Потребно време за читање: 9 минути

20. Дваесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на кулата;

Лица со гласови:

Црвенко Државнички, Македон, Трпе Трајчевски, Александро Филипов Македонски

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички:

Значи, се продолжувам односно продолжувам кај што претходно застанав односно завршишв. Поточно ја продолжувам седницата и го продолжувам нашето седникување по точките што ни останаа по претходното. Дојдовме до третата. Да ве потсетам, под трето ја ставив за расправа и расправија економската стабилизација, поточно транзициско-првобитно-капиталистичкиот бизнисменски процес. За тоа нашиот Македон ќе ни раскаже модернизирана басна. Претходно да ве потсетам дека четвртата точка ми е за медиумскиот третман на актуелните ситуации помеѓу нас и во опкружувањето, со акцент на новинарската објективна независност. Во врска со ова и за ова го поканив да ни гостува нашиот надалеку познат новинар, единствениот незазвисно-објективен во регионов, Трпе Трајчевски, а последната точка ми е потенцирање на главната тема во која според природата на нештата се сублимирани сите претходни: културно-информативното однесување и поднесување, со посебен акцент на извесноста и неизвесноста како такви.

Да повторам, ако во меѓувреме се јави некој за настап со друга тема, нема проблем да биде прифатен. Само со една замолница од моја страна: тој со неа сепак да биде во рамките на главната тема на состаноков.

Конечно го поканувам Македон да ни ја раскаже најавената модернизирана басна.

Македон:

Благодарам, претседавачу.

Мојава модернизирана басна е за желката и зајакот, а се однесува на економската стабилизација на нашава локална самоуправа односно транзициската приватизација која, како што знаеме и чувствуваме, е сè уште во тек.

Во една економска стабилизација се сретнале желката и зајакот:

„Нема на светов побрз од мене. Никој не може да ме стаса кога јас ќе се затрчам. Никој не може да ме запре. Стаблизацијава можам да ја прошишам во рекордно време“, почнал да се фали зајакот.

„Многу се фалиш, Господине зајак. Остави и други да те пофалат“.

„Кои други бре, желко ниедна?! Кој може да се осмели мене да ме фали? Мислиш дека не знам колку сите ми љубоморите? Нема такво животно што би се дозволило мене да ме пофали. Ако јас почнам да се стабилизрам, има да биде чудо невидено“.

„Е, кога ме влечеш за јазик, ај јас да ти речам: јас сум побрза од тебе!“, изјавила смело желката.

„Ха, ха, ха“, почнал да се превиткува од смеење зајакот. „Ти побрза? Види се каква си. Стара, изнемоштена, си ставила оклоп на грбот, ти натежнале кредитите, не можеш ни чекор да направиш. А ваму, побрза од мене! Нескромна си, Госпоѓо или Госпоѓице желко, ептен нескромна“.

„Побрза сум од тебе кога ти велам!“

„Ти побрза?! Ха, ха, ха“, продолжил да се смее зајакот. „Е, ај да те видам. Ај да си направиме една трка на долга патека, па да видиме кој прв ќе стаса на целта“.

Прифатила желката, ги викнала одговорните фактори да бидат сведоци и да им го мерат времето.

Ама желката, како што се знае од басната за желката и зајакот, била многу умна. Пред да почне трката се договорила со една своја другарка таа да се скрие на целта, па кога ќе го види зајакот како трча, како финишира, да излезе и свечено да го пречека. Стартот бил во една, а целта во друга самостојно-независна држава.

И, како што се знае од басната, зајакот бил победен. Желката се покажала побрза од него. Зајакот, разочаран и мртов уморен, констатирал:

„Како е можно? Нешто мора да не е в ред. Или јас не бев доволно брз или ѝ е нечиста совеста на желката“.

А желката, ведра и расположена, одморена, му дала вакво наравоучение:

„Е, мој зајаку, и во економската стабилизација и во транзициската приватизација не може набрзина да се стаса до целта. Го знаеш она: „Брза кучка слепи кучиња раѓа“. Ништо не може без кредити и камати од големите и богатите. Од оние што даваат малку за да земат многу….И научи дека не е добро многу да се фалиш“.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Од умора зајакот не забележал дека резултатот бил наместен, дека биле идентични желки во прашање. Од две Влади, ама исти“.

(Извик: Браво, браво, ептен ја погоди, алал да ти е!)

Црвенко Државнички:

Да, басната, Господине Македон, Ви е сосема наместо, со оглед на состојбите во нашава локална самоуправа на економски план. Ама мораме да бидеме оптимисти. Не како зајакот и желката, туку пред сè како коњи, крави, магариња, свињи и така натаму. Се разбираме, нели. Мислам, позната Ви е, претпоставувам дека сте ја читале Орвеловата „Животинска фарма“.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

В ред, четвртата точка е за медиумскиот третман на актуелните ситуации помеѓу нас и во опкружувањето, со акцент на новинарската објективна независност. Го поканувам да излезе на говорницава и да си го каже своето надалеку познатиот новинар, единствениот незазвисно-објективен во регионов Трпе Трајчевски….Трајче Трпевски? Ај нема врска. Исто му се фаќа!

Трајче Трпевски:

Благодарам.

Јас нема да зборувам за себе, туку за еден мој колега, мошпне специфичен случај. Тој како новинар по професија едно време, можеби некој го читал и се сеќава, во еден весник имаше свое лево ќоше за гледање и третирање на проблемите. И тоа не десно или право, туку баш лево. Веднаш бил забележан по тој белег и брзо стана мошне популарен. Третирањето од лево ќоше му ја растеше популарноста.

Се разбира, третираше многу работи, да не речам сè што ќе му паднеше в рака или ќе погледаше, видеше, догледаше.

На пример, во еден подолг период ја третираше стабилизацијата како процес. Вака:

„Она што мораме да го направиме под итно, тоа е да се стабилизираме. Да си ги засучиме ракавите и да ја почнеме работата. Цените треба да ги качиме колку што може погоре за да трошиме помалку зашто многу трошиме. И лично и заеднички.

Значи, треба во таа насока да преземеме што можеме и што не можеме. А со девизите што ќе ги добиеме од извоз, да увезуваме репроматеријали од увоз. И продуктивноста под итно треба да си ја качиме погоре. Не смееме да дозволиме и натаму да ни биде ниска. Треба да престанеме со жалбите дека многу работиме, дека лошо работиме, зашто малку работиме и лошо. Немаме друго чаре, освен да се поправиме под итно. Да посочуваме на добри примери, на оние работни колективи што работат успешно, па макар на крајот од годината се покаже дека не работеле успешно…“ .

Сè во тој стил. Чисто демагошки!…На крајот, за да не го прогласат за демагог, а и за да не го загуби своето лево ќоше на гледање, новинарот не заборави да заклучи:

“Стабилизацијата ќе потрае зашто не е мала работа да се стабилизираме. Но, ако не работиме на тоа, таа да ни трае што пократко време, тогаш ќе ни трае што подолго, па ќе се стабилизираме во многу долг период“.

Тој новинар по професија знаеше да биде и многу конкретен од своето лево ќоше:

„На еден наш директор, ќе му ги употребев иницијалите ако беше малолетен, му измина мандатот. Не му го спомнувам полното име и презиме затоа што е многулетен. Му измина мандатот, се пријави за реизбор, ама не му успеа да остане директор. Му изразија недоверба. Ја грешел многу, па неговиот колектив одвај дочекал да се откаже од него. Директорот мораше да се прекомандува во друга средина, да стане директор на друг работен колектив“.

Новинарот си пишуваше од левото ќоше и стануваше сè попопуларен во широките народни маси.

Но, со време тоа им попречи на главните уредници, па и на некои други, особено на оние кон кои често ја насочуваше острицата на својот збор како меч, па немаа каде: го унапредија во одговорен уредник. Замислете, него, новинар по професија! Да биде одговорен!

А тоа значи ова: белки помалку ќе пишува од левото ќоше, белки ќе се смири, ќе нема многу слободно време од состаноци и одговорно уредување.

Ама се случи нешто сосема друго. Си се снајде човекот, се консолидира, си се распредели рамномерно и продолжи да пишува.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Меѓутоа, како одговорен уредник, се свести дека не му доликува веќе да пишува од левото ќоше, па почна да пишува умерено, средно. Ни од лево ни од десно, туку само право.

На пример вака:

„Кој ни е виновен што мораме да се стабилизираме? Никој! Сами сме си виновни! Залудно е да бараме конкретни виновници. Такви нема, ниту ќе се најдат. Што било-било, важно е да не биде натаму. Треба да си ја преземеме одговорноста колективно и да ја кренеме на повисоко ниво. Мораме да ја кренеме! Треба да одговараме за своите постапки. Мораме да одговараме! Треба длабоко да размислуваме и да се консултираме со работниците и со меѓународниот фактор пред да донесеме некое важно решение“.

И сè така, во тој стил. Треба-мора! Па, во тој стил почна и да си ја губи популарноста во широките народни маси. По едно време тие го заборавија неговото лево ќоше. Го заборавија и него, новинарот по професија. Било-поминало! Бил-поминал!

Јас, како објективно-независен новинар, не мислам така. Уште верувам дека левото ќоше пак ќе стане лево. Верувам дека, откако ќе му измине мандатот, одговорниот уредник пак ќе се врати на својата поранешна позиција и пак ќе пишува како што пишуваше.

(Аплауз)

Александро Филипов Македонски:

Господине претседавач, јас сакам да се додадам на ова од почитуваниот новинар. Ако ми дозволите.

Црвенко Државнички:

Прво да му благодариме на изнесувањето пред нас на мошне интересноиот случај. Благодарам, Господине новинар….Повелете, Господине Александро Филипов Македонски.

Александро Филипов Македонски:

Сакам да ви раскажам за еден случај што го знам. Не е новинарски, ама е близок до таков.

Си бил еден човек како човек. Како таков бил максимално самокритичен, критичен, логичен и категоричен; особено во дискусии и расправии, кога ќе си направел шанса со зборови и забелешки да касне некого за срце. Тогаш не така ретко, ама често се случувала кавга помеѓу човекот и каснатиот за срце. Со други зборови, се развивала долга, маргинална и голема полемика. Обично во дневниот и неделниот печат, што ја сечеле во коренот тие на кои ќе им здодеало нејзиното читање. По сечењето, човекот и каснатиот за срце ќе си се помириле со ветување дека никогаш повеќе во животот нема ниту да се видат, ниту да се чујат.

Човекот што си бил еден човек почнал да забележува дека од ден на ден се зголемува наталитетот на пците во градот. Не само што си го зголемувале наталитетот, туку тие, пците, на секој чекор почнале да држат состаноци на кои најчесто расправале за актуелни прашања и проблеми од нивното скојдневје.

Човекот како човек во прво време ги слушал незаинтересирано и студено. Но со време, полека, сè повеќе им се доближувал и ги слушал со сè поотворени уши.

И така, лека-полека, човекот што си бил еден човек се вклучувал во нивната дискусија со свои мислења и ставови, па дури почнал и да им се спротивставува.

При едно спротивставување тој намерно каснал еден од пците. Овој, пак, за чудо не реагирал како што обично реагира секој пес, туку точно го разбрал овој човеков гест. Го разбрал и се решил да му аплаудира. Правилно му го разбрал песот гестот на човекот: дека каснувањето било не од бес, ами од чест!

По случајот, каснувањето полека станало секојдневна навика, вообичаена практика. Кога, на пример, некое спротивставување, односно полемичење (коленичење? не!) помеѓу човекот што си бил еден човек и еден од пците ќе добиело температура, ќе се температурисало, човекот ни две ни три ќе го каснел песот. Не од бес, ами од чест!

Дневниот и неделниот печат со олеснително задоволство објавија на сите страни:

„Не е веќе новинарска патка, ниту шатка. Во еден град си бил еден човек што секојдневно каснувал пес. Не од бес, ами од чест!“

Благодарам.

(Аплауз)

Црвенко Државнички:

Благодарам и јас.

Време е да привршиме со состаноков. Слушнавме многу интересни и поучни нешта, а лично и во ваше име се надевам дека Европа ги запиша. Ако не, ќе ѝ ги доставиме писмено за правилно да ги разбере. Како препорака дека заслужуваме шпто поскоро да се интегрираме во неа однапред и одзади. Во исто време, во меѓувреме или потоа, сеедно, и во НАТО без јато.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Ни останува уште последната точка од денешниот дневен ред. Во која, како што најавив, според природата на нештата, се сублимирани сите претходни: извесноста и неизвесноста како такви. Не најавив никого определен да зборува за нив, што значи дека предвидов да кажам збор-два јас, како ваш претседавач.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

И јас, како повеќето од вас, во рамките на научно-политичкава сатиралија на Д-р Крале Марковски се определив да си го кажам своето преку еден дамнешен животен пример на кој бев директен сведок.

Прво да го поставам прашањето и да се обидам да одговорам што пократко:

Дали извесноста ѝ е спротивставена на неизвесноста?

Според моето лично убедување, сè зависи од конкретната ситуација. Нешто е извесно ако тоа нешто има шанса да биде, да се случи. А неизвесно е ако тоа нешто може, но не мора да биде односно да се случи. Неизвесното е неизвесно сè додека не стане извесно. Ако овие две нешта се спротивставени помеѓу себе, ако се во судир, како што убаво нè учи дијалектиката, од судирот на спротивностите ќе се изроди квалитет. И се знае: сè си има ред. Прво доаѓа неизвесноста, а потоа извесноста.

На пример, едно младо момче запре пред една неизвесност. Запозна убаво, пријатно, модерно момиче, и се вљуби во него на прв поглед. Го запозна, дури и името негово му се допадна, иако беше повеќе странско отколку домашно. Но, неговата љубов стана неизвесна. Тоа како да не покажуваше интерес за него.

„Јас како да не ти се допаѓам?“, се осмели да го праша една вечер.

„Зошто да не ми се допаѓаш? Добро момче си, пријатно, модерно“, му одговори тоа ноншалантно.

„Мене тоа не може да ме задоволи. Тоа за мене е нормално, обично допаѓање, обична симпатија. Мислам на другото, поголемото, подлабокото, поголото“.

Момичето малку како да се замисли и не му одговори. Се преправаше како да не го разбира.

Една друга вечер момчето не можеше да ја издржи неизвесноста, па реши да го изроди квалитетот, да се обиде да ја судри со извесноста:

„Мислам дека треба отворено да разговараме. Вака веќе не се може. Ти ми се допаѓаш, па ако и јас тебе ти се допаѓам време е да го изродиме квалитетот“.

„Каков квалитет?“

„Дијалектика, знаеш. Голем , длабок и гол квалитет: љубов!…Не се прави на удрена“.

„А зошто ти е? Ти треба? Не можеш без неа?“

„Како зошто?! Како тоа можам-не можам?!“

„Слушај, момче младо! Во кое време живееш ти? Каква љубов? Јас многу-многу не верувам во неа“,-му се спротивстави момичето.

„Како тоа во љубов да не веруваш?!“, не знаеше како поинаку да реагира момчето ептен изненадено.

Тоа, момичето, како да не сакаше да се судри со извесноста. Го крена носот високо кон небото.

„Значи, не ме сакаш“, заклучи резигнатно момчето.

Судирот не изроди квалитет.

„Можеби ќе биде еднаш“, почна да си се утешува. Ако не со него, тогаш со друго момиче. Си заклучи момчето и си го олади срцето.

Банално, нели? Е, па, што можам. Можев и друго за пример.

На пример, едно момче студирало извесно, а неизвесно му било вработувањето. Или за некое друго, вработено, кое извесно имало станбен проблем на пример, а неизвесно не знаело кога и дали воопшто ќе го реши пред да подостари. Или за трето, кое извесно многу работело, а неизвесно очекувало да биде унапредено во раководен кадар.

Но, тоа се општи места, ќе признаете. Да, и она за љубовта е општо место, ама јас веќе признав дека е банално.

(Аплауз и долго измешано ѕвонење на камбани, воловски ѕвона и удари на гонг. Полека завесата паѓа, а публиката задоволна излегува од салата.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here