Потребно време за читање: 6 минути

11. Единаесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на кулата.

Лица:

Д-р Крале Марковски и жители на Кулата вавилонска-протомакедонска седнати на дрвени столици.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Д-р Крале Марковски:

Според моето докторско знаење за брачно-вонбрачните и семејните односи со стандарди кои тендираат кон изедначување на многу повисоко во нашава Кула, мислам на тие односи и таквата тенденција како проблематика, неодминливо е илустрирањето на релацијата и корелацијата, а особено примеросувањето и конкретизирањето на жената во рацете на мажот, потоа на мажот во устата на жената, а на крајот на мажот и жената во очите на децата.

Дозволете ми да ви ја изложам мојата елаборација. Благодарам.

(Удар на гонг)

Д-р Крале Марковски (продолжува откако во салата завладува тотална тишина):

Жената во рацете на мажот е нежна, топла, спокојна, убава, расцутена. Ова не е само моја поетизација на таквата нејзина ситуација, туку таа е таква и во буквална смисла. Нејзината нежност просто ги гори рацете на мажот кога ќе ја допрат, кога ќе ја помилуваат. Нејзината топлина се разлева во просторот помеѓу нејзиното тело и телото на мажот, доколку не се залепени, прилепени, интимно сплотени. Нејзиното спокојство му помага на мажот да ја смири својата евентуална нервоза, односно кога е во некаков грч, страв, несигурност, а не контролирано, насочувано. Тоа просто извира од нејзината природа и енергија.

За нејзината убавина се испеани безброј песни, напишани се тони книги, па нема што јас да докажувам. Освен да заклучам дека во нашево време се брише разликата помеѓу природната и неприродната односно вештачката односно убавината направена од експерти. Дури и ноќе, кога, нели, паѓаат сите маски и модни стилови, па и кога е во прашање долната облека, тешко може кај неа да се разграничи природното од неприродното односно вештачкото односно направеното. Лично мислам дека е тоа сосем в ред, особено ако се има предвид дека убавината е сама по себе минлива и, како што испеа еден голем поет, може да заморува веќе.

Што се однесува на расцутеноста на жената, тоа лесно може да се забележи уште во првите денови на пролетта. Без оглед што окото навикнато на различни цвеќиња, што цутат во различни времиња, ја забележува во секое годишно доба. Во однос на расцутеноста, кога жената е во рацете на мажот, таа најлесно самата се открива преку лицето, кога е откриено, и телото кога не е покриено.

(Удар на гонг)

Меѓутоа, кај оние мнозински и немнозински заедници што се прилично или многу далеку од евро-атлантските интегративни процеси постои еден навистина голем, би рекол нецивилизациски проблем: еманципацијата на жената. Таа значи тотална рамноправност со мажот, и на физички и на емоционален и на интелектуален план, па и на семеен. (Освен кога е раѓањето на деца во прашање. Макар што и на тој план е веќе постигнато извесно равенство-жената раѓа, а мажот прави. Да, го имам предвид и случајот на вештачки оплоден маж кои роди две деца и не прифати да роди трето зашто, како што пишуваше светскикот печат, му се смачило и решил повеќе да не раѓа.) Кај спомнатите заедници е мошне присутна и агресивноста која, пак, како што е добро познато израз и одраз на примитивизмот.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Во Кулата вавилонско-протомакедонска кај таквите заедници имаше неколку случаи на агресија, кога жени се нашле во рацете на мажот, па затоа сè уште одвреме-навреме се организираат кампањи за растење на свеста и совеста на тој план. Македон и Европа многу пред забрачувањето активно се вклучени во нив.

(Удар на гонг)

Што се однесува на мажот во устата на жената, сакам најнапред да нагласам дека модерново време, пред сè ритамот на животот и егзистенцијалните проблеми, наметнаа целосна рамноправност односно еманципација на половите. Сакам да речам дека мажот влегува во устата на жената исто онолку, колку што е жената во устата на мажот, и излегува исто толку, колку што излегуваат други попатни нешта во нивните деловни и неделовни, директни и индиректни, лични и колективни контакти. Тоа едновремено значи дека доминацијата на појавата на мажот во устата на жената е израз и одраз на културно-цивилизациска заостанатост или евро-атлантска назадност, па од тие причини на неинтегрираните тоа им се наметнува како мошне значаен критериум односно обврска која мораат што побрзо да ја исполнат.

Лично имам забележано дека особено помеѓу политичарите и политичарките од интегрираните, кога е влезеноста во устата на мажот и на жената под прашање, состојбата е максимално еманципирана.

(Удар на гонг)

Има еден интересен феномен кога е мажот во устата на жената. Сум го проучил од сите аспекти и во сите детали, па можам да го елаборирам мошне компетентно: тешко на оној маж што едновремено ќе им влезе во устите на повеќе жени. Тоа најчесто се случува кога ќе се сретнат некаде или ќе се соберат кај некоја на женско дружење односно забава. Зошто велам тешко? Прво, затоа што сè додека трае средбата или собирот е просто неверојатно да им излезе, а второ од причина што жените, без оглед на годините, покажуваат особен интерес за интимните делови и сфери на мажот, а многу малку или дури воопшто не ги интересираат неговите физички и интелектуални капацитети. Уште ако мажот се покажал натпросечно активен на тој план помеѓу некои од нив или сите…

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Посочениот феномен просто го нарекуваат малограѓанштина, но јас имам прецизна дефиниција за него: меѓуполов интерес за индивидуалните вредности, со особен акцент на женската заинтересираност за неполитички, пред сè интимни дијалози. Акцентирањето ми е поради фактот дека и во најразвиените евро-атлантски интегрирани земји е многу мала заинтересираноста за политички неинтимни дијалози, како на пример да се најдат жени во устите на жени. Претпоставувам дека и вие сте забележале колкаво е учеството на жената на таквите средби и разговори.

(Удар на гонг)

Следствено на реченото, сожителите во Кулата не се и немаат потреба од посебен ангжаман за постигнување резултати, за негово брзо исполнување како критериум. Од тие причини овој феномен не им се наметна ниту на Македон и Европа во првите брачно-вонбрачни односи.

(Удар на гонг)

Можам да речам дека прашањето на мажот и жената во очите на децата е мошне сложено. Како прво, децата можат да се стават во две категории: мали и големи. Тоа е основната причина зошто мажот и жената имаат, би рекол, различен статус и корелативен однос кај нив. Како второ, треба да се има предвид вечниот судир на генерациите. Особено во ова време на премин од развиен самоуправен социјализам во првобитен капитализам со елементи на модерен. И како трето, во очите на децата мажот и жената никогаш немаат еднаков, рамноправен третман.

(Магарешко рикање-30 секунди)

Сосема накусо да се изјаснам за трите.

(Удар на гонг)

Во очите на малите деца мажот и жената извесен краток период, забележувам дека како иде времево тој од ден на ден е сè пократок, се пример и углед, поткрепа и прикрепа. Потоа, кога ќе потпораснат, како замена за „тато“ и „мама“ користат жаргонски термини кои мошне прецизно ги сместуваат во нивните очи: „старче“ и „старка“.

На пример, кога им треба некоја пара за акање и зезанција, а грото во Кулата вавилонско-протомакедонска немаат абер од вработување или самовработување односно бизнис, во нивниот жаргон најчесто им се обраќаат вака:

„Ај старче (старка) фрлете некоја кинта за забава и разонода на вашето синче мамино и татино“.

И, се разбира, тие фрлаат без приговор и поговор. Тоа е така не оти во меѓувреме мажот и жената како брачни другари остареле, туку затоа што малите деца потпораснале.

Прочитај и за ... >>  LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Кај големите проблемот е посложен. Грото од нив, не само во Кулата, туку и во веќе интегрираните евро-атлантски земји, имаат статус на слободно-зависни. Мажот и жената односно нивните родители во нивните очи имаат речиси ист. Со други зборови, големите деца се слободни, но зависни, па затоа и да сакаат не можат да бидат објективни до оној степен што е услов за интегрирање во ЕУ однапред и одзади. Тоа е мошне сериозен проблем за кој, иако не е препорачан, во некои од интегрираните има решение: и едните и другите да си бидат слободни, зависноста да се сведе на меѓузависност, а објективноста да се врзе за авторитетот. Ова го открив, поточно осознав откако долго и детално го проучував степенот на севкупниот политичко-економско-социјално-културно-забавен живот.

(Удар на гонг)

За вечниот судир на генерациите во ова време на премин од развиен самоуправен социјализам во првобитен капитализам со елементи на модерен, во кое е Кулата сосе сите сожители и мнозинско-немнозински заедници, само ќе речам дека тој е практично нерешлив и затоа треба да се одбегнува или надминува во секоја конкретна непријатна, незгодна ситуација. Традицијата во тој поглед може да помогне, ама и да одмогне. Помагањето се огледа во стандардот и квалитетот на живеачката, а одмагањето во некои анахронизми и архаизми, какви што можат да се сретнат пред сè во некои од немнозинските заедници.

Како што потенцирав, во очите на децата мажот и жената никогаш немаат еднаков, рамноправен третман. Тоа е апсолутно точно и никого не треба да разочарува. Едноставно, и кај малите и кај големите деца се нема доволно свест за тој третман. Дотолку повеќе ако се има предвид дека, поради низа околности и објективни ситуации, во брачните и вонбрачните односи мажот односно таткото ја презема или веќе ја презел целосно улогата на жената односно мајката.

(Удар на гонг)

Се разбира, сето од мене наведено, приведено и детално елаборирано го имаат предвид новозабрачените Македон и Европа, па се уште отсега максимално подготвени за по благопријатниот период кој, се разбира, со нетрпение го очекуваат. Бидејќи тој сигурно, меѓу другото, ќе претставува очекуван резултат од евро-атлантските интеграции однапред и одзади.

(Удар на гонг)

Ете, јас толку. Фала ви, многу ви благодарам на вниманието со кое што ме следевте.

(Аплауз: ѕвон на воловско ѕвоно. Потоа магарешко рикање 30 секунди, а публиката излегува во молк, полека и без турканици.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here