Потребно време за читање: 6 минути

22. Дваесет и втора епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на кулата

Лица со гласови:

Трпе Трајчевски, Црвенко Државнички, Д-р Крале Марковски, Александро Филипов Македонски

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Трпе Трајчевски:

Вашиот најнезависен и најслободоумен новинар, драги мои, сега е во визбената сала за состаноци на Советот. Седницата започна, а се очекува на говорницата да излезе Доктор Крале Марковски.

(Бурен аплауз)

Црвенко Државнички:

Другарки и другари, Дами и Господа советници, со оглед дека ни доаѓа еден мошне значаен, дискутабилен, пресуден период, во кој ќе имаме и нови локални избори, Доктор Марковски ми најави дека ќе ни одговори на едно мошне провокативно прашање што ќе го илустрира со пример од нашата стварност. Повелете, Господине Доктор.

Д- р Крале Марковски:

Благодарам, Претседавачу.

Моето прашање до сите вас гласи: Дали во вашиот став се крие страв?

Не случајно, не намерно и не залудно поставувам вакво прашање. Сум забележал дека некако како да ви стана навика, народен обичај: многу лесно градите став, потоа го браните како личен и преличен, единствен и поставен на линијата, но само дотогаш додека од него не ви излезе скриениот страв! Скриен, а не сте биле ниту свесни, ниту совесни дека ви бил таков.

Како се покажува, како се потврдува тоа во практиката? Најчесто на состаноци или во полемики и кавги. Ако некому не му е јасно што сакам да речам, нека ме слуша внимателно.

Состаноците, нели, ги делиме на заеднички и незаеднички односно индивидуални, интерни, приватни. Можат уште да се поделат на работни и неработни. Може и на плодни и неплодни.

На заедничкиот состанок ставот во кој се крие стравот се дефинира вака:

„Другарки и другари, Дами и Господа, мојот став е изграден врз база на досегашните искуства и сознанија што призлегуваат од досегашната предметна дискусија. Сметам дека оваа точка од дневниот ред можеме да ја заклучиме со ставот што го изнесе Претседавачот уште на почетокот од дискусијава. Но, се разбира, малку проширен со забелешките и позитивните сугестии што ги изнесовме заеднички.“

Овој став, со страв, на ваков состанок обично не го браните премногу и предолго, а не го браните вака:

„Се извинувам, јас не мислев дека мојот став е докрај цврсто и темелно фундиран. Само ми се чинеше дека е така. Мислев, но не бев сосема сигурен дека е правилен. Ако треба, ако ви пречи, нема проблеми. Ќе го повлечам или ќе го корегирам. Ќе се согласам дека е апсолутно правилен ставот на Претседавачот. И не му се потребни никакви корекции, туку веднаш треба да го прифатиме. Време е да минеме на следната точка од дневниот ред.“

Незаедничкиот односно индивидуалниот, интерниот, приватниот состанок ќе го прескокнам, оти на таквиот тешко може да се разграничи и дефинира што е личен став и дали во него се крие страв.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Работниот состанок прво ќе речам дека се одржува во работна атмосфера, а потоа и тоа дека има работен карактер. Според тоа, и ставовите изнесени на него се работни или, поблаго речено, продуктивни, па се бранат како такви:

„Колешки и колеги, следејќи ја нашава работна дискусија, јас некако успеав да изградам свој став“, се јавува некој од вас по втор и последен пат во дискусијата: „Можеме да го прифатиме, доколку немате ништо против. Мислам дека треба да се свртиме повеќе кон себеси, да се погледнеме очи в очи и да си ја гледаме нашата работа. Со други зборови, мислам дека треба повеќе да работиме. И тоа сите до еден, и сите за сите.“

Сите аплаудираат на ставот, но вие, шетајќи со гордиот поглед помеѓу колешките и колегите, работните луѓе, наеднаш ги запирате очите на Претседавачот кој како да се замислил длабоко, се задлабочил во нешто и ве погледнува откосо. Кога се стишува аплаузот, одново се јавувате за збор, по трет, последен пат:

„Колешки и колеги, ставот што го изнесов пред вас мислам дека е правилен. Но, кога ќе се размисли подлабоко, би можел малку и да го корегирам. Да, точно, треба, мора да се работи, мораме да работиме сите до еден, сите за сите. Но ова последново, „сите до еден, сите за сите“, бара објаснение. Да не бидам погрешно разбран: мислам на сите оние што треба и мора да работат. Значи, мислам пред сè на нас, директните, непосредните производители.“

Став со страв, а стапот далеку од ставот. И немате гајле. Сигурни сте дека гајлето ниту на сон нема да ви дојде. Ни да ви дојде, ни да ве фати.

Неработните состаноци исто така ќе ги прескокнам оти, како што ни е добро познато, нив досега или ги немавме или беа во мал, незначителен број. А веќе се применува и ставот таквите воопшто да не се држат.

На плодните и неплодните состаноци во однос на ставовите и стравовите состојбата е слична. Со таа разлика што тие ставови се во поголем или помал број, но никогаш во множина. И со таа разлика што тие стравови се во поголем или помал број, но секогаш во множина.

Сега да се задржам на полемиките, односно кавгите.

Кај нас нема поголеми полемики и кавги. Се јавуваат само повремено, само одвреме-навреме, колку да кренат прав, како да ќе расчистат нешто. Но набрзо ги снемува, како воопшто да не почнале. Тоа секако не значи дека немаме искуство. Напротив!

Некултурните полемики и кавги нема да ги земам предвид оти во културните средини, каква што е нашата, таквите не постојат и нема услови да се јават.

Во една таква, културна полемика изнесувате ваков став со страв:

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

„Многупочитуван од другата страна на барикадата! Од нашата досегашна полемика ќе се обидам да дефинирам еден став кој ќе биде прифатлив и за Вас. Со него би можеле и да ја завршиме полемикава. Ако не се согласувате целосно, ако сметате дека не е доизграден, добро поставен, дополнете го со ваши сугестии што ќе ја доразјаснат и дорасветлат работата. Мислам дека сосема правилно Ви го поставив прашањето уште на почетокот од нашава полемика. Вашиот обид да одговорите на него не Ви успеа оти јас имам право, а Вие немате. Но, се согласувам дека имате мислење за односното прашање. Само не и цврст став, ами став со страв. Како што е познато, таквите ставови не можат да опстанат во нашата локално- самоуправна и културна практика. Според тоа, прифатете дека Ви поставив правилно и навремено прашање и оти е неопходно да се корегирате во тој контекст“.

На крајот од ваквиот ваш став се јавува скришно скриениот страв:

„Дозволувам дека прашањето не беше најсреќно формулирано. Ако немав право во сè, тогаш ќе дозволам и Вие да имате право во нешто. Можеби немам право, но мислам дека нашава полемика беше обострано корисна. Ве уверувам дека немам никакви недоумици, дека сум апсолутно и идејно на линијата на нашата правилна културна политика и развој. Ова го потенцирам оти се случува и во вакви полемики, каква што е нашава, да се јават сомненија и да ѝ се лепат на спротивставената страна идејно неприфатливи етикети и квалификации. Јас немав ни на крајот од умот такви тенденции, ниту ќе ги имам некогаш“.

(Аплауз)

Црвенко Државнички:

Има уште еден круцијален проблем, поточно критериум што се наметнува сам по себе во евро-атлантските интегративни процеси: конструктивноста. Кој се јавува да посвети малку внимание на неa?

Александро Филипов Македонски:

Јас, Претседавачу, на тоа прашање му посветувам големо внимание подолго време, па би можел…

Црвенко Државнички:

Може, како не можело. Со оглед дека прашањето односно критерирумот е мошне сериозен проблем,  добро што се најде некој помеѓу вас… Повелете, Господине Филипов Македонски.

Александро Филипов Македонски:

За да си ја докажам на себеси, а докажана да му користи на секој што му треба, најмногу се задржав на пријателството. И со право, оти дојдов до сознание дека тоа во својата суштина е најконструктивно. Се разбира, кога е искрено. Лажното во суштина и не е пријателство.

Пријателството ви е, другарки и другари, Дами и Господа, голема работа. Сè може да ви недостасува, ама пријателството никако не смее. Од сите богатства и драгоцености во животот, освен златото и среброто, пријаталеството е непроценливо. Речиси рамно на нив.

Ако имаш пријател, тоа значи дока си цел човек. Ако го немаш, тоа значи дека си во најмала рака половина човек.

Се знае: пријателот никогаш нема да те изневери, нема никогаш да те остави на цедилка, да се исцедиш низ неа. Ќе ти помогне и кога помош не ти треба. Ќе те ислуша, ќе те преслуша, ќе те научи, советува, ќе те израдува, успокои, и последното: ќе те оптимизира кога си тотално скептицизиран.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Слушнете го ова:

Познавав двајца пријатели. Секогаш беа заедно, па и кога не требаше. Велеа: што знаеш, може да затреба за не дај Боже.

Се случило, да не се повтори. Само еднаш им се беше случило да не бидат близу еден до друг. Одвај некако преживеале.

„Биди убеден дека ништо, ама баш ништо не може да го расипе нашето пријаталство“, се убедуваа тие меѓусебно. Патем речено, ме убедуваа и мене. И бев убеден. Со други зборови, нивното пријателство имаше цврста, армирана основа.

Ама една вечер си се шетале двајцата пријатели, кога…да ти сретнат една убава женска конфигурација! Еднаш, само што ја сретнале, и двајцата посакале да ја запознаат, да ѝ го испитаат, проучат и научат теренот. Се договориле меѓусебно, си размениле мислења и ставови за тоа кој прв да почне.

Во интерес на цврстото пријателство прв почнал едниот. Женската конфигурација издржала соодветен третман кај едниот, а после минала во рацете на другиот пријател. Овој, пак, како да се занел повеќе од првиот и…нешто пукнало. Светнала молња, како да удрил гром.

Женската конфигурација покажала поголемо тендирање кон стабилноста на другиот пријател.

Што после? Што се случило?

Седнале двајцата пријатели да ја преиспитаат новонастанатата ситуација:

„Во интерес на нашето пријателство ќе ја напуштиме оваа и ќе побараме нова конфигурација за освојуваање“, се договориле конечно и се разделиле со ветување дека наредната вечер пак ќе прошетаат заедно за да ја реализираат новата тенденција.

Меѓутоа, во текот на ноќта пак како да светнала молња, како да удрил гром . Нешто пукнало.

Имено, вториот пријател почнал да тагува повеќе од првиот и женската конфигурација, што ја напуштиле во интерес на цврстото пријаталество, преку ноќ им го разнишала пријателството. Вториот пријател ги изневерил ем договорот ем цврстите меѓусебни врски. Се покажал ептен неконструктивен.

(Аплауз)

Црвенко Државнички:

Извинете, Господине Филипов Македонски, ама јас лично баш не ти го разбрав примерот во корелација со конструктивноста.

Александро Филипов Македонски:

Како не го разбравте, Господине Црвенко Државнички? Ај да Ви помогнам: искреното пријателство се базира на конструктивноста, а љубовта односно вљубувањето на индивидиуалните емоции и афективните состојби.  Па, кога љубовта односно вљубувањето ќе се замеша во пријателството, се разнишува базата со сè друго, значи и конструктивноста.

На пример, љубовта помеѓу брачно-вонбрачните сопатеници Македон и Европа е пријателска оти се базира на конструктивноста на нашите напори за евро-атлантска интеграција. Ако таа случајно не се случи, бидете сигурни дека сериозно ќе се разниша и најверојатно сопатеништвото ќе пропадне.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here