Потребно време за читање: 10 минути

2. Втора епизода

Амбиент:

Истиот од првата епизода.

Лица:

Трпе Трајчевски, Црвенко Државнички, Македон, Александро Филипов Македонски.

Трпе Трајчевски:

Мили и драги мои гледачи, слушатели и читачи, јас, вашиот најнезависно-објективен новинар во Обединетата локално-самоупрана држава Протомакедонија, ви се јавувам од салата за состаноци во визбата на Кулата вавилонско-протомакедонска, во која по некој момент треба да започне првата седница на новоизбраниот Совет, откако пред некој ден конечно се средија сите постизборни, добрососедски и амбиентални состојби и проблеми. И тоа кат по кат. Веднаш да најавам дека, според последните информации што ги поседувам, а ги добив во меѓувреме од мои блиски извори до круговите на меѓународниот фактор, Кулата според сите планови, амбиции и реални претпоставки речиси сигурно ќе биде првата од локалните самоуправи во потесната и пошироката средина и околина која сигурно ќе влезе во Европа и НАТО. Тоа, меѓу другото, го гарантира и руралната граѓанка Европа која последна, баш вчера, се досели како привремена сожителка на последниот кат, под покривот во вид на тераса, која претставува одличен видоглед и видокруг за целиот регион. Според првите чекори и конкретни дејанија, шансите за тоа се зголемени уште повеќе по синоќешното прво случајно разминување и фрлање на значајни погледи меѓу Европа и граѓанскиот руралец Македон кој, проверивме на лицето на местото, неодамна сосема случајно се насели на приземјето, веднаш десно од влезот однапред. Но, да не должам, да ви го вклучам микрофонов во свечената сала и да чуеме што ќе се случи на првава седница со која ќе претседава штотуку избраниот претседавач Црвенко Државнички. Јас толку, а ќе се јавам за одјава во евентуалните паузи за координација на претседателот и координаторите, како и на паузата за ручек.

(Еден гонг)

Црвенко Државнички:

Другарки и другари, дами и господа, сожители на Кулава, претставници на мнозинската и немнозинските заедници, со акцент на најмнозинската од нив,

Јас го собрав Советов со цел, на почетокот од нашево конституирање како локална самоуправа, да ви удрам една предговоранција во очи на прифаќање на нашите уважени и многупочитувани Македон и Европа, како главни личности на нашиот главен напор во овој транзициско-првобитнокапиталистички период, а тоа е евро-атлантското интегрирање. Со други зборови, како први пролетни ластовички на интеграцијата на нашиот соживот и мултиетничката, што значи мултикултурната толеранција на микро и макро план.

За оваа седница не предвидов дискусии и реплики зашто, меѓу другото, има по малку и свечен крактер, во однос на конституирањето нели, па не е в ред уште на стартот да почнеме со евентуални судири на интересите или конструктивен политички дијалог помеѓу позицијата односно актуелната власт и опозицијата односно евентуалната идна власт.

Како што реков на почетокот, дневниот ред ќе го посветиме на една точка: моја предговоранција. По неа може да си го земат првиот збор само граѓанскиот руралец Македон и руралната граѓанка Европа, колку да си го почнат интегративниот процес. Ве молам да ме слушате внимателно и концентрирано, за после да не излезе дека не сум ве подготвил за, како што се вели народски, стапот и морковот, кога ќе ни се дадат в раце.

(Ефект: чукање во дрво-чекан како во судница)

Македон:

Молам збор!

Црвенко Државнички:

Каков збор? Не ми се допаѓа, Македон, што веднаш интервенираш. Уште не сум ни почнал, а ти молиш. Но добро, нека ти биде. Повели.

Македон:

Господине претседавач, јас и Европа, како уважени и многупочитувани од членовите на овој Совет, како што сами акцентиравте, не можеме да си дозволиме таков луксуз на оваа прва сердница да земаме збор по, како што се изразивте, удирањето на Вашата предговоранција. Ако удирањето не ви е говоранција, нема логика потоа да си го зема зборот кој било од нас овде присутните и околу отсутните. Во тој случај сите ние собраниве по Вашата предговоранција предлагам да си одиме дома, а да дојдеме пак, на ново собирање со дневен ред на точка говоранција на сите што ја поддржуваат нашата евро-атлантска интеграција. А знам точно дека нема кој што не ја поддржува. За тоа имаме референдумски непроверен општ консензус.

Црвенко Државнички:

Добро, прибидејќи процедурава е мошне конструктивна, прифаќам по моето удирање на предговоранцијата да ја завршиме првава седница на Советов. А кога ќе свикам новозакажана, за тоа ќе бидете доволно навреме конструктивно информирани.

Црвенко Државнички (продолжува):

Другарки и другари, дами и господа,

Најнапред морам со задоволство да се констатирам дека ова што успеавме да ни излезе во изминатиот период, како продолжение на долгогодишната, повеќедецениската транзиција е голема работа. Тоа ми дава за право, исто така, со големо задоволство да се констатирам дека она што ќе ни влезе во наредниот период, ќе ни влезе брзо и без многу маки тргање. Тоа ни го гарантираат местоположбата и статусот на нашава Кула вавилонско-протомакедонска на микро и макро план.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Како што му е добро познато на секој од вас, ликовите односно личностите, јас просто би рекол дека луѓето се важна работа во секој процес и дело. Можеби затоа секој процес, а особено интегрирачки, обично се случува да не биде многу успешен, па дури и да биде неуспешен. На пример, кога нема ликови односно водечки личности во него, тоа е пред сè безлично. 3начи, со други зборови, сите ние сме луѓе, ликови и личности, некои од нас главни, што активно придонесуваме и допрва ќе придонесеме за забрзување на процесот. Без оглед дали ќе се третираме јавно или полујавно односно со полни имиња и презимиња или, пак, како малолетните, со иницијали.

Во врска со нашата перспектива, можам да кажам дека таа ни е мошне прозаична. За да бидам на јасно, ќе се послужам со моето хоби, читањето на наши писатели. Имено, пред некое време ми падна в раце еден роман на наш писател токму со опис на прозаичен живот. Тој, а не името и презимето на писателот и насловот на романот ми остана во длабоко сеќавање, па ќе ви го прераскажам во кроки потези. Мислам дека може да ни послужи за пример и углед, односно како мал придонес и патоказ во натамошниот развој на нашата евро-атлантска интеграција.

Еден млад човек, првото лице во романот, има многу спомени. Што од детството, што од по него. Одвреме-навреме живее со нив, ги преживува и чувствува огромна потреба да ги раскажува. Па така, раскажувајќи ги, им додава епизоди од други, туѓи спомени и тие на тој начин стануваат многу поинтересни. Се полнат со настани, со тетки и тетини, баби и дедовци, со стрини и вујковци, чичковци, и со други потесни роднини.

По некое време се јавува и првата љубов. Се разбира, таа е убава, мошне симпатична, нежна, блага, длабока, искрена и, нормално, нереализирана на љубовен план. Потоа доаѓа втората љубов, па третата, ама тие имаат само епизодна улога во романот.

Тој, првото лице, работи во некоја фабрика која е постојано во загуба. Кој му е виновен што не работи во некое јавно претпријатие, нели. Би можел да биде вработен и таму, фабулата на романот не би трпела којзнае колку, но дотичниот писател има став дека не треба да се биде ептен реалист. Мислам, како да кажам, докрај турнат во денешната стварност. При крајот, на последните страници е напишан крајот на романот, односно крајот на животот на првото лице. Тој на крајот е стар. А како стар е многу осамен. Често во таа пуста осама зборува самиот со себе. За да не му биде напразно зборувањето, да не му оди во ветер како што се вели, станува писател. Почнува да пишува роман.

Е, сега да ве прашам јас: прозаичен или празен живот? Имајте предвид дека описот во романот ви го раскажав во кроки потези. Добро, се согласувам дека ретко се случува некој наш писател да напише роман со ваква содржина, ама тоа ништо не менува во случајов.

Сакам да ви порачам едно нешто: ако во вашата животна и работна средина сретнете ваков или сличен живот, како во романот, напишете или допишете под неговиот наслов: „Не се препорачува за читање. Може да се прочита“. И задолжително потпишете се. Ќе останете потпишани, па ќе ве третираат како читач или литературен критичар во најмала рака. Вашиот став некој веројатно ќе го почитува и ќе го цени. Сигурно оној кому не му се потребни ниту прозаични, ниту празни животи.

(Аплауз)

Да се повторам:

Како што е добро познато од нашето славно подалечно и поблиско минато, ликовите и личностите биле и секогаш ќе играат важна улога во секое прозно-прозаично практично и теоретско дело. Ако не било, ако не е и ако не биде така, практичното и теоретското дело не може да биде успешно односно ќе значи дека е безлично. Голема работа е кога во делото има само главни ликови, а споредните се вртат околу нив колку да ги поддржат во епизодирањето при интегрирањето. Јас сум просто сигурен дека, како и досега, граѓанскиот руралец Македон и руралната граѓанка Европа ќе си останат лични и главни во интеграцијава на нашиот соживот и мултиетничката, што значи мултикултурната толеранција на микро и макро план.

Морам да ве предупредам, другарки и другари, дами и господа, дека во наредниот период најглавни ќе бидат настаните што ќе се случуваат. Од оние нашите, секојдневните, неретко банални и за заборавање, па сè до оние што ќе нè пресвртуваат, преадаптираат, што ќе бидат многу важни и за историско паметење. Работава ич не е за смеење или за плачење, а најмалку за оставање мртов ладен или жив топол, сериозно критичен или несериозно некритизерен. Сигурен сум дека на сите ќе ни биде многу жал ако во меѓувреме се смееме и не се смееме, ако случајно заплачеме или се залутиме, ако останеме мртви ладни или живи топли, сериозно критични или несериозно некритизерени. Затоа, ве предупредувам внимателно да внимаваме. Да слушаме и да правиме како што ќе ни се рече и пререче, а особено како ќе ни се дорече. Она што некому нема да му биде баш јасно, нека не бара да му се објаснува оти не ќе е за објаснуање. Поарно да го прескокне како такво и да продолжи, заедно со сите нас, во правецот на дејствуањето.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Ако нешто не ви стои како што треба во кажаново-реченово од мене, нека ви стои како такво до почнувањето однапред и одзади.

(Негодување на присутните)

Александро Филипов Македонски:

Господине претседавачу, дозволете ми да ставам една забелешка.

Црвенко Државнички:

Каква забелешка, сожителу Александро Филипов Македонски?

Александро Филипов Македонски:

Всушност, предупредување дека со оглед на плурализмот во Кулава сигурно често ќе се случува да немаме кворум кога ќе носиме одлуки и решенија. Па ако ми се дозволи, јас накусо би им пренел на собраниве и Вам посебно едно искуство на тој план на еден мој пријател од една соседна локална самоуправа.

Црвенко Државнички:

Интересно. Макар што отстапувам од утврдениот дневен ред, ај да те чуеме.

Александро Филипов Македонски:

Прво да им се претставам на присутните, слушателите и гледачите, во најкуси можни црти.

Како што чувте, јас сум Александро Филипов Македонски, најистакнат сожител во Кулава вавилонско-протомакедонска, од мнозинската и немнозинските заедници со акцент на најмнозинската од нив. Ви звучи нескромно, ама бидете сигурни дека ќе ви се докажам како таков во епизодите што следат. Може некому му се чинам познат, па да го расчистам чинењето: во едно блиско минато време, кога на овие простори сè уште егзистираше една држава со привремено име односно референца ФИРОМ, во јавноста бев многу популарен како Дедо Громче Маде ин Републик оф ФИР Маседонија. Тогаш многу зборев како таков, па ретроградните полит-бизнис олигархиски кругови мораа да ме замолчат откако веќе не можеа да издржат односно не смееја да си дозволат да ме премолчуваат. Не оти им ја загрозував егзистенцијата, ами зашто беше непримерно еден дедо да им кажува и докажува сè и сешто; кога се знае дека во секој, па и во нивниот транзициско-првобитнокапиталистички процес сè се потпира на млади, тазе образовани, а пред сè и над сè перспективни политизирани стручни кадри. Во меѓувреме, кога бидна што бидна, односно со несебична помош од меѓународниот фактор бившата привремена република се реорганизира во Обединета локално-самоупрана држава Протомакедонија, јас си фатив заветринка како пензионер, па еве ме сега пак активен.

Е, сега искуството на мојот пријател.

Тој мој пријател не пропушта ниеден состанок на кој ќе го повикаат или за кој ќе добие специјалиа покана. Не знам за што да се расправа, за што било, тој е секогаш присутен.

Најдраги и највесели му се долгите состаноци, оние што почнуваат на стартот од работното време и продолжуваат по него. Па и додека трае третата смена, односно до длабоко во ноќта. Со други зборови, онне што траат сè дотогаш додека не им се изморат устите на дискутантите, додека не им фатат пена. Ви кажувам, најдраги му се затоа што на нив може многу да научи и да разбере, да си ги провери или да си ги преиспита свонте ставови и мислења. А највесели затоа што на нив се случува вистински натпревар помеѓу дискутантите. Едни викаат оти им се вика, едни за да не ги чујат другите, други за да надвикаат трети, а трети затоа што имаат органска потреба за викање. Едни се јавуваат само еднаш и она што ќе го речат е конечно, единствено, јасно и гласно, без алтернатива, иоклучително. Потоа седат на состанокот за малку да се одморат од домашните проблеми или едноставно да придремат малку. Други постојано креваат два прста, а не им со дава збор. Можеби не знаат дека збор така се добива само во процесот на описменувањето. Веројатно не знаат дека треба ни две ни три да станат и да си ја почнат дискусијата. Трети, пак, си остануваат трети до крајот.

Во последно врвме мојот пријател го загрижува една загрижувачка појава: постојано се намалува бројот на состанувачите. Имено, кога треба да се одржи состанок како дел од нечија богата активност, на пример изборна, нема проблем, сè е в ред. Ама кога треба да се донесат или усвојат некои заклучоци и одлуки, е тогаш поради немање кворум состанокот најчесто се одлага за подобри времиња. Како секогаш да има подобри времиња од добрите. Па така, се случува заклучоците и одлуките да остарат, да им мине времето, актуелноста или ургентноста. Непријатна работа во најмала рака.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Еден случај случајно се одиграл во локалната самоуправа на мојот пријател.

Во секој случај мошне интересен и поучен. Случајот бил токму во врска со кворумот. Немало кворум, па се поставило прашањето како да се обезбеди.

Анализирајќи ја мошне непријатната ситуација во најмала рака, на најзаинтересираниот сожител, мојот пријател, му дошла оригинална идеја: секој што ќе дојде на состанокот, закажан јавно, преку дневниот и неделниот печат и електронските медиуми, значи секој што ќе присуствува на него со својот психо-физикус, со своето лично име и презиме, како признание и награда да добие нешто, што било од домашната прехранбена индустрија. Зошто баш тоа? Затоа што во рамките на стандардот во локалната самоуправа таа индустрија била највисоко развиена, најквалитетна и мошне скапа, почнувајќи од леб и сол.

Се разбира, состанокот се одржал, но со судни маки. Маките биле такви од причина што активистите, активните на секој состанок се навредиле, се почувствувале онеправдани оти не било предвидено да добијат ништо повеќе, што значи не им се признал минатиот дискутирачки труд. Па заклучиле, коиструктивно и самокритички, дека не можат да си дозволат на тој начин да бидат привлечени, придобиени и, да не речам а ќе речам поткупени. Конкретниот состанок го бојкотирале.

Почитувани сожители во Кулава, почитуван претседавачу, по ова мое предупредување ми паѓа иа ум една убава народна поговорка:

„Кој седи под круша, јаде круши“.

Се разбираме, нели?

Црвенко Државнички:

Јасно е, Господине Александро Филипов Македонски., многу добро се разбравме. Во наредниов период ќе размислиме длабоко на оваа тема.

Пред да завршам со мојава предговоранција, сакам да ви дадам и едно упатство за употреба, на кое посебно треба да се упатуваат Македон и Европа: сè она што ќе го правиме заедно и одделно да го правиме оддесно налево, па одлево надесно, па озгора удолу и сетне оздола угоре. Се разбира, нормално и природно, и од почетокот кон крајот, и од крајот кон почетокот. Ова за на макро план. Потоа, откога ќе се направи заедното и одделното, задолжително ќе мораме да го преправаме обратно. Во името на континуитетот и нашата перспектива.

Во претходниов контекст се поставува едно прашање во врска со употребениот латинско-нашински назив: зошто Latentia hronicus-однапред и одзади? Еве зошто: знам дека латинското ви е познато, знаете што значи, па нема да го преведувам. Ако некој не знае, ќе дознае во текот на процесов односно нашето дејствие. А за однапред и одзади, тоа нема врска со дејствувањето и активитетот, ниту со причините и последиците. Тоа доаѓа од богатата традиција на нашиот народ и на поранешните народности односно националности односно малцинства, сега немнозински заедници покрај мнозинската со акцент на најмнозинската од нив. Сите сожители во оваа наша мала локална заедница секогаш, од дамнина до нашиве дни, однапред правеле и одзади им се правело. Знам оти тоа им е многу добро познато и на Македон и на Европа, па кога некаде ќе запне работата, сигурен сум дека ќе знаат дали однапред, дали одзади ќе одзапнуваат.

И уште да ве предупредам, другарки и другари, дами и господа, да не речете после дека не сте знаеле, па сте се начекале сами или ве начекале оние што ќе ве пречекуваат: не давајте суд или мислење, став или дилема сè додека некој такво нешто не побара лично од вас. Држете се за колективното. Дури и тогаш правете напори на воздржување. Отсекогаш било и ќе биде поарно за оние воздржаните одошто за држаните. Да завршиме.

Александро Филипов Македонски со тивок глас:

А камен-темелникот, Господине Претседавач?

Црвенко Државнички:

Каков камен-темелник?

Александро Филипов Македонски: Па, мислам дека, ако ни е доволна оваа просторија во визбава, ако не ни треба посебна да изградиме, барем во неа да си поставиме камен-темелник. Може на средината. Да ни го симболизира почетокот на нашиов конструктивен позиционо-опозиционен соживот. Можам да ви пренесам убаво искуство на тој план.

Црвенко Државнички:

Немаме многу време, ама за да не излезе дека јас како претседавач сум човек што сече и многу не дава збор, го оставам тоа за следниот состанок. Сега доста беше. Може и премногу. Во секо случај, благодарам на вниманието. Состаноков заврши.

(Завесата се спушта, удираат три гонга, а просторијата се осветлува по речиси минута во тотално мрачен молк. Се разбира, намерно. За присутните првично моментално да размислат за сè што им се кажа и раскажа.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here