Потребно време за читање: 5 минути

27. Дваесет и седма епизода

Амбиент прв:

Во станот-живеалиштето на Македон и Европа.

Амбиент втор:

На скалите пред задната влезно-излезна врата на Кулата.

Лица:

Европа, Македон, Д-р  Крале Марковски

(Кратко рикање на магаре)

Европа и Македон во нивното привремено заедничко живеалиште во Кулата вавилонско-протомакедонска.

Европа замислена му вели на Македон:

Морам конечно да ти признам нешто, Македоне мој. Тешко ми е, ама морам…Ќе те боли, длабоко ќе се разочараш дека сме на крајот на краиштата…Веќе нема одлагање.

Македон зачуден и загрижен ѝ вели на Европа:

-Што тоа, Европо моја? Ако си ме изневерила во меѓувреме, нема врска. Не ти било првпат, ниту ќе ти биде. Мене ми е веќе сеедно што те викаат блудница, ороспија и уште не знам како така некултурно, вулгарно. А пет пари не давам и ако си…

Европа му влегува во зборот на Македон:

Овојпат ништо од тоа, Македоне мој. Во врска е со нашата моментна интегрирачка брачно-вонбрачна врска. Односно нешто помеѓу, ни брачна ни вонбрачна…Да знаеш, многу ми е тешко…што мораме да го прекинеме почетокот на интегрирачкиот процес на забрачување…Особено што ти некако ми легна, се навикнав на тебе во секој поглед. Еве, признавам дека и сексуално се вклопивме…баш си ми тамам во секој поглед…ни преголем ни премал…Привременово живеалиште брзо ќе го напуштевме, може уште утре што се вели, на стартот на долгорочниот интегрирачки процес. Ама…

Македон се обидува да разбере за што станува збор, па ја прашува Европа:

-Во што е проблемот, Европо моја?! Ако треба да го одложиме почетокот на пристапување на интегрирачкиот забрачувачки процес, тоа не е којзнаае каков проблем. Досега стопати го одложи и ти и твоите со кои си унијанизирана, па се навикнав. Можеме уште некое време вака вонбрачно-брачно…А и станариве во Кулава вавилонско-протомакедонска, како и раководните органи на чело со претседавачот ќе прифатат кога ќе им објасниме…

Европа му одговара на Македон одлучно и по малку нервозно:

Ни ставија вето, Македоне мој! Разбираш? Вето!…Знаеш и сам, во мојата унија сè се решава консезуално. Дури и кога е нешто ептен сензуално, како што е нашиов однос. Ни турија вето и нема мрдање!

Македон ѝ вели прилично нервозно, дури подвикнувачки на Европа:

А кој ни го тури, Европо моја? Кој е тој дрзок, непрокопсан, мој и наш непријател?

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Европа го смирува Македон:

Немој така, Македоне мој. Не е тој ни дрзок ни непрокопсан. Не ти е непријател, туку напротив, многу пријателски е расположен кон тебе. Вели дека ни удри вето за твое добро…Твојот источен сосед…Со директна и со по малку скришна поддршка од јужниот и уште од неколку други твои несоседи.

Македон отсечно ја прашува Европа:

Што сака тој? Зошто удрил вето?

Европа му одговара со смирувачки тон:

Не си му се покажал баш добар сосед…Ем си заборавил на минатото определено самоуправно свршено време во кое со него си имал прилично блиски, во некои области дури интимни односи, ем не ни помислуваш на слично како тогаш…однапред и одзади…Мислам онака…љубовџиски…Мислам…

Македон ѝ реагира со разведрено лице:

А, тоа ли? Па што не кажал дека затоа ќе ни удри вето?…Па нема проблем…

Европа пак му влегува во збор:

Има проблем, Македоне мој. Има! Сега е друго времето и неговата позиција е друга…Можам да речам обратна…Знаеш, тој е унијанизиран, па смета дека и твојот интегрирачки забрачуван процес и сè друго треба да оди преку него…Ти имаш една изрека за тоа: Преку Тасе.

Македон ѝ вели на Европа сомничаво:

-Да не мисли и сè во нашиот интегрирачки забрачувачки процес да оди преку Тасета, односно преку него? И однапред и одзади?…Сешто! Стварно сешто!…Знаеш што? Јас мислам друго. Јас мислам дека е друга неговата намера и однапред и одзади. Тој сака ем јас да се интегрирам со него, ем тој да ме интегрира во себе. Разбираш? Тоа му е вековен сон. А ако го земам предвид фактот дека откога се европеизира односно стана дел од твојата унија ептен се смали, мислам како население, се преполови, па мора да мисли на својот опстанок…А особено ако го земам предвид фактот дека тој отсекогаш имал територијални и асимилаторски аспирации спрема мене…

Европа по третпат му влегува на Македон остро во зборот:

Макдоне, ти забранувам и пред мене и пред кого било друг да збориш така за член на мојата унија. Тоа што го тврдиш за него не е европска вредност…

Македон ѝ вели на Европа решен потоа да замолчи и да го напушти нивниот стан-привремено живеалиште:

Не е, а? Па тогаш зошто и ти и твоите го толерирате? Што не му удрите лекција за европските вредности?…Знаеш што, Европо моја? Ти како сакаш, ама јас вака веќе не сакам! Или среди го како знаеш и умееш тој мој сосед што се претставува како добар, добрососеден, добронамерен, и однапред и одзади, натерај го да не ми удира вето, или јас ја раскинувам нашава вонбрачно-брачна врска!..Само да те предупредам. Тој толку се навикнал на однапред и одзади што тоа му станало latentia hroncus!…Како болест…И не ми се јавувај додека не го средиш!

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

(Македон излегува, просто излетува од станот. Сцената се затемнува, завесата паѓа, а се слуша непрестано рикање на магаре.

Триесетина секунди потоа завесата пак се крева, сцената се осветлува. Сите станари и раководството на Кулата вавилонско-протомакедонска се на скалите пред задната влезно-излезна врата. Пред нив стојат Д-р Кале Марковски и Македон.)

Д-р Крале Марковски:

Ете, почитувани и сакани мои, тоа е сè што успеав да опфатам и елаборирам, илустрирам, пренесам, и со ваша помош да примеросам во оваа моја научно-политичка сатиралија на која ѝ дадов наслов „Latentia hronicus-Однапред и одзади“.

Како заклучок односно сублимат, дозволете уште еднаш, за последен пат, еден од главните ликови во сите изминати епизоди, нашиот Македон, да ви раскаже како со судни маки успеа да си го извади забот на времето.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Македон:

Да ви кажам, драги мои, ич не му мислам кога ќе ме заболи. Што има да му мислам кога ги имам толку во резерва? Веднаш на забар и нема поправање, одлагање: клештите, и трак…готово. Што има да му мислам?

Голема работа ако извадам еден или два, или уште два. Точно, не сум веќе дете, па да ми израснат нови, ама нема врска. Кога ќе ми го извадат и последниот, се знае: вештачки, златни, сребрени, бронзени, порцелански, насадени, ако треба и цели вилици.

Пред некој ден ме заболе еден заб на времето. Беше го фатила некаква болест кутриот, се изел, коренот му скапал. Ми отече образот, ми го деформира лицето.

Си велам:

„Што заб е овој? Малку му е што ме заболе, па уште и ме деформира. Кое време третира, та толку да се расипе? Денешново? Да не верува човек, просто-проширено да не верува! Тешко мене ако е во прашање заб на денешново време“, си велам и се прашам.

Одам на забар и му велам на здравствениот орган:

„Господине забарски здравствен орган, ништо не правиме. Ми се расипа уште еден заб на времето“.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Тој ме одмери сомнително и реагираше мошне критизерски:

„Како сте си го дозволиле тоа, господине Македон демокртаски? Сигурен ли сте дека Ви е расипан?“, ме праша.

„Е, органу мој, така ти е тоа. Времето си тече, брзо, динамично, и кај имам време да мислам на забите?…Знаеш, Господине орган, речиси до вчера јас бев политичко-демократски позиционирана ангажирана личност, а сега сум си независно-зависна во опозицијата. Па нормално е одвреме-навреме да ми се расипуваат забите на времето“.

„А зошто не ги лечите навреме? Зошто дозволувате ептен да Ви се расипат, па да нема друг излез освен да се вадат?“, продолжи да ме прашува.

„Вие сте погрешно учени, Господине. Практиката докажала и докажува дека сè што е скрпено згора-здолу, сè што се крпи не е како здраво. Може да се санира состојбата, ама во политиката крпеното си е крпено, во бизнисот сматеното си е матно-сматено.

Туку, ај да не филозофираме многу, да не губиме време. Земај клештите и вади го. Брзам. Ме чекаат во мојот круг моите истомисленици и премисленици“, ја прекинав дискусијата.

И забарскот здравствен орган немаше каде. Виде дека нема мрдање кај мене, ги зеде клештите и ми го изваде.

Никогаш не ме болело вадењето како ова. Иако расипан, коренот на забот беше голем, длабок и даваше невиден отпор. Мозокот ми го стресе.

Забарскиот здравствен орган ми даде завршен коментар:

„Боли, ами како…Најтешко е да си го извадиш забот на денешново време. Особено ако е расипан, ако му нема спас…Овој Вашиов, згора на сè, Ви беше и погрешно насаден“.

И така. Си извадив уште еден заб. Останав и без забот на нашево време, па сега ми е некако полесно на душава.

Си мислам:

„Еее, до каде би ја дотерале кога не би се плашеле да си ги извадиме расипаните заби на времево од нашите усти. Ниту долгорочна, ниту краткорочна програма за демократизација, транзициска приватизација, ниту мерки на доверба и сожителство, ниту рамковни спогодби не би ни паднале на ум“.

А си мислам и вака:

„Еее, до каде би ја дотерале кога би ни биле здрави и прави сите заби во нашите усти“.

(Крај: инструментална верзија на „Одата на радоста“-химната на Европа)
__________________________

*Во ова мое дело-сатирична серија се користени и текстови објавени во мои други сатирични дела.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here