Потребно време за читање: 9 минути

5. Петта епизода

Амбиент:

Кратко во визбената просторија за состаноци во Кулата локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска, па во домашен амбиент, во станот на последниот кат од Кулата, привремено живеалиште на Европа; во кој за првпат, како што е редот, почнува едно пријателство и интеграција во секое поле и на секој план: се среќаваат Македон и Европа.

Лица со гласови:

Истите од првата епизода.

(Се пуштаат првите тактови од „Одата на радоста“-химната на Европа-1 минута, а рефлектори „ѕвезди“ ги шараат салата, актерите и публиката.)

Трпе Трајчевски (во затемнет агол, личи на сенка):

Добар ден, јас сум вашиот најнезависно-објективен новинар Трпе Трајчевски. Го вклучуваме нашиот микрофон и ве пренесуваме во привременото живеалиште на Европа, станот на последниот кат од Кулата, во кој за првпат се среќаваат Македон и Европа.

Европа:

Да ти кажам право, Македоне, ако нешто ептен ви чини во овој ваш меѓуетнички и меѓукултурен соживот, а немаш претстава колку ми се допаѓа, тоа е токму ова; што можеме слободно да се среќаваме кај мене или кај тебе, кај кој било друг. Тоа го проверив во меѓувреме. И згора на тоа, никого да не испровоцира на задни и предни мисли. Ние интегрирраните тоа го немаме.

Македон:

Знам, Европо, ама знам и зошто. Од што многу терате бизнис и политика. Очи не си гледате, а камо ли да имате време за вакво нешто. Тоа што си го забележала е резултат на нашата свест дека провокациите од таков тип се израз и одраз на малограѓанштината. Подоцна ќе ти пренесам едно стручно мислење за малограѓанинот. Само, морам да ти признаам дека станов ти е во неред, и тоа не ми се допаѓа. Можеби затоа што си почнала да го адаптираш на вашите стандарди, откако сама се увери дека имаш општ консезнус-ако сакаш 100, ако сакаш 1000, ако сакаш милион насто, кога-тогаш да бидеме дел од твоите интегрирани. А со вакво нешто, како и со друго, како остатоци од соцреализмот и комунизмот, ако ви влеземе може и да ве растуриме. Мене тоа ми е. Едноставно се плашам, па овие нашиве ги терам во своите станови да направат нешто по ваше. Засега сум успеал само да го прекинеме долгото состанчење, но сме сè уште далеку од конструктивен политички дијалог.

Европа:

Добро е тоа, полека ни влегувате во стандардите…Туку, да не заборавиме зошто дојдовме тука, кај мене. За извештајот, нели.

Македон:

Ај да го суредиме што побрзо, па потоа малку да се релаксираме.

Европа:

Јас мислам дека воведот ми е добар и ништо не би менувала. Ако е лирско-политички. Тоа е во рамките на нашите барања од вас за подобар квалитет на животот и континуиран конструтивен политички дијалог. Јас во продолжение сакам да акцентирам нешто што мислам дека го имате. Го видов и го слушнав, ама не ви е доволно развиено. Мислам на културата на ниво.

Македон:

Сакаш да речеш дека не сме доволно културни? Ма немој, ти се молам! Не ми се прави тука недоветна. Добро знаеш дека ние сме ти дале, и на тебе и на сите во тебе, и писменост и култура и историја и цивилизација…

Европа:

Полека де, не рипај, дај да се дообјаснам. Мислам на секојдневната, сегашната, денешната. На пример, од ден на ден сè поретко слушам дека наутро меѓусебе се поздравувате со „Добро утро“, напладне со „Добар ден“, а навечер со „Добра вечер“. Како да не си посакувате добро помеѓу себе.

Македон:

А, на тоа мислиш…Па сега…Види вака. Тоа не е поради културното ниво, ами оти сме малку на број. Ептен се познаваме, добри сме си помеѓу себе, па ни е доволно да се поздравуваме само со „Здраво-живо“.

Туку, ај да ти се конкретизирам, поточно да се илуистрирам.

(Удар на гонг)

Имено, до неодамна, во контекстот на ова што си го забележала, навистина нешто чудно се случуваше во нашава средина. Пред влезот на Кулава, дома, на работа, нема каде да не ми заѕвонат во ушите овие три слатки збора: „Простете, ве молам, благодарам“!

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Мислев, оти нели имам право да мислам со своја глава односно независно, дека културното однесување во универзална смисла на зборот му е вродено на нашиот градски селанец, а богами и на нашиот одскорешен селски граѓанин. Јасно ми е дека учтивоста е една работа, а културата нешто сосема друго. Ама е слично, нели? Може да се рече дека едното произлегува од другото. Поточно, другото е чист сурогат на првото, ако можам така да се изразам. Што му доаѓа на исто, нели?

„Простете, ве молам, благодарам“ ми потврдува дека како преку ноќ да сме станале учтиви едни спрема други, односно културно однесени.

На работа:

„Простете, зошто задоцнивте утрово?“, му се обраќа учтиво и културно шефот на младиот работник кој задоцнил едно половина час.

„Ве молам, разберете ги моите потреби, шефе. Не возам автомобил, ами одам пеш по светот. Јас сум млад човек, знаете, и ќе стасав навреме. Ама, да простите, ме запре и ме врза во муабет една убава женска половина“.

„Благодарам на образложението“, прифаќа учтиво и културно шефот и…проблемот е решен.

На состанок:

„Простете, но јас, другарки и другари, дами и господа, сакам да го изнесам пред вас своето лично мислење. А моето мислење е, благо речено, сосема спротивно од вашето. Всушност, не е исто како вашето. Мислам дека вие не сте во право. Простете, ова морав да ви го кажам в лице“.

„Ве молам, каков е тој страв? Зошто јавно да не си го кажете своето приватно мислење?“, прашуваат другарите и другарките, дамите и господата. „Само Вие обидете се да го формулирате појасно и погласно, а потоа со заеднички сили и напори ќе оцениме дали е така или не е“.

„Благодарам на довербата. Ви останувам должник, но ќе најдам некој начин во иднина да ви се оддолжам…Мислам дека некој треба сосема слободно да предложи нешто, па откако ќе го разгледаме и проанализираме неговиот предлог, тогаш ќе можеме да се замислиме. Впрочем, мислам, таква треба да ни биде практиката, а не ваква“.

Или ваков животен пример. На пазар на пример:

„Простете, можам ли од Вас да купам свежи јајца?“

„Ве молам, какво е тоа прашање? Зарем јас да си дозволам да продавам јајца од лани?“, одговара учтиво и културно продавачот на јајца.

„Благодарам, немав намера да Ве навредувам. Ниту Вас, а ни Вашите јајца. Знам дека ако Вас ве нема, којзнае како ќе се прехрани локално-самоуправново население“.

И така. Само едно ме плаши. Ние сме си такви, како балкански менталитети и наталитети. Во сè знаеме да претераме. И во менталитетот и во наталитетот. Дури и по цена да ни паднат и на пониски гранки!

Конкретно речено, се плашам да не се претераме од учтивост и културно однесување. А имам причина за страв.

Утрово слушнав или начув вакво, учтиво обраќање помеѓу еден и друг населеник. Само во една реченица, во еден единствен здив:

„Простете, можам ли да си дозволам да Ве молам за едно благодарам?“

Што велиш на ова, Европо?

Европа:

Ми се допаѓа! Ќе го внесам во мојот извештај. Туку…за она „Здраво-живо“… Тоа значи дека ви е добро, и здраво и живо по цел ден?

Македон:

Чекај малку, не ми го врти аргументот како што ти се посакува. Тоа може подоцна… мислам…Не ни е добро цел ден, ами тоа значи дека ни е доволно кога ќе се видиме прво здрави, па после живи, а не обратно.

Европа:

Добро де, смири се, не ја расипувај интимнава атмосфера помеѓу нас… А она за малограѓанштината?

Македон:

Да, еве сега. Како што ти ветив, нели, ќе ти пренесам едно стручно мислење за него од наш еминентен етичар по професија. Не му го запомнив името, ама не е важно. Неодамна го изнесе како дискусија на еден собир. Текстот му го зедов и, заедно со некои други важни, постојано си го носам со себе. Слушни:

(Се накашлува)

„Другарки и другари, Дами и Господа,

Јас го прифаќам и целосно го поддржувам, ако треба и се согласувам со вашето мислење дека помеѓу нас нема многу мали граѓани, односно малограѓани. Грото сме големи! Но, и на тој мал, минимално мал број треба да му посветиме соодветно внимание. Дозволете ми тоа да го сторам јас наместо вас.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Мојава денешна научна дискусија ќе му ја посветам на овој тип луѓе кој, како што е познато, му создава многубројни, несогледливи последици на нашето просечно културно ниво. Згора на тоа, и причините не се за потценување. Во најмала рака ќе речам за да не ме корегирата или ни случајно да не полемизирате со мене: мислам дека тоа, просечното културно ниво, ни го спушта уште пониско.

Во оваа моја научна дискусија најнапред недостасува дефинирањето на малограѓанинот. Сакам да вложам поголем напор во таа насока:

Малограѓанинот е мал граѓанин кој има перспектива да стане голем. Ако истрае на тој пат, ќе ни овозможи полесно и побрзо да го примиме помеѓу нас, големите граѓани; односно, да се стопи во нас, така да не може ни самиот да се препознае. Ако, пак, не му успее, тогаш веројатно самиот ќе се прогласи за голем, и тогаш ние ништо не му можеме. Ниту да му помогнеме, ниту да му одмогнеме.

Зошто малиот граѓанин е мал? Затоа што е мал, другарки и другари, Дами и Господа. А тоа значи дека не е голем и затоа ние мораме да го знаеме како таков.

Дали може малиот граѓанин како таков да ни пречи? Јас би одговорил и со да и со не. Може, доколку му обрнуваме поголемо внимание, да одговориме со „Да“ во однос на ова прашање. Може и со „Не“, ако му обрнуваме помало внимание, т.е. ако го премолчуваме; ако минуваме покрај него без да му посакаме ни „Доброутро“, ни „Добарден“, ни „Добравечер“. Во вториов случај сигурно длабоко ќе го навредиме, па тоа болно ќе се одрази на неговата психа, ами како. А тоа, од друга страна, ќе придонесе да си го забрза процесот на растење и прерастување во голем граѓанин.

Овде би можел да цитирам многу мои колеги што се изјасниле по ова прашање, а кои апсолутно се согласуваат со мене. Но, мислам дека тоа, цитирањето, засега не е потребно оти може да ја прошири мојава научна дискусија, па вие да го изгубите трпението да ме сослушате докрај. Останува да ви биде доволно моево лично мислење фундирано на научна база.

Што сака малограѓанинот? Тој најнапред сака да стане голем. И се разбира, знае како да го стори тоа по најкус можен пат. Прво ќе се запознае со нас, големите, па ќе ги испита нашите можности и потенцијали, но пред сè нашиот стил на живеење. Потоа ќе настојува сето тоа и тој да го прифати и примени, т.е. стручно речено да се преадаптира. На пример, сè што ќе купиме ние од нашите плати го купува и тој од својот сопствен личен интерес. Згора на тоа, настојува да купи и повеќе од нас. Ако е во прашање телевизор во боја, тој купува и видео рекордер за да го сними она што не го гледаме ние, не го гледа ни тој, но ќе го види кога ќе има време за гледање. На крајот, на тој план ќе купи и ѕиден екран.

Што се случува со малиот граѓанин? Обично не се случува ништо. Само се обидува барем одвреме- навреме да игра активна улога во својот живот. Имено, со време научува како треба да се јаде културно риба, на пример. Или во која рака треба културно да се држи ножот, а во која вилушката. Додека добро не го истренира тоа, во кафеана или не оди или кога оди одбегнува да нарачува риба. Нарачува обично рибина чорба.

Кога дискутира на некоја актуелна тема, малограѓанинот избира зборови. Задолжително ја употребува странската литература за цитирање, а заедно со неа и некои странски или интернационални зборови, констатирајќи го да речеме следново:

„Иновалентните сублимати на конститутивната фундација го дератизираат проблемот во детерминантна солвентност која кородира во еквивалентна дисонанца на експонирањето“.

Тоа за да дознаеме дека во слободното време чита од сè по нешто, а најнешто од белетристиката и литературната критика. Ако, пак, некогаш употреби погрешен збор, бидете сигурни дека брзо ќе нè убеди во која смисла го употребил правилно.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Важна улога кај малограѓанинот игра облеката. Тој во буквална смисла ја сфатил поговорката: „Облеката го чини човекот човек. Голиот човек може само да биде гол како човек“, па се носи не по последна мода, туку онака како што се носиме ние, големите граѓани. И тоа е еден од начините како да влезе во нашите редови, притоа ние да не го препознаеме; незабележано да ни се пикне под кожа.

Важна му е и културата. Малиот граѓанин дава активен придонес во движењето и развојот на културните процеси. Се бори против нивната супституција, субординација и локација, ако можам така да се изразам стручно. Може да се рече дека одвреме- навреме е и поактивен од нас. Дури многу поактивен! Тој е најверната публика на сите културни настани и случаи.

Во последно време забележувам дека ако задоцни некоја минута или секунда културниот настан или случај си го одлага почетокот! Имено, без малограѓанинот не смее да почне. Има случаи некои случаи или настани дури и да се одложат, да бидат организирани во подобри и подобни времиња. А тие, пак, подобрите и подобните се разбира доаѓаат кога ќе дојде тој.

На крајот да направам конструктивен заклучок на мојава научна дискусија:

Треба да се почитува малиот граѓанин, т.е. односно малограѓанинот. Да се почитува и да се негува. Ако го нема помеѓу нас, треба под итно да го создадеме. Макар тоа морале да го сториме со некој од нас. Замислете, другари и другарки, Дами и Господа, што сè би се случувало да немаме малограѓани?! Што не би се случувало? Ништо. Во секој случај, животот би ни бил банален, монотон, секојдневен, неинвентивен, колоквијален, неколегијален.

Од сите тие причини и последици, имајќи ги предвид и предвидувајќи ги, дозволете ми да завршам со една сентенција што успеав да ја есенцирам слушајќи ги вашите дискусии и консултирајќи ја мојата долгогодишна практика, како и на моите колеги од минатото, денешнината и иднината:

Треба да ги вложиме сите сили и напори од нас да направиме што поголем број на мали граѓани на кои потоа ќе им дозволуваме полека, постапно, континуирано и конкретно, со текот на времето, консеквентно да стануваат големограѓани“.

Македон:

Што велиш, Европо, на ова?

Европа:

Интересно, нема што…И уште еден, трет елемент кој сакам да го ставам во извештајот, Македоне мој: тоа е вашето работење или по наше бизнисот, и тоа уште од понеделник.

Македон:

Е, за тоа има што да напишеш. Ние си имаме делник од понеделник, па уште откога го фативме вашиот ритам, европското работно време, ептен ни легна работата. Стани си рано порано-легни си вечер подоцна. Да знаеш, од тоа ни е многу ќеф. Ептен ни стана европско работното расположение. Дури сме им многу задоволни на нашиве прекуноќни бизнисмени што и саботата ни ја направија работна. Законот наскоро ќе го смениме оти е контра на тоа, а и неделата конечно решивме да ни биде тотално неработна. Од друга страна, пак, нашите прекуноќни бизнисмени нè плаќаат како ќе им текне и како ќе им стигне, пшто е аргумент повеќе за смена на законот. Да знаеш, Европ моја, тие се многу за жалење затоа што вложуваат максимален напор, просто се жртвуваат за нас за да станеме работни како вашите и што побрзо да станеме ваши.

Европа:

Да, да, тоа сум го забележала. Ама најмногу, како да кажам, впечаток ми остава цената на вашиот труд. Со неа сте многу привлечни и перспективни за нашите бизнисмени. Ич да не берете гајле и ако тоа биде една од причините да ве примиме во моите редови не тогаш, туку кога-тогаш, ама сигурно не никогаш.

Македон:

И за тоа можам да ти кажам и прекажам многу, ама да оставиме за другпат.

(Ѕвон на воловско ѕвоно. Се спушта завесата, салата се затемнува, па се осветлува, а публиката аплаудира крената на нозе и полека, без турканици излегува.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here