Потребно време за читање: 6 минути

7. Седма епизода

Амбиент:

Европска престолнина, една од големите свечени сали за организирање самити, па сала за прес конференции.

Лица:

Трпе Трајчевски, Д-р Крале Марковски, Македон, Европа, европски пратеници, Новинарка 1, Новинарка 2, новинари

Трпе Трајчевски:

Драги слушачи, читачи и гледачи, сега ќе ве префрлам со микрофонот во европската престолнина, каде што се одржува самит на тема: „Извесност и неизвесност во кредитодонаторството на големи проекти во земјите на малите народи и етничките малцинства“. На него се очекува стручно-компетентен настап на Македон. Потоа лично ќе ви организирам прес конференција со него и Европа преку сателит односно оне лајне и со симултан превод. Од причина што излагањето на Европа во Советот во Кулата и на Македон во престолнината се многу блиски и се надополнуваат; просто како да ги подготвувале односно што значи ги пишувале заедно.

(Инструментална музика-до 1 минута)

Д-р Крале Марковски:

Мили и драги наши слушателки и слушатели, читачки и читаки, гледачки и гледачи. Во продолжение на мојава научна монолошко-дијалошка сатиралија на тема однапред и одзади, дозволете ми да ве префрлам во европската престолнина, каде што се одржува мошне важен самит за сите што од петни жили се трудат да ѝ влезат на Европа, како и Кулата вавилонско-протомакедонска, на тема: „Извесност и неизвесност во кредитодонаторството на големи проекти во земјите на малите народи односно мнозински заедници и народности односно немнозински, со акцент на најмнозинската од нив“. Токму во овој момент го започнува своето стручно-компетентно настапување и истапување нашиот Македон. Ви напомнувам, да не се заборавите, дека потоа ќе ви организирам прес конференција со него и Европа преку сателит и со симултан превод на нашите два официјално-службени јазика, македонскиот и албанскиот.

(Тонско-визуелен џингл- LATENTIA HRONICUS – ОДНАПРЕД И ОДЗАДИ)

Македон:

Уважени, ептен почитувани, од високи до највисоки европски Дами и Господа,

Искрено и од сесрце ве поздравувам во лично име и во името на моите сожители во Кулата вавилонско-протомакедонска. Истовремено, ви се заблагодарувам што ми укажувате ваква ретка можност да се изразам на темава со моите скромни знаења и искуства. Нема да бидам долг оти, како сите вие, и јас немам многу време за растурање. Значи, ќе се трудам да бидам најкус што може.

Според моето лично и нашето колективно мислење, мислам на сублимираното од сожителите во Кулата, темава за нас малите е мошне важна и очекувам така да биде сфатена од сите вас. За тоа да не ви биде тешко, ќе укажам на суштинската разлика помеѓу извесноста и неизвесноста воопшто, а потоа ќе преминам на специјалното односно конкретното- тие во рамките на кредитодонаторството на големи проекти во земјите на малите народи односно мнозински заедници и народности односно немнозински заедници, со акцент на најмнозинската од нив.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Извесноста од филозофски, но и од практичен, поточно животен аспект, е од извонредна важност. Сама по себе, таа значи една сигурност, една стабилност денес, а истовремено и надеж во подобро утре. Кога е човек извесен, се чувствува некако исполнет, важен, почитуван, па во некоја рака дури и горд на себеси, пред сè и над сè затоа што не е неизвесен. Тоа вие, веќе влезени во Европа и однапред и одзади, го знаете многу подобро од мене, а лесно се забележува штом човек ќе ве погледне право в очи. Со тоа што не го веднете погледот пред таков поглед, вие всушност докажувате дека со право сте европски.

Неизвесноста, пак, е опасна, поразителна, тотално разочарувачка ситуација во која, кога ќе се најде, човек просто не знае како да се однесува; за од некои сили, вакви или онакви сеедно, да не биде однесен во неврат како од силен ветар. Таа е особено опасна и тотално раочарувачка за малите луѓе и, пошироко, малите народи односно немнозински заедници. Можете само да замислите, кога би се замислиле, што значи за нив неизвесноста во однос на влегувањето во Европа однапред и одзади. Таа е сега кај нас, подолго време меѓу нашите редови. Веќе се навикнавме на неа, на нејзините интимни и јавни потреби и барања, па можам со сигурност да речам дека станавме исти како неа. Од друга страна, пак, сме сè уште неизвесни. Тоа така не може да трае долго, ако не сакаме да се растури работата, по што ќе ни биде сеедно дали сме во или надвор од неа. Значи, неизвесноста е проблематична и за вас како извесни, а не само за нас како такви.

(Аплауз, извик: Браво-брависимо)

Македон (продолжува):

Благодарам, многу ви благодарам. Но, дозволете ми да се доизразам односно да завршам. Во контекст на темава-кредитодонаторството на големи проекти, сакам да потенцирам дека тоа е од судбинска важност не за опстанокот на нас малите, и без него досега сме опстанувале некако, туку многу повеќе за натамошниот развој на вас, влезените во Европа. Особено на вас, големите помеѓу нив. Сакам да речам, ако не нè кредитодонирате, притоа јас, во интерес на подоброто разбирање на нештата, тоа би го разделил на две со удирање на поголем акцент на донаторството отколку на кредитирањето, во тој случај ќе станеме уште поголеми случаи за решавање во рамките на вашите интересни сфери на влијание. Како што било во историското блиско и далечно минато, таквите како такви во такви случаи, како што е општо и посебно познато, ви биле ептен интересни. А јас сум сигурен дека тоа во овој момент не ви е од интерес, туку едиствено интересно ви е евро-атлантското интегрирање на таквите како нас. За вашето кредитодонаторство, не треба да потенцирам, ќе ви бидеме вечно благодарни и, се разбира, ќе ви вратиме ако треба и стопати повеќе.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

На крајот, Дами и Господа, сакам најдобронамерно да ве предупредам дека извесноста и неизвесноста во реализацијата на големите проекти и тоа како ќе се одрази на мнозинската и немнозинските заедници, со акцент на најмнозинската од нив. Едноставно, за мошне скоро време ќе бидете принудени и вашиот народ да го прекрстите во мнозинска, а вашите народности односно малцинства во немнозински заедници, помеѓу нив да ја акцентирате најмнозинската, па потоа и за вас да биде нужно организирање на ваков или сличен самит. И тоа влезени во Европа ем однапред, ем одзади.

(Аплауз-подолг)

Д-р Крале Марковски:

А сега, благодарение на сателитот и модерните директни врски, ви овозможувам, драги и мили слушателки и слушатели, гледачки и гледачи и читачки и читачи, да присуствувате на две прес конференции како една: со Македон во престолнината на Европа и со Европа во Советот на Кулата вавилонско-протомакедонска. Новинарите ќе прашуваат, а прашуваните ќе одговараат. Ако не знаат односно не можат, имаат право да премолчат, па и да одбијат да одговорат. Според мое лично мислење и убедување, а со оглед на моментното расположение на новинарите, можеме да очекуваме освен маргинални и дилетантски и важни и мошне деликатни прашања. Симултаниот превод на нашите два официјално-службени јазика, македонскиот и албанскиот е само уште еден европски придонес во развивањето на соживотот, толеранцијата, меѓусебното разбирање на мнозинската и најмнозинската од немнозинските заедници.

Новинар 1:

Господине Македон, дали знаете од кај ви е името?

Македон:

Како може јас да не знам? Ако Вие не знаете, да ве научам. Името ми е од кај што сум. А сум од Кулата вавилонско-протомакедонска. Некои неконструктивни елементи ја нарекуваат само Кула вавилонска, без додавката протомакедонска, што е во најмала рака тенденциозно и антиципативно. А за богот Македон, ако помисливте, сега не е време и место да се објаснувам и да се изјаснувам. Просто зашто не влегува во контекстот на евро-атлантските интегративни процеси.

Новинар 1:

Имам прашање и за Европа. Дали ти, Европо, за време на престојот во Кулата, значи досега, во досегашниот процес однапред и одзади доживеа некои убави интерни и екстерни доживувања?

Европа:

Се разбира, без нив мојот престој овде би бил дискутабилен и неаргументиран. Би ги потенцирала оние однапред, а за оние одзади сè уште немам јасна претстава во однос на доживувањето.

Новинарка 1:

Јас би ги прашала обајцата што мислат за расположението на сожителите во Кулата. Дали е тоа анкетирано?

Македон:

Јас мислам дека нема потреба од анкетирање. Желбата за брза, ако може уште денешна интергација во ЕУ и НАТО е огромна, над сто насто. Во унијата поради можноста за влез во неа и однапред и одзади, а во алијансата од безбедносни причини-за да не ѝ падне на памет на некоја од соседните земји-нејзини членки да нè нападне, да ни ја освои Кулата, па потоа да ја претвори во урнатини.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Европа:

И мене ми е познато ова што го тврди Македон. Сум го проверила. Но, сепак ќе речам дека на жителите на Кулата ќе треба допрва да им се објасни што ги чека, поточно што сè ќе ги начека. На пример, дека влегувањето во мене не е лесно од причина што, прво, јас сум сериозна, да не речам возрасна, да не доречам стара дама, со солидно секакво искуство, а второ, прибидејќи сум стандардна, а тие нестандардни, процесот допрва ќе биде тежок, мачен, проблематичен и драматичен.

Новинар 2:

Имам забелешка за обајцата и прашање за Европа: не дадовте конкретни ситуации и податоци за моментната состојба во Кулата вавилонско-протомакедонска во однос на нивната сожителска перспектива. Моето прашање, пак, е: дали има тенденција во поврзувањето на љубовта и верноста со извесноста и неизвесноста во однос на мултиетничноста и мултикултурноста?

Европа:

Знаете што, Господине новинар? Забелешката можам да ја третирам единствено како ваша недоволна информираност со тековните процеси и промени, особено во реформирањето на судството, економијата и интензивирањето на политичкиот дијалог. На тој план многу помагам, а можам да истакнам дека се постигнати мошне значајни позитивни резултати. Особено кога станува збор за политичкиот дијалог кој, благодарение на моите настојувања, постепено прераснува во тријалог, четиријалог, петијалог, а сигурна сум дека, со оглед на тоа што има многу партии, наскоро ќе дојдеме и до ендијалог. Во секој случај, ни многу од влезените во мене не можат да се пофалат со таков развој на дијалогот помеѓу партиите. Просто човек не знае дали власта владее или владее опозицијата со својата максимална конструктивност.

А мојот одговорот на прашањето е дека нема никаква тенденција, затоа што тие нешта не можат да се поврзат кога станува збор за глобалните и локалните односно брачните рамки и за кредитодонарството. Ме разбравте, нели?

(Магарешко рикање-30 секунди)

Трпе Трајчевски:

Ете, драги и мили слушателки и слушатели, гледачки и гледачи, читачки и читачи, се надевам дека добивте општ впечаток за позициите и степенот на развиеност на односите помеѓу Македон и Европа од една, и меѓународната и заедницата во Кулата вавилонско-протомакедонска од друга страна.

(Магарешкото рикање продолжува уште 30, секунди. Се спуштаат завесите, салите се затемнуваат, па се осветлуваат. Сите актери аплаудира 5-6 секунди крената на нозе и излегувајќи низ излезните врати полека и без турканици.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here