Потребно време за читање: 6 минути

26. Дваесет и шеста епизода

Амбиент:

Во визбената сала на Кулата вавилонско-протомакедонска

Лица:

Црвенко Државнички, Александро Филипов Македонски,

(Рикање на магаре-10 секунди)

Црвенко Државнички:

Сега ве повикувам сите вас, жители, соседи, блиски и неблиски сожители на нашава Кула вавилонска-протомакедонска, заедно со мене и со моите непосредни и посредни соработници, да ислушаме искажување на Господинот Александро Филипов Македонски. Веројатно преку лично искуство, зашто досега најчесто се земаше себеси за пример и примерно поведение, тој ќе ни искаже нешто што не се цени многу во ЕУ и НАТО, а не се одбегнува во Кулава како негативна оставнина од минатиот уставен поредок: кариеризмот. Потоа заедно ќе посветиме соодветно внимание на една меѓународната актуелност со помош на една приказна за две глави на еден народ.

Александро Филипов Македонски:

Благодарам на поканата да се искажам, претседавачу.

Решив јас еднаш да се наредам во редот на кариеристите, да си направам богата и долга кариера. Научив многу начини како да си ја остварам целта, па го избрав најпознатиот и наједноставниот. Оној што го користат широките народни маси: каде било и во кое било време, во која било прилика и наприлика-зборувај! На престанувај да зборуваш…Сè додека скокаш од една фотелја во друга, сè додека брзо ги менуваш фотелјите за да не се излижат и да станат демоде од твоето предолго седење во нив…Боже мој, може да ти се случи и да се залепиш на нив, па да не можеш да се одлепиш. Во тој случај секој лесно ќе те препознае. А ти, во секој случај, не смееш да доволиш да те препознаат додека си кариерист.

(Удар на гонг)

Александро Филипов Македонски (продолжува):

Значи, зборувај сè додека не стасаш до целта! Додуша, дава душа за напорен напор, ама се исплати. Ќе имаш многу предности во однос на обичните, секојдневните луѓе.

На пример, секојдневно, по цели денови и ноќи ќе седиш на состаноци и со молчење ќе одобруваш секој нов предлог. Затоа што, се знае, сè уште молчењето е одобрување. Од друга страна, и додека стасаш до целта има доста да се изназборуваш.

Второ и второ, ќе им аплаудираш на сите оние што ќе земат збор, ќе го кажат и образложат своето, макар да е и спротивно мислење од твоето.

Ќе имаш на располагање голем автомобил со шофер во твоја сопственост. Ќе можеш одвреме-навреме да се возиш службено и во авион. А тоа, ќе признаеш, во денешно време е навистина предност…И многу други предности ќе си негуваш. Платата не треба да се спомнува.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

(Два гонга)

Александро Филипов  Македонски (продолжува):

И така, многу силно се ангажирав да станам кариерист. Толку силно што, морам да признаам и пред вас, ја запустив дури својата сопствена брачна сопатеничка. Тотално заборавив на приватниот живот! Таа успеа да ги разбере моите амбиции, ѝ појде од рака со судни маки, па не се лутеше и не ми ставаше забелешки. Не ме критикуваше кога мораше многу ноќи да преспие сама во брачниот кревет или со…нема врска!

Најпрво почнав да одам редовно на состаноци. На нив, пак, секогаш настојував да земам прв збор. А вториот им го оставав на другите. Ако беше можно, настојував да бидам и единствениот дискутант во дискусијата.

Кога седнав во првата фотелја, почнав строго да се однесувам. Барав во претпријатието да се работи повеќе, да расте продуктивноста, а не некој да не работи ништо друго освен да исправува криви Вардари. Без продуктивност нема иднина, објаснував.

Кога седнав во втората фотелја, станав построг и спрема мојата сопствена сопатеничка. Барав од неа да внимава на редот, да го дели моето мислење, да го прифаќа без приговор или поговор, и сè да свршува навреме.

Од третата фотелја, кога бев речиси на чекор до целта-да станам вистински кариерист, почнав да гледа од високо! Не само што гледав, туку укажував и на негативностите, на преголемата лична и заедничка потрошувачка, на неекономичното работење, на големите неоправдани боледувања, на неоправданите инвестиции, на…А згора на сето тоа, почнав да предлагам и мерки, во познатиот стил: те треба ова, те ние мораме она…

(Еден гонг)

Александро Филипов Македонски (продолжува):

И така. Кога станав вистински кариерист, ненадејно, значи ненајавено ми дојде еден црн петок! Напрасно ми се пресече кариерата.

Само што бев готов да скокнам во последната фотелја, некој, што веројатно сигурно ме мразел, имал нешто против мене, ми ја тргнал! И јас, како што може да се претпостави, треснав од земја колку што сум долг и широк.

Каде ли ја згрешив работата? Никако не можам да се сетам.

(Се слуша лет на бумбар)

Црвенко Државнички:

Бидејќи личната судбина на Господинот Александро е прилично тажна, молам да не му аплаудирате…Повелете на своето место, Господине Филипов Македонски. Лично и јас не би можел да се сетам каде сте ја згрешиле.

Ни остана уште темата од меѓународната актуелност. Овојпат мислам дека е и ред лично јас да кажам односно раскажам нешто. Имам за неа една мошне интересна приказна.

(Кукуригање на петел)

Црвенко Државнички (продолжува):

Времињата познаваат многу приказни и бајки во кои на главите на еден народ им се свртел умот. Глави со свртен ум има и денес во најконзервираните земји на нашава планета Земја. Во свртеноста на тие глави доброто соседство, на пример, не може да преживее како добро. „Грешни мисли в умот им се вртат“, вели нивниот народ колку што може потивко, од уши в уши. Ама кога тие, нивните глави, во нивно име грешното мислење треба да го покажат и потврдат како безгрешно, почнуваат да си ги покажуваат забите.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Ќе си го затворат народот, ќе го направат слеп, првобитен, ниту да шета ниту да прошета, и ќе го убедат:

„Ти, народе наш, немаш поим колку е денес тешко да го насмееш светот. Можеш да паѓаш на глава, на нос, да одиш на раце, под раце. Можеш да играш глупав август и во ноември, ама светот ќе си остане мртов ладен…Само ние сме способни да бидеме смешни и треба да ни веруваш, народе наш“.

А народот нема поим, па верува слепо. Прво се смее, само тајно, тие да не видат и да не откријат, а потоа се смее и светот. Или обратно, сеедно.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички (продолжува):

Две глави на еден народ си биле големи пријатели и верни другари. Толку верни што делеле сè добро и зло. Минувале години, децении, кога би дозволувале биолошките закони може ќе минеле и векови, а нивното длабоко пријателство си било длабоко.

Но, како што си оди времето, годините, децениите, така и мислите во нивните глави си оделе, си оделе, и… почнале да се менуваат. Ако не во двете, барем во едната. Дошол денот, судниот час, кога другата глава на првата ѝ се доверила дека ја мачи совеста, дека почнала да мисли поинаку:

„Не смееш да мислиш поинаку. Што ќе рече народот наш и мој ако не сме единствени во мислењето?“, го советувала првата глава.

„Знам, знам, ама јанѕа ме јаде, главо прва. Како ли ќе нè памети народот? Дали ќе продолжи да не споменичи?“, се прашала втората глава.

„Ајде, отвори си го срцето пред мене. Да видам што мислиш и што сакаш да мислиш. Биди отворена, искрена главо втора. Нели сме искрени и верни пријатели?“

„Се плашам, главо прва, да не ми се случи нешто. Знаеш, и мене ми е драгоцен животецов. Еден си го имам“, се двоумела втората глава.

„Но, нели ние уште на времето се заколнавме дека ако треба и животите ќе си ги дадеме за доброто на народот?“, го убедувала првата.

„Ај да ти речам, па што сака нека ми биде!

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Не е ли време да ѕирнеме малку надвор, да видиме што се случува во светот? Не е ли време да си ги опулиме очите, па и народот да прогледа, слеп да не остане?“

„Знаев јас дека тоа ќе помислиш еден ден…И да знаеш: јас го почитувам твоето мислење во името на демократијата. Затоа, во тоа име и во името на нашето верно пријателство, сега ќе ти предложам, па имај храброст да не прифатиш…Ако ми веруваш, ако си ми искрен пријател, во името на народот треба да се самоубиеш!…И да знаеш, те чекав. Со години и децении те чекав ова да ми го речеш. Да го мислиш и да го речеш. Еве ти пиштол и самоуби се!“, му наредила првата глава на втората.

„Да, моја верна и најумна главо, кога мислиш така и ми наредуваш…кога треба, кога морам…Нема друго, ќе се самоубијам“.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички (продолжува):

И втората глава немала каде. Видела-не видела, го зела пиштолот, го вперила во грешните мисли и се самоубила.

А првата глава, пак, за да си ја смири совеста, решила да го насмее светот.  Се видела премногу сериозна, па му изјавила дека нејзиното верно пријателство со втората глава не било така верно. Напротив, таа работела против неа и против народот. Според тоа таа, првата глава, како што е добро познато, мора да се грижи за судбината на народот, да се грижи за неговиот опстанок, за неговата светла и перспективна иднина…Затоа, брзо си организирала избори и, според податоците, само еден член на верниот народ не бил способен да ја догледа светлата иднина, па гласал против неа.

Според статистичките показатели, а во името на просекот, се очекува и тој наскоро да се самоубие.

(Три гонга)

Црвенко Државнички (завршува):

Меѓутоа, набрзо избил меѓународен проблем. Имено, светот почнал масовно да се смее, што се вели-урнебесно. Се смеел и народот на главата. По масовното смеење и народот и светот сфатиле дека не било така смешно, па почнале сериозно да си ја гледаат својата работа: светот својот оптимизам, а народот својот страв.

И така. Првата глава продолжила да си прави мермерни споменици и други скаменети обележја. Белки нејзиниот народ ќе ја памети според свртеноста на умот, па ќе раскажува за неа приказни и бајки.

(Силен аплауз)

Црвенко Државнички (дава знак аплаузот да престане):

Благодарам, состанокот е завршен.

(Рикање на магаре, кукурикање на петел, воловско му и неартикулирани гласови на други домашни животни.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here