Потребно време за читање: 9 минути

4. Четврта епизода

Амбиент:

Сала за состаноци во визбата на Кулата локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска, со говорница со еден микрофон. Во левиот полузатемнет агол е новинарот Трпе Трајчевски кој има улога на вршител на пренос од состанокот, поточно од седницата на Советот.

Лица:

Трпе Трајчевски, Д-р Крале Марковски, Црвенко Државнички, Александро Филипов Македонски, Македон, Европа.

Трпе Трајчевски:

Драги слушателки и слушатели, читатели и читателки, на почетокот на оваа епизода од научно-политичкава сатиралија пак му давам збор на нејзиниот автор, Д-р Крале Марковски. Тој ќе ви објасни некои нешта што произлегуваат од вашите реакции по преслушпувањето на претходните.

Повелете, Докторе Крале Марковски.

Д-р Крале Марковски:

Благодарам.

Имено, некои слушатели се збунети по претходните епизоди и бараат лично од мене да им ја отстранам збунетоста, односно да бидат начисто во натамошниот период. Таа произлегува од фактот дека станува збор за научно-политичка сатиралија. Сега сосема накусо ќе го објаснам нејзиниот научно-политички аспект.

Иако некои од вас ме опоменуваат за некаква грешка, нема потреба од такво нешто прибидејќи грешка нема. Знам од кај им иде опомената: од стандардите и шаблоните за научен труд, а и од практиката дека кај нас, но и пошироко во регионов политиката одамна не се третира како наука. Затоа помеѓу нашите политичари и политичарки, и од позицијата и од опозицијата, најмногу можат да се избројат политикантите. За политикологијата не сакам да зборувам. Само ќе речам дека таа е фундирана во овој мој труд.

Што се однесува на стандардите и шаблоните, проблемот не е во отстапување од нив поради мое земање на голема слобода како доктор на науки, туку во тоа што некои од вас не прифаќаат дека ова е време на дестандардизирање и дешаблонизирање на сè во модерниот социјално-економски, политичко-судски, јавен, културен, спортски и секаков друг живот како живуркање. Со други зборови, модерново време, како што верувам ви е познато, најмногу ја бара креативноста на духот. А кога таа ќе се поврзе или сплоти со научната фундираност, се добиваат мошне интересени оригинални резултати. Како што верувам дека веќе почнавте да ги дознавате и разборате.

Уште нешто: можеби ги забележавте, можеби не, но сигурен сум дека допрва ќе ги забележувате моите аргументи, фактите и тези. И тоа од кои други, ако не од устите на народот, што значи од базата, од гласачкото тело, како и од нивните избрани претставници. Во тој контекст треба посебно да обрнете внимание на нивните илустрации со конкретни примери од животот.

Нагласувам дека оваа моја научно-политичка сатиралија има несомнена вредност и поради фактот што извира од нашиот жив живот. Со други зборови, таа е тотално животно актуелна.

Инаку, во оваа епизода ќе има дејствие однапред. Тоа ќе се одвива во Советот на Кулата.

(Завесата се спушта односно удираат три гонга)

Трпе Трајчевски:

Значи, почитувани слушателки и слушатели, читателки и читатели, штотуку започнува седницата на Советот на Кулата локално-самоуправна. Која, уште еднаш да потсетам, неодамна беше подигната односно изградена на средината од матната река, помеѓу двата нејзини брега, а пред неколку недели во неа се одржаа избори и се конституираа раководните тела и органи на сожителите. Како што е најавено, со седницата ќе раководи претседатавачот Црвенко Државнички. Главен збор овојпат ќе имаат главните личности во процесот на евро-алтантско интегрирање, Македон и Европа.

(Еден гонг)

Црвенко Државнички:

Другарки и другари, Дами и Господа,

Ја отворам оваа седница на нашиов Совет. Констатирам дека мнозинството од сожителите во Кулава, поточно од народот и етничките малцинства се присутни во салава, што значи дека имаме кворум и за евентуално решавање на актуелни прашања и проблеми и за донесување одлуки и решенија.

(30 секунди молк)

Александро Филипов Македонски:

Претседавачу, дозволете ми да интервенирам, веднаш да Ве поправам. Направивте грешка која може да има тешки, дури несогледливи последици во рамките на нашите меѓусебни односи по катови и во целина, како Кула.

Црвенко Државнички:

Ај, члену на Советов Александро Филипов Македонски, ама да не ми вртиш лево-десно, да бидеш конкретен во поправањето.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Александро Филипов Македонски:

Ти, Претседавачу, еднаков помеѓу нас сите, како да не си го читнал Уставот, а камо ли другите закони и подзаконски акти. Каков народ? Какви етнички малцинства? Кај ги има? Ние ги избришавме, да не речам, а ќе речам ги скинавме.

Црвенко Државнички:

Поправањево не ти игра. Ако добро се сеќаваш, јас на првата седница точно се изразив и ти докажав дека сум го читнал Уставот. Така е, ги избришавме, да не речам, а ќе речам ги скинавме во Уставот, ама никој не може да ми фаќа за зло ако на тој план бидам малку назаден. Макар само овојпат. Меѓу другото, и затоа што тоа не е назадно во Европа. Токму таму се сè уште конститутивни елементи, па во рамките на европеизацијава…Впрочем, еве ја, тука е, со нас е, па прашај ја Европа за тоа. Ќе ти каже што има некажано во однос на односново прашање.

Европа:

Да, пријатели сегашни привремени и којзнае можеби идни мои сожители, тоа е едно од оние прашања кои не заслужуваат одговор. Ама сепак, ќе речам дека ако сакаме Кулава да биде кога-тогаш примена во мене, однапред или одзади сеедно, а гледам дека тоа е ваша желба горешта, морате, како што е одамна историски докажано, секогаш да бидете авангардата, како што во моментов сте. Бидете сигурни, штом ќе влезете сите други влезени и излезени ќе го следат вашиот пример и ентичките ентитети ќе ги прекрстат во мнозински народ и немнозински заедници. Впрочем, тоа не е некој голем проблем. Јас сум подготвена да ве примам сите како мнозински, прибидејќи сум без граници односно безгранична. Се разбираме, нели?

(Краток аплауз)

Црвенко Државнички:

Фала ти, Европо. Доволно е, добро се објаснивте. Во секој случај, се изразив еднаш и никогаш повеќе. Не за друго, туку само за да не предизвикам иритација кај некој многупочитуван сожител, особено припадник на најмнозинската од немнозинските заедници. Ај сега да преминеме на дневниот ред во рамките на Деловникот за работа. Да чуеме кој што има да каже за пролетнава интеграција на соживотот и мултиетничката, односно мултикулурната толеранција во нашава Кула на микро и на макро план.

(Удар на гонг)

Македон:

Претседавачу Црвенко Државнички,

Ова е мошне важно, судбинско прашање за нашава локална заедница во корелација со Госпоѓа Европа. Прв земам збор и молам никој да не проба да ми го одземе. За да не морам потоа да земам и два и три. Навреме сум информиран лично од Европа дека и таа ќе земе збор, и тоа по мене, па ги предупредувам сите во Советов да го имаат ова на ум. Во името, нели, пред сè на нашата култура и одамна докажаната толеранција.

Црвенко Државнички:

Нема проблем, повели Македон.

Македон:

Според мене лично и персонално, јас мислам дека пролетнава интеграција на соживотот и мултиетничката односно мултикултурната толеранција во нашава Кула на микро и макро план е сосема случајна. Сакам да речам, можеше да биде и летна и есенска и зимска, а речиси ништо во неа да не се промени ниту однапред, ниту одзади. Да се дообјаснам. Речиси затоа што во пролетна обично, според нашите навики и обичаи, предност му се дава на однапред, а одзади доаѓа ако не може однапред или, што би рекле моите верни пријатели Трпе и Трајче, ако нема мрдање, па сакал-не сакал да мора одзади.

Нејсе, пролетнава интеграција мене лично и персонално ми е важна на катно ниво, што би се рекло. И мислам дека е тоа добра стартна позиција. Станува збор за статусот, разбира се. Сите се со ист, еднаков, па на Европа нема да ѝ биде лесно да даде несомнен придонес на тој план. Особено во однос на мултикултурната толеранција.

Европа:

Само за кратко да му упаднам во зборот на Македон, Претседавачу.

Црвенко Државнички:

Може, Европо, само повели. И онака знам дека многу скоро ќе му упаѓаш во сè.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Европа:

Ако ми дозволите, јас сакам веднаш да се согласам со него. Затоа што веќе направив експеримент, пробав на приземно ниво. И морам да признам, и однапред и одзади ни одеше како подмачкано.

Македон:

Ете слушнавте, колеги советници мои. Европа целосно се согласува со мене. Дури и се конкретизира.

Да продолжам, на катно ниво најнапред треба да се разгледаат меѓуетничките односи, а потоа да се премине на меѓукултурните. Ќе почнaм од првиот кат на нашава Кула, а другите ќе ги оставам за дискусија на другите. Јас, на пример, ко што имам смисла за антипици..пици…пација, навреме го направив тоа. Со тоа што на тој план го прескокнав приземјето во принцип. Тоа на меѓуетнички план не се чепна, си остана како од социјалдемократското комунистичко време-едноетничко и еднокултурно.

Значи, тргнав од првиот кат, со доселувањето на едно семејство од најмнозинската од немнозинските заедници. Како што е добро познато, го поздравивме неговото доселување искрено и од сесрце, што се вели. А јас, како одамна потврден таков, библиски што се вели знаев дека со забрзано темпо ќе почнеме да ја развиваме мултикултурноста како наша најсветла перспектива.

Европа:

Извини, Македон, морам пак да ти упаднам во зборот. Многу ми е важно за вас, а особено за Кулава да го напишам извештајот за тоа колку сте ни блиски и дали може да го оценам стартот исто како на приземното ниво, кога се во прашање однапред и одзади. Па би можел да помогнеш.

Македон:

Нема проблем, Европо, ако ми упадна. Ти го примам извинението и со огромно задоволство ќе ти помогнам. Кога те гледам ваква убава…Само кажи како однапред, а како одзади. Мислам, конкретно…

Европа:

Па вака! Смислив тој-извештајот да ми биде ко песна, лирика, љубов, емоција, искреност, и така… Како лирски запис за пролетта. Притоа, особено да потенцирам нешто што кај мене ретко се среќава оти европското е малку постудено, знаете, па…

Македон:

Да ти диктирам од говорницава или ти да излезеш, да застанеш до мене, па да те дополнувам?

Европа:

Ти стој си на говорницата, а јас одместо…

Црвенко Државнички:

Чекајте, чекајте, не може тоа така. Каков е овој дијалог? Ова не е ниту коректно, ниту деловнички. Јас го водам Советов. Бидете парламентарни и коректни, Македон и Европо.

Европа:

Па го водиш де…Можеш и ти и опозицијава да помагаат. Само конструктивно.

Македон:

Ај да не губиме време на ефемерии, Дами и Господа. Европо, почнувај. Слушам.

Европа:

Па, јас вака почнав:

Во еден пролетен ден, од оние поубавите, со ведри утра и спокојни вечери, во Кулата локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска, изградена на средината од матната река, помеѓу нејзините два брега, сите беа пролетно расположени уште од раните утрински часови. Толерантни, меѓусебно љубезни, меѓусебно почитувани, конструктивни позиционерско-опозицонерски, во беспрекорен политички дијалог. Зраците на пролетното утро им ги топлеа срцата на градските селани односно руралци и селските односно руралните граѓани во Кулата, а мене ме облеа пролетна топлина и задоволство. Речиси бев сигурна дека Кулава кога-тогаш ќе стане дел од големото европско семејство…

Македон:

Да ти кажам, Европо, многу не ме бендисува твојов почеток. Некако ги мешаш работите. Сè ми звучи ем лирски, ем политички. Јас мислам дека ти како стара, мислам искусна дама, со многу големо кројачко-шивачко искуство на меѓународен план, ме разбираш, треба да бидеш определена. Ако сакаш лирски да нè настроиш и устроиш, тогаш не мешај политика. Ако сакаш политички да не изработиш или преработиш, тогаш немој да политизираш лирски. Европо, да знаеш, ме разочаруваш. Со ваков старт не знам зошто би запнувале да ти влеземе однапред.

Европа:

А како би помогнал ти, Македон, на лирски план?

Македон:

Многу конкретно, прибидејќи ме бидува за тоа. Еве вака. Запишувај:

Пролетта ни долета и ние од радост би полетале. Во височините, во широчините, во далечините и близучините. О пролет, какво убаво годишно доба! Во пролет сè запролетува, а запролетуваме и ние. Ќе си удриме сè пролетно; и облекувањето и соблекувањето; и младоста и староста; и станувањето и легнувањето; и работењето и неработењето. Заедно со дрвјата и цвеќињата, со птиците и животните, со инсектите и рибите…Каква радост, каква пролетна убавина, каква песна, каква игра! Сегде сонце и зеленило…Просто подетинивме, почнавме да си ја потпевнуваме детската: „Кокиченце, мило цвеќенце..“. Сè во игра и песна од утро до вечера! Од појадок до дојадок!

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Ви се чини дека нешто сум се занел, сум се залетал, сум се запоетил? Па, да! Едноставно, пролетта ја чувствувам на својата сопствена кожа, а уверен сум дека и вие ја чувствувате. Особено ако ви е топло или студено. Или-или,трето нема. Оти ова е само нејзиниот почеток, па на времето му треба време да се адаптира, да се навикне на неа.

Зимата ни пројде, пролетта ни дојде. Ако размислиме малку подлабоко и пошироко, којзнае каква зима имавме. Имаше таа и сонце и месечина. Имаше и снег, и немаше ни за лек. И мраз, ни мраз да ти зацрвени образ. Колку да застудиме, колку наутро да се разбудиме. Ми е жал за зимата што пројде. Прво се плашевме како ќе ни мине, потоа станувавме сè похрабри, за на крајот ич да не ја третираме. А таа ни покажа и докажа дека и во лошото има добро и во доброто лошо. Дека во лошите има и добра зима, а во добрите и лоша…Ни помогна и не ни помогна токму кога требаше. И во поглед на греењето и во поглед на штедењето, и во некој друг поглед. Ни помогна да ја истераме некако.

Пролетта е погодна за подготовки. Добро да ја пречекаме, и свечено ако треба, наредната зима. Којзнае дали и таа ќе биде добра или лоша. Којзнае дали ќе има добра или лоша душа. Сè мораме навреме да сработиме и да свршиме.

Излезете ова пролетно утро надвор. Надишете се пролетен воздух и, пред да тргнете на работа, поздравете ја пролетта. Таа ќе ви отпоздрави.

Одвај го чекам првиот пролетен дожд. Да заврне и да врне со денови и ноќи. Јас лично и пролетта очекувам да се покаже како што се покажа зимата. Но, се разбира, не заборавам иа разликите: деновите се сега подолги, запролетени, а наскоро и порано ќе ни почнуваат. Ќе бидеме попролетно расположени за сè, па и за работа!

Црвенко Државнички:

Дами и Господа,

Во овој момент ја прекинувам седницава зашто мислам дека стана премногу лична помеѓу Европа и Македон. Што има нас да нè тангира твојата амбиција, Македоне? Лирски извештај за тоа колку сме ѝ се доближиле, односно колку сме ги исполниле или не нејзините услови и предуслови за европска интеграција. А бе ај!…Особена забелешка имам што и двајцата не ја спомнавте натовската. А тие, нели, одат заедно во пакет.

Уште нешто: расправа можеме да водиме само на напишано. Затоа седнете утре и задутре, прибидејќи е сабота и недела, а можете и да легнете, тоа си е ваше, напишете што ќе напишете, па од понеделник да се собереме во заедничкава визбена просторија и да си удриме една конструктивна расправија. Како што си знаеме…Не заборавајте дека Кулава, како и сите други продуктивни и непродуктивни локално-самоуправни објекти, веќе нема време за чекање.

(Воловско ѕвоно)

Трпе Трајчевски:

Ете, почитувани слушателки и слушатели, читателки и читатели. Како што чувте, претседавачот на Советот на Кулата Црвенко Државнички ја прекина седницата, а нејзиното продолжение го закажа за од понеделник. Пред да се исклучам, да најавам дека утре и задутре или само задутре, во зависност од потребното време за усогласување, директно ќе го пренесуваме седнувањето односно евентуалното легнување на Македон и Европа. Да потсетам, Македон ѝ вети помош во исполнувањето на обврската на Европа пред меѓународниот фактор да напише и поднесе извештај за моментните состојби и процеси на планот на евро-атлантското интегрирање на сожителите односно членовите на мнозинската и немнозинските заедници во Кулава вавилонско-протомакедонска.

Ве поздравувам и ви посакувам сè од добро подобро.

(Настапува тотален мрак.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here