Потребно време за читање: 5 минути

25. Дваесет и петта епизода

Амбиент:

Визбена просторија во Кулата-состанок на Советот;

Лица со гласови:

Црвенко Државнички, Македон, Европа.

Црвенко Државнички:

Почитувани другарки и другари, Дами и Господа советници, судија и поротници, на дневниот ред на денешнава последна седница на нашиов Совет во овој состав најавувам прво многу важна ука и препорака за сите нас, а потоа ќе се задржиме на една појава што многу влијае на нашава предноворамковна предизборна атмосфера. За секоја точка имаме обезбедено говорници и раскажувачи, а јас оценив дека нема потреба и нема да има дискусија.

(Еден гонг)

Црвенко Државнички (продолжува):

Значи, да почнеме. За првата точка договорив со своето лично искуство да нè запознае Господинот Македон. Повелете, Господине Македон.

Македон: 

Благодарам, претседавачу Црвенко Државнички.

Почитувани сожители, имам намера да ви дадам совет како да му ја затнете устата на оној што не ви дава збор. Или во слободен превод од странски: начин како да се модернизира нашиот современ литературен јазик.

Искуството што сум го стекнал во таа смисла ми е собрано од дискусиите, расправиите и полемиките што кај нас обично не почнуваат, а ако се случи да почнат обично завршуваат.

(Краток аплауз)

Македон (продолжува):

Мене лично ме плашат странските зборови. Најмногу ме плашат кога не им го знам или не им го разбирам значењето. Ај да се илустрирам.

Се обидувам јас да му објаснам нешто од интимниот свет на мојот пријател Ф.Х. Му велам:

„Интимноста е мошне важна работа во животот. Таа е во непосредна корелативна врска со искреноста. Меѓутоа, со таа разлика што искреноста нема апсолутно никаква врска со интимноста“.

Тој ме слуша со концентрација и внимание, ама по извесно време сè повеќе губи трпение:

„Ајде престани!“, просто како да ми наредува. „Доста ме контраромпираш“.

Јас прво замолчувам, па длабоко размислувам, па се прашувам: што му значи сега ова? Не успевам да домислам, па сериозно го прашувам:

„Ти сериозно мислиш дека те контраромпирам?“

„Сосема сериозно“, одговара тој крајно сериозно.

„Ама се шегуваш, пријателче“, го вртам јас него околу малиот прст. Сакам да речам, ја свртувам водата на моја воденица.

Молневито размислувам: што значи тоа контраромпира? Веројатно е некој странски збор, малку одомаќен во нашиот јазик. Ама ако е така, тогаш јас не сум му добар домаќин на јазикот наш денешен и модерно литературен!…Може ли да му се фати смислата? Она контра мора да е нешто со контра. На пример, контраверзија, контрапункталност, контрактност. А ромпира? Не знам, да пукнам не знам. Ми личи на погрешно употребен збор. Можеби Ф.Х. мисли на ротирање, ротација? Ама кој кого ротира во потесна и поширока смисла?

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Ф.Х. како да ми ги читаше мислите, па уште повеќе ми ги разниша дилемите кога ми ги пресече:

„Изгледа погрешно се изразив. Мислев да речам да престанеш да ме конконрептуваш“.

„Молам?!“, како да не го дочув добро и ја зинав устата.

„Конконрептуваш!“

„Па добро, ако ти пречи, нема повеќе“, одговарам јас и наивно, да не речам глупаво си се смешкам.

„Знаеш што значи конконрептување?“, сега тој преоѓа во напад. „Знаеш или не знаеш, те прашувам јас на крајот од баладата“.

„Знам, знам. Како може јас да не знам?“, го одбивам нападот и го гледам право в очи. Тој почнува да се смее. Почнувам и јас. Тој продолжува да се смее. Продолжувам и јас.

„Добро кога знаеш. Кога знаеш… Ај со здравје“, ме остава во тешка дилема. Мене не ми успева да го оставам.

По еден ден мојот пријател Ф.Х. ми се јавува на телефон:

„Ало, ало, како си? Што правиш? Добро ли си? Со здавје ли си?…Кај си? Што си?…“, и сè друго ме прашува во тој стил.

Прифаќам да разговараме. А додека разговараме, мене наеднаш ми текнува за зборот чие значење, и покрај мојата упорност да го пронајдам во речниците на странски и домашни зборови, во енциклопедиите, лексиконите, законите, сè уште не ми беше познато.

„Ајде доста!“, му наредив во телефонот. „Престани да ме конконрептуваш“, му викнав, па спротивната страна на телефонот одеднаш занеме. Како да го слуша летањето на некоја мува.

„Браво!“, извика по едноминутно молчење, како да ми оддаваше почит. „Браво!“, повтори уште еднаш. „Значи, го прифати мојот метод“.

„Каков метод?“, прашав наивно, да не речам глупаво.

„Па мојот, другарче. Начин како да му ја затнеш устата на оној што не ти дава збор“.

„Како?!“, прашав пак, овојпат не наивно и не глупаво, туку зачудено.

„Ете така. Ќе измислиш збор што нема никакво значење и ќе го ставиш човекот во дилема. Ќе нема каде, ќе се замисли и ќе замолчи“.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Ете така. И така.

Сега да ве посоветувам, мои сожители, што да правите кога не сте предизборно  расположени:

Ако не сте расположени како што треба, ако ве боли глава или нешто друго, ако, на пример, не сте наспани, ако сте уморни, банални, излишни пред денот или на самиот ден на изборите, немојте многу да си ја претрансирате душата. Излезете надвор, шетнете  малку и ќе ви пројде.

(Бурен аплауз)

Црвенко Државнички:

Благодарам, Господине Македон. Бидете сигурен дека Вашето лично искуство и советот ќе бидат земени предвид од сите сожители во Кулава.

За втората точка од дневниот ред, инаку мошне актуелна, ептен предизборна, ќе си го каже и раскаже своето Госпоѓа Европа.

Европа: Благодарам.

Драги мои сожителки и сожители од мнозинската и немнозинските заедници, со Бадентеровиот акцент на најмнозинската од нив.

Ве гледам, еве и сега, овде, на лицево на местово и просто ви се чудам! Сте ги наведнале главите, а не кревате ни два прста. Зошто, како, треба да се види, да ве праша човек. Ама и да не ве праша, може да претпостави. Веројатно многу работи не ви се допаѓаат,  па  наместо да ги кажете јасно и гласно вие само ги веднете главите. Не за друго, туку затоа што ви е незгодно, непријатно, а може и ви е срам.

Од тие многу работи, многу сами си ги правите да не ви се допаѓаат. Не ги менувате иако можете, иако од вас зависат. Молчењето е злато, вели народот. Ама златото станува сè поскапо, веќе е прескапо, а тоа значи дека молчењето прескапо ве чини. Затоа: престанете со молчење! Не молчете барем кога тоа не се бара од вас!

(Рикање на магаре)

Европа (продолжува):

Ве гледам на катните состаноци, па и на овие, советничкиве. Уводничарот ќе си го каже уводот, ќе го прочита од А до Ш, а потоа претседавачот на состанокот ве повикува на дискусија. Вам ви е незгодно да се јавите и само ги веднете главите.

„Кој се јавува за збор?“, повторува тој повеќе пати, па еден од вас се решава да го земе:

„Дами и Господа, мислам дека нема овде што да се зборува. Сè е јасно и треба да го прифатиме како такво. Уводничарот убаво објасни во што е проблемот, па можеме само да се согласиме со него“.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

И седнува. Толку.

А вие, другите присутни, си го враќате расположението оти состанокот завршува. Никој не ве прашува, никој не ве поканува на збор.

Јасно, збор си земате после, откако завршува состанокот:

„Не сакав да станам и да земам збор, ама не е сè така како што рече уводничарот. Се знае дека не е така. Требаше отворено да се каже. Да се видиме очи в очи“, вели едниот од вас.

„Па што не стана?“, го прашува друг од вас.

„Што има да станувам? Зарем не виде дека сè се прифати како што рече?“, се обидува едниот од вас да се оправда.

„Прифати и ти“.

„Што можам јас да менувам тука? Една ластовица не ја чини пролетта“, се обидува тој, едниот од вас да мудрува како народот.

„Кога не се јави на состанокот, сега молчи!“, му се лути друг.

„А зошто ти не се јави за збор?“, возвраќа едниот.

„Па, не се разви дискусија, колеги, инаку ќе станев“.

„Кој да ја развие?“, почнува да се развива полемиката.

„Како кој? Па сите ние“.

И тука некаде завршува штотуку започнатата посостаночна дискусија.

(Рикање на магаре)

Европа (продолжува):

Сепак, знам јас, не е сè така како што е. Се поправа работата. Сè почесто се развива дискусија на состаноците. Сè повеќе се креваат два прста и не се наведнуваат главите.

Сега има и такви и онакви. Проблемот е во тоа што таквите се сè уште малку на број, па злобно ги нарекуваме претплатени дискутанти. И имаме право. Се јавуваат само тие, а не и ние.

Знаете што? Сум присуствувала на повеќе состаноци од различен тип, на состаноци со и без кворум, на кои се расправало за важни прашања и проблеми. И на многу од нив ја имам слушнато реакцијата на претседавачите:

„Бре луѓе, што сте ги наведнале главите? Кренете два прста“.

А никој ниту главите, ниту прстите да ги крене. Кога ќе ве видам следниот пат, да знаете, не што ќе реагирам јас, ами и ќе ви подвикнам. Можеби и секому посебно. Благодарам.

(Апалуз на два-тројца присутни додека сите ја напуштаат визбената сала)

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here