Потребно време за читање: 8 минути

13. Тринаесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на Кулата локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска.

Лица со гласови:

Црвенко Државнички, Александро Филипов Македонски, Европа, Македон
и други станари на Кулата

(Три гонга на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички:

Господине Македон, мислам дека ни јас ни сите други овде присутни не се задоволни од одговорот на крајот на нашиот минат состанок. Се разбира дека односот меѓу Вас и Европа, воспоставен поради обострани интереси, е лична односно персонална работа. Но, притоа не ни најавивте заедничка конкретна помош во нашите евро-атлантски интегративни напори, особено во однос на нивното забрзување. Затоа јас лично, а сигурен сум и сите со нас лично не се баш заинтересирани за вашите брачно-вонбрачни односи, во тие рамки и на сексуалните. Затоа заклучувам дека не само штго не се разбравме, туку и Вие и Европа засега дибидус не разочаравте.

Нејсе, да преминеме на лична дискусија. Повелете, Господине Алекандро Филипов Македонски

(Краток аплауз на присутните.)

Александро Филипов Македонски:

Благодарам, претседавачу.

Дами и Господа, мои сожители и членови на мннозинската и немнозинските заедници, мојот експертски реферат за спомнатиот симпозиум со зададената тема ќе го почнам со констатацијата дека, иако сè уште трае, тој е мошне успешен и од исклучително значење за општествено-економската состојба и перспектива на нашата Кула. Се разбира и за нашето евро- атлантско интеграциско напорно трудење.

Проблемот на влегување во работен однос е особено проблематичен со оглед на долгорочниот проблем на невработеноста. Од друга страна, пак, работоманството се актуелизира сè повеќе затоа што во изминатиов транзициско-првобитнокапиталистички процес ги забрзавме и засиливме бизнисменските трендови.

Мене лично, како на експерт, отсекогаш ми лежело примеросувањето. Затоа дозволете ми овој мој реферат да ви го презентирам низ примери. Значи, не со еден, туку со неколку кои мошне илустративно ќе го потенцираат она што го реков и допрва сакам да го речам. Се разбира, примерите се локални, од нашава средина. Не одам подалеку почитувајќи ја пораката на екологистите да мислиме глобално, а да дејствуваме локално.

(Магарешко рикање-30 секунди)

Првиот пример е еден наш младинец. Ќе му ги употребам иницијалите зашто ако го именувам со полно име и презиме, може да си има непријатности кај некои тазе политички кругови.

Се вика Г.Т.. Интересното кај него е тоа што во нашето јавно претпријатие за хигиена односно дератизација и дезинсекција, прво беше мошне активен работник, а потоа токму затоа стана младински функционер со мошне перспективна политичка кариера. За најпосле, откако предвреме му заврши мандатот, да биде вратен во него и да стане мошне пасивен интелектуален работник. Еве како тече неговата судбина:

„Другарки и другари, дами и господа“, им се обратил кадровикот на младите работници-активисти собрани од него: „Време е да се свртиме кон базата, односно кон нас и во нас. За наредниот период треба да избереме претседател од непосредниот процес на производство“.

„Јас не се согласувам“, рипнал еден од нив, кој веќе си ја искалкулирал политичката кариера: „Тоа нема никаква врска! Не можеме сосила да правиме политички активист од активен работник. Јас не гледам таков помеѓу нас, кој досега толку се истакнал за да му доделиме толку одговорна функција“.

„Можеби не сме му дале шанса на таквиот“, рипнал кадровикот: „Твоето мислење, работнику, не е конструктивно. Мора да има таков помеѓу нас. Ние треба само да го пронајдеме“.

И не сакал да седне на својата столица. Останал да стои.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Се разбира, го пронаше, тамам работа да не го пронајдат. Чист, морално-политички подобен, активен млад работник, со потекло од работничко револуционерно семејство, афирмиран во нашата работна, посебно во неработната средина. Тоа била уште една потврда на правилната кадровска политика што се водела во јавното претпријатие.

(Магарешко рикање-30 секунди)

Што станало потоа? Потоа станало тоа што станало: младиот кадровски потенцијал Г.Т. станал претседател и веднаш си ја искалкулирал својата политичка кариера, па полека почнал да ја реализира. Бил мошне активен претседател. Одржал многу состаноци, се активирал во организирањето на неколку конкретни акции кои, за жал, не биле реализирани од објективни причини. Меѓу другото, поради недоволната самоорганизираност на младите. Тоа, од друга страна, се разбира не било причина по едногодишниот мандат претседателот да се врати од каде што дошол, во активната работно-работничка средина. Едноставно, тоа го налагала кадровската политика на јавното претпријатие.

Значи, немал каде Г.Т. Си се вратил, како што порано беше актуелно да се каже, во редовите на работничката класа. Се вратил и начисто се разочарал.

„Зошто баш на мене да се скрши тркалото?“, се прашал еднаш, се прашал двапати, па донел мошне значајна одлука која го акцентира она што сакам да го потенцирам во врска со влегувањето во работен однос кај нас: да стане пасивен работник. До следната кадровска односно политичка потреба од таков како него.

(Магарешко рикање-30 секунди)

Кадровикот го тешел:

„Не грижи се, другар, пак ќе дојдат кај тебе. Ти само ангажирај се да му се покажеш на раководството како млад работник и ќе видиш дека пак ќе ти дојде редот“.

Меѓутоа, тој утешувањето никако не го прифаќал. Си останал разочаран и, што е најважно, како работник ептен се пасивизирал. Не успеале да го оттргнат од летаргичната, тоест сивизирана состојба дури ни со зголемена плата.

(Аплауз 10 секунди)

Наспроти примерот што ви го презентирав, а за кој сум свссен дека повеќе му припаѓа на нашето блиско минато свршено време, следниот совршено одговара на нашава актуелна ситуација во однос на работоманството во рамките на бизнисменските трендови.

Станува збор за нашиот сожител од шестиот кат Џ.Н.., кој малкумина го знаат оти си е човекот таков каков што е: работоман или, ако го следиме англизирањето на нашиов јазик како наша единствена татковина, воркохолик. Во продолжение ќе ви го пренесам неговиот монолог што ми дозволи да го користам кога ќе ми затреба, цитирајќи го правилно, што се вели од А до Ш.:

(Магарешко рикање-30 секунди)

„Јас сум млад и мошне перспективен кадровски потенцијал. Како таков, нормално,

сакам да работам. Многу сакам да работам! Имам толку голема работна енергија, што просто не знам каде сè да ја истурам. Колку да истурам од неа, пак ми останува за истурање. Навистина, јас сум посебен случај. Редок примерок на млад работен човек.

„Вие сте толку пријатен, толку добра душа, толку културен и убав. Просто шармирате со својата убавина“, ми вели еден прилично нежен пол.

Јас го гледам, го загледувам и се чудам. Се чудам што му станало на овој нежен пол. Да не ме прогледал поинаку, не како секој ден? Да не му текнало да посака да ме прифаќа поинаку? Не дозволувам да ми ја пресече намерата:

„Денеска треба да обработам многу предмети. Не смеам ниту еден да одложам за некој од наредните периоди“.

„Љубовта, тоа е нешто најдрагоцено во човекот. Во љубовта е смислата на животот. Кој не љуби, и него не го љубат. Кој не љуби, нека му се плукне на животот“, продолжува нежниот пол во некаков чуден, за мене дури одушевувачки тон.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

„Што му е на полов? Да не сака нешто од мене?“, помислувам и си ја продолжувам намерата:

„Ех, кога само ќе помислам колку луѓе зависат од мене, од тоа што ќе го сработам или нема да го сработам… Имаат право кога се лутат. Не е лесно кога ќе ти речат: „Дојди утре“ или: „Дојди задутре“. Или кога ќе те испраќаат од една во друга канцеларија… Навистина нема смисла тоа. Зошто да се жалат на мене?“

Женскиот пол како да се обидува да ме исфрли од колосекот:

„Среќна е таа на која сте ѝ го подариле срцето. Можам само да замислам каков живот живее. Со љубов, почит, со внимание… Ах, кога би сретнала таков како Вас… Ах, кога јас би била на нејзиното место…“

Јас сè уште се чудам и одговарам:

„Кога сите административци би работеле како што треба, никој не би се жалел на нив. И никој не би го поставувал проблемот на нивната многубројност. Можеби дури тогаш би се видело кој навистина треба, а кој не треба да стане технолошки вишок. Проблемот е во работата и во организацијата на работењето. Секој што знае да си ја организира работата, не му паѓа тешка…“

„Ах, да ве сретнев порано… каде ќе ни беше крајот! Вие убав, пријатен, добар, културен, шармантен…јас ништо подолу, ништо погоре. Супер пар! Би ни завидувале сите,“ се топи нежниот пол.

„Јас мислам дека граѓаните имаат право. Не се работи. Во тоа е проблемот. Наместо осум нормални капиталистички работни часа, ниту два!…Само разговори, пиење кафе, вртење телефони, барање врски, јас тебе-ти мене… Кога јас би се прашувал, во администрацијата би вработувал само такви што не пијат кафе, не навикнале на телефонирање, не го поднесуваат телефонот, не сакаат многу-многу муабети, не им требаат врски… На пример, јас како пример. Што ми фали оти сум таков?“

„Ама вие како да не ме слушате!,“ се сепнува полот.

„Ве слушам, Ве слушам колешке, не седам на уши. Само знаете, треба да се работи. Толку работи треба да сработам, што немам време да помислам на нешто друго освен на работата…Работата е задоволство! Во работата е среќата! Камо среќа сите да работат како мене!“

Женскиот пол покажа разочарано лице и престана да ми се обраќа! Зошто? Не знам. Никако не можам да сфатам!“

(Магарешко рикање-30 секунди)

Тоа беше монологот на Џ.Н. А мојов реферат ќе го завршам со уште еден пример кој многу добро ми влегува во контекстов.

Станува збор за К.Л. кој, како што ви е познато, си беше ептен човек наместо, сè додека не се пензионира на самиот почеток од нашиот транзициско-првобитнокапиталистички процес. И од него ќе ви пренесам негов монолог:

„Денес е најважно да си човек наместо. Ако не си наместо, време е да се наместиш или да те наместат. И тоа не било каде и било кога, туку точно да знаеш и каде и кога. Уште е поважно-до кога. Сепак, кога ќе размислам подлабоко и пошироко, најважно е каде да се наместиш или да те наместат.

Јас отсекогаш сум бил човек наместо. И како функционер, и како раководен орган, и како нераководен, и како непосреден и како посреден работник. За секое место од тој ранг сум имал потребни квалификации. Ако случајно сум ги немал, брзо сум ги стекнувал. Не за друго, едноставно местото не можело да чека на мене. Особено кога сум бил веќе наместен.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

На пример, кога бев функционер. Функционирав беспрекорно. Просто се сродив, сраснав со функцијата. Едно време бев изборен, но откако ме избираа неколку пати на ред, што го потврдуваше расположението и довербата на работничката класа во мене, другарите немаа каде-ме прогласија за професионален.

Си функционирав беспрекорно и максимално професионално. По едно подолго време, некому му текнало да се праша до кога ќе бидам човек наместо. Зарем нема други? И процесот тргна. Се прашаа и други, па немав каде. Доброволно се повлеков.

Другарите просто се одушевија кога самиот си дадов оставка, кога предложив да најдат друг човек наместо.

И најдоа. Јас се префрлив на местото раководен орган-менаџер.

Почнав да менаџирам и…пак се покажав како човек наместо. Менаџирав како орган беспрекорно. Ништо не ми фалеше, а ништо не им фалеше ниту на тие што ги раководев. За квалификациите немаше потреба некој да ме праша. Кога ги имав за функционер, нормално е да ги имам и за менаџер.

Ама едно време, а времето, како што е добро познато, тече, почнаа да ми удираат неконструктивни критики: дека сум почнал да местам роднини и пријатели на некои места. По извесно течење на времето, пак сфатив дека е време да се повлечам.

Нормално, брзо најдоа друг човек наместо за моето место, а јас станав неменаџерски кадар. Се побара од мене некаква стручност, било каква само да е стручност, па така изгубив некоја годиничка додека ја стекнав. Лесно ја стекнав, пред сè како поранешен функционер, потоа и како менаџер. А и воопшто, мислам дека денес не е тешко да стекнеш потребни и непотребни квалификации. Многу е потешко да си направиш професионална преориентација.

Како што си течат по некој логичен ред и времето и кадровската политика, наредното мое место требаше да биде непосредно. За да бидам човек наместо и за такво место, морав дури и карактерот да си го сменам, да го направам што понепосреден.

За малку ќе станев непосреден работник! За малку ќе настрадав ако не се свестев навреме. Велам, одвај успеав да се задржам на местото посреден работник. Ме спасија потребните квалификации, а и искуството.

Сега сум, морам да ви признаам, драги мои, а вие можете да го сфатите како самофалба, препотентност, претенциозност, како сакате, како млад пензионер пак човек наместо. И немам намера да одам понатаму.

Само, едно ме плаши. Ме плашат последниве дискусии и расправии: барањето на местата да се наместат вистинските луѓе. Тоа значи дека сега веќе не е потребно да бидеш само човек наместо, туку и на вистинското место. Колку што можам да забележам, станува сè потешко да се наместиш отколку да те наместат.

Да не излезе дека не сум човек наместо и како млад пензионер, па да ми ја скинат пензијата односно пак да ме активираат како работен потенцијал?

Ми пречи дека сè почесто за луѓето наместо се поставува судбоносното прашање: до кога?“

Ете, другарки и другари, Дами и Господа, толку јас во рамките на мојот реферат.

(Аплауз)

Црвенко Државнички:

Ви благодарам, Господине Алекандро Филипов Македонски. Можете да си седнете на своето место.

(Аплауз и три ѕвонења на воловско ѕвоно. Публиката во мрмор, полека, без турканици, излегува од визбената сала за состаноци во Кулата вавилонско-протомакедонска.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here