друга страна, пак, никој не ти е виновен што не си успеал, ако не си успеал, да ја обезбедиш доплатата. Си имал на располагање толку години, па ако не си успеал тоа значи дека си бил комотен во штедењето и не си сакал ниту да претпоставиш оти нема да си ја свршиш работата докрај. Лично сакам да претпоставам дека ти не си од таквите, туку сериозен, доследен, искрен и совесен во однос на суредувањето на личното станбено прашање.

3начи, си ги изначекал наредните три-четири години уредно, па доаѓа свечениот миг во твојот живот. Со гордост влегуваш во станбеното прашање. Потоа?

Потоа уште извесно време го доуредуваш, оти според нашите градежни стандарди обично никогаш не се влегува во комплетно уреден, и почнуваш да се успокојуваш. Почнуваш нормален, отанбен живот.

(Еден гонг)

Д-р Крале Марковски:

Во меѓувреме ти се дала шанса да учествуваш во дискусија на тема: „Треба ли или не треба нашиот работен човек сам да си го суредува личното станбено прашање?“.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Според досега кажаново од мене, кое може многу да ти помогне, се разбира дека треба, и тоа по секоја, која било цена. Макар требало тоа, личното станбено прашање, тој-нашиот работен човек да си го плаќа односно суредува цел живот. Додека е жив, додека умре, а потоа да го доплаќаат оние што ќе го наследат.

(Два гонга)

Д-р Крале Марковски:

Што се однесува на вселувањето во станбеното прашање, тоа оставам да ви го раскажат Македон и Европа. Со моја констатација дека, ако навреме не реагираме однапред и одзади, Европа сигурно ќе му сугерира на меѓународниот фактор и станбениот проблем да ни се постави како критериум за интегрирањето на Кулава вавилонско-протомакедонска..

(Ѕвон на воловско ѕвоно- 15 секунди)

Македон:

Да, нашиот случај, Дами другарки и Господа другари, е мошне специфичен, па може да му послужи како ука и поука секому во и надвор од Кулава.

Најнапред, никој не може да претпостави каква и колкава е радоста кога се вселуваш, во нашиов пример во стан. И тоа каков! Ние двајцата го пречекувавме како свечен чин.

Се мислевме: ај ќе биде денеска, ќе биде утре, гледајќи ги секој ден тројцата ѕидари како се трудат навреме да си ја свршат работата. Дотогаш ќе издржиме некако во привремениот на Европа, на последниот кат од Кулава. Станот ни го ѕидаа во поткровјето.

Најпрво си купивме по нешто за облекување и собување, за кога ќе влеземе во станот да имаме нешто модерно да облечеме и собуеме. Радосни речиси до бесознание, како мали деца, стопени од радост. Потоа се организиравме како брачна двојка. Организиравме и поблиски и подалечни претставници на интегрираните, да излеземе во другите локални заедници, на бреговите на реката, и да купиме нешто од дрвенаријата. Нешто за покривање на паркетот и прозорците, нешто како украсче.

Купивме што купивме, онака од око, и баш поради тоа-од око на стартот ја згрешивме работата!

(Еден гонг)

Македон (продолжува):

Излезе незгодна работата.

На Европа, уште додека тројцата ѕидари ѕидаа, ѝ се виде станот мал. Некако многу тесен, некако ептен мал, не според европските стандарди.

На пример, регалот беше повисок за еден сантиметар од плафонот, Односно од носечкиот столб за толку понизок. Беше проблематично, поточно неможно и неприфатливо за продавачот да се враќа назад, да го замениме. Што можев друго, морав да се зафатам со градежно-занаетчиска работа. Го засеков столбот, малку го подископав, колку за еден сантиметар, па регалот некако го наместивме на место.

Потоа излезе дека спалната има премногу широки прозорци, дека не е доволно интимно осветлена, иако купивме интимен француски кревет два со два. Пак се зафатив со градежно-занаетчиска работа. Скратив едно прозорско крило, го извадив од употреба, па така и на интимноста ѝ најдов мерка.

Најмногу проблеми ми зададе кујната сосе балконот. Колку што можам да забележам однадвор, мнозина од вас при вселувањето сте се судриле со дилемата дали на Кулата да ѝ ја расипувате физиономијата. Ама брзо се решив: кога веќе почнав со интервенции поради купувањето од око, зошто да не направам целосна адаптација за наши, полуевропски, а во перспектива и европски услови на живеачка? Кој им е виновен на архитектот и на урбанистичкиот решавач што не предвиделе сè како што треба? Нели ние ќе живееме во овој стан или станче, како што постојано ме поправа Европа, барем подолго време, а не некој друг? 3гора на тоа, не ја испланирале добро ни кујната според европски стандарди: имаше место колку еден да влезе и да се заврти во неа, а за седнување ни да помислиш.

Се зафатив уште еднаш со градежно-занаетчиска работа и ја проширив за еден метар вдолж и вшир, се разбира на сметка на балконот. Сега може и комотно да се седи и комотно да се јаде во неа.

За балконот не сакав како некои, колку што можам да забележам, да бидам назаден. Кога станало мода, зошто и јас да не бидам модерен, нели така. Го застаклив да ни користи за повеќе намени. И за одмор на воздух, и за оставање на дребулии што може да ни притребаат некогаш, а зиме за оставање на зимница; се разбира, онаа што не бара смрзнувачка.

(Аплауз и удар на гонг)

Европа:

Морам да му влезам во зборот на мојот Македон. Гледам дека ве збунил, па не треба да останете такви.

Како што ви е добро познато, ние двајцата живееме привремено на последниот кат од Кулава, па сето ова што ви го изнакажа е само дел од неговото континуирано сонување дека тоа некогаш ќе се случи. Засега сме трпеливи, очекуваме да ни дозволат соодветните органи. За да не бидеме принудени на своја рака, овде тоа се нарекувало на диво, на Кулава да доградуваме поткровје за нас.

Македон постојано сонува гледајќи ги тројцата ѕидари кои сè уште работат на естетизирање на фасадата на Кулава. Јас нема ден, а да не го слушам како разочарано констатира дека овде, кај вас, се долги, предолги годините за решавање на станбеното прашање, макар и со комплетно лични средства. Освен ако си од полит-бизнис-олигархиските кругови, па на перифериските гета на соседните локални заедници веќе си изградил замок.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

А и не знам, не можам да му одговорам на прашањето кое многу често, секој ден, па и ноќе, пред да заспие, го поставува:

Ќе добиеме ли и ние еднаш клуч в рака?

(Три гонга)

Црвенко Државнички:

Имаме уште една тема на дневниот ред на состаноков на Советот што некако спонтано доби три продолженија. Тема која поради приоритетноста не можеме да ја одложиме. Таа е од селско-рурален карактер и е мошне важна за перспективниот развој на Кулава: есенска сеидба. Кој ќе каже нешто за неа?

Македон:

Бидејќи јас сум еден од таквите што ги спомнавте-со селско потекло, за што воопшто не се срамам, туку напротив многу се гордеам, јас ќе кажам нешто. А мојава Европа ќе ви докаже колку есенската сеидба е важно прашање во нејзини рамки, и однапред и одзади.

(Еден гонг)

Македон (продолжува):

Кога ни доаѓа есента, ако сакаме да се развиваме најперспективно, што значи со земјоделието како приоритетна гранка, речиси без исклучок треба да сме комплет подготвени за есенската сеидба-со агротехнички средства, семиња и сè друго што треба. Да ни остане за подготвување само уште човечкиот, конкретно селскиот фактор. Да го прифати резонот дека обработувањето на земјата не е работа за потценување и дека со неа, меѓу друго, се зацврстува или подобрува здравјето.

Нашите вредни сожители треба да се подготвуваат во таа насока, затоа што одамна сме заборавиле што е тоа земја за обработка. Во спротивно, процесот би бил премногу долг, а есенската сеидба нема време да чека. Ние, сожителите во Кулава, како што ни е добро познато, се крстиме во селаните во руралните локални заедници. Им упатуваме апели, им ветуваме дека, ако треба, во иднина ќе им помогнеме и тие да ни се приклучат, да се спуштаат од селата и планините во урбаните локални заедници.

„Вие сте нашата перспектива во прехранбена сиисла.. Останете си уште некое време на земја“, им се обраќаме и исто како тие, одвреме-навреме погледнуваме во небото, во надеж дека и тоа ќе биде на нивна страна.

Во семејните граѓански разговори, на пример во сожителските мнозинско-немнозински заедници во Кулава, есенската сеидба, кога ни доаѓа на есен, се наметнува, станува главна споредна тема на разговори, расправи и расправии. Затоа е добро што конечно дојде на дневен ред на нашиов Совет.

„Што ќе посееш, тоа ќе ти никне“, вели народот, а јас оваа народна мудрост малку би ја модернизирал:

„Што ќе помислиш, тоа да посееш. Потоа за никнувањето нема проблем“. Или: „Што ќе испланираш, настојувај тоа да ти никне“.

(Еден гонг)

Македон (продолжува):

Што се сее во рамките на есенската сеидба? Се разбира, се сеат култури. Морам да признаам дека ни самиот не знам зошто сееме во множина. Можеби поради мултиетничноста и мултикултурноста на грото локални заедници.

А колку култури имаме? Јас како Македон, а добро знам и таа како Европа, знам само за една култура која може да се нарече и мултикултура. Во смисла на онаа позната глобалистичка, евро-атлантска заложба: во заедница, унија или алијанса еднакви во различностите.

Есенската сеидба обично почнува некаде во септември, а по месец-два, најдоцна до крајот на годината, се бере бостанот. Ова, се разбира, во симболична смисла. Министерствата за културна исхрана потоа одржуваат долги состаноци и расправии за тоа кој колку бара, а кој колку може и треба да добие. Избраните членови подготвени настапуваат со мислења и ставови од базата за личните потреби во есенската сеидба. Едни се држат за главната тема: да ја креваме иа многу повисоко ниво присутноста на азбуката во нашето секојдневје, односно да ја множиме читачката навика. Други се држат за втората: да си го спасиме филмот пред очи. Ако го пуштиме да пропадне, што ќе му прикажуваме на нашиот работен човек? Трети, пак, се држат за третата: треба да ги продолжиме и зголемиме драмите во животот. И тоа како оние странските, така и домашните. Само така иашиот живот ќе биде почесто не само на цена, туку и на сцена…И така со ред.

Европа:

Јас сакам само да го надополнам Македон. Сум забележала дека и во вашите семејни разговори состојбата е слична, што искрено ме радува: еден член се фаќа за една тема на дневниот ред, а другите рамноправно одлучуваат на кои култури ќе им се даде предност во есенската сеидба. Што е во рамките на евро-атлантските демократски придобивки. Брзо се доаѓа до консензус. Затоа сите се однесуваат конструктивно, без оглед дали се позиционери или опозиционери. Во овој контекст, јас лично за политичкиот дијалог немам забелешки.

(Два гонга)

Европа:

Бидејќи е така, за европските во мене, и одзади и однапред, не е никаков проблем што конечната одлука ја носи фатениот; на пример, да се спасува филмот пред очи, со поголема присутност на азбуката, но и со правење драми во животот за тој да биде на цена и на сцена…Се разбира дека тоа нема и не може да ги занемари, тотално да ги запусти другите, како што се бојосувањето од жабја и птичја перспектива, мислам на ликовните мајстори и дела, па на компонирањето и свирењето на сите страни со цел животот да стане песна. И така натаму и така наваму.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

(Краток аплауз)

Д-р Крале Марковски:

Добро, на крајот од овој состанок би сакал да слушнете за уште еден настан од блиското минато, кој на директен и индиректен начин ја илустрира првата фаза од реализацијата на евро-атлантската интеграција. Конкретно за тоа како се станува градски човек односно градски селанец. Се работи за едно кадро за спомен. Бидејќи станува збор за лично искуство, го повикувам Александро Филипов Македонски да ни го прераскаже:

Црвенко Државнички:

Може. Ајде, повелете Филпов Македонски…А вие кои, гледам, веќе ве фаќа дремка, нема проблем. Ако не можете да издржите уште малку, ви дозволувам да заспиете. Другите нека внимаат на нив да не ‘рчат.

Александро Филипов Македонски:

Ви благодарам на дадениот збор.

Дали знаете дека јас едно време бев студент? Не знаете? Веројатно немало кој да ве информира. Е, сега и тоа го знаете.

Уште од раните детски години ме привлекуваше градскиот живот. Некој, нели, сонува да си изучи занает, некој да се вработи во фабрика, да стане рудар или ѕидар. Има и такви кои сонуваат да станат политичари или да се вработат во јавната администрација. Со еден збор, да се стекне со некоја ваква или онаква професија. Јас почнав да сонувам да станам градски човек. Па решив, штом ги почнав младите години, да го напуштам татковото огниште и да заминам во град, во некоја од сегашните урбани локални заедници.

Се запишав на еден факултет за побрзо да стасам до целта. Други начини и патишта не познавав. Прекубројните студенти, колеги и пријатели ме советуваа да тргнам по полесен пат. Веројатно ги подучило сопственото искуство, залудно потрошените десетина факултетски години. Јас се одлучив за средината: факултетот да не го напуштам, тој нека стои и натаму како светла точка во мојата перспектива, а истовремено да го користам и полесниот пат.

Ех, камо среќа да не ги послушав моите пријатели, колеги и студенти. Немаше така брзо да си ја прокоцкам среќата, толку брзо да се судрам со својата судбина. Ако ништо друго, барем факултетот ќе го завршев.

Почнав да гледам околу себе. Ги гледав студентките! Ги гледав на вежбите и на предавањата. И на по некоја асистентка и професорка погледнував, ако доаѓаше до израз. А тие, студентките, сите бре, од ред кукли. Убави, стројни, извишени до небо. Сè што имаат да покажат го покажуваа, се трудеа да го истакнат. Око не им трепнуваше поради тоа…Во лицата да им се загледаш, целиот ќе се огледаш. Како бистри езерца. Во очите ли, како во изворчиња. Како сликар да ги насликал, како вајар од мермерен камен да ги изделкал.

Моите колеги, студенти и пријатели, бараа начин како да ме спасат, да ме вратат во нормален колосек:

„Не треба многу да ги третираш. Ќе се вообразат“, ме советуваа тие, а јас никако да се одвикнам студентките да ги гледам сите од ред кукли.

„Пробај да ги фотографираш. Може тоа да те спаси. Полесно ќе им приоѓаш, ќе градиш многу понепосреден контакт со нив. Ако продолжиш вака, може ќе ти ослепат очите“, ме советуваа тие.

И се согласив, немав каде. Купив фотоапарат.

Што било убаво тоа хоби, не можев ни да замислам. Станав речиси професионалец. А тие, убавите кукли, како што ги носел умот, одвај да ти чекале да најдат некој таков, макар и почетник како јас. Мода станало да се фотографираат, и тоа голи! Евентуално полуголи, ама никако облечени. За милина да ги кадросуваш.

Ѝ приоѓам така на една од нив со мојот фотоапарат, опремен со блиц и телеобјектив речиси метар, и ѝ велам дека сакам да ја извадам на кадро. Таа, како и секоја друга, веднаш се кандиса. Прво ја однесов во една шума. Таму направивме неколку пози. Потоа во мојата соба.

Сè сторивме како што си е редот. Не пропуштивме и не оставивме ништо за после. Ја изнакадросав за мерак. Се запознавме убаво, темелно што се вели. Таа, додека земаше здив помеѓу две пози, си го кажа името: Ш.А. И веднаш ми влезе во глава…

Да, да, тоа беше никој друг, туку мојана Ш.А., мојана денешна судбина!…Дури подоцна разбрав од неа дека и таа го напуштила татковото огниште, и таа дошла во град за да стане градска жена. Така се судривме, се запознавме, и ја суредивме работата.

Набрзо потоа Ш.А. ми забрани да продолжам да кадросувам. Прво ми даде солуција да кадросувам живи и мртви природи, пејзажи, градски панорами, ама јас тоа не го прифатив.

„Кадроса што кадроса и доста ти е“, ми рече. Ништо друго не дорече.

(Магарешко рикање-30 секунди)

Ех, што да ви кажувам уште. Од таа животна фаза ми остана само едно кадро за спомен. И мојата судбина! На кадрото, кој друг, ако не мојана Ш.А. Насмеана, весела, во поза што предизвикува грешни мисли, размисли и чувства.

(Магарешкото рикање продолжува уште 30, секунди. Потоа се спушта завесата, салата се затемнува, па се осветлува. Публиката аплаудира крената на нозе и полека, без турканици, излегува.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here