Потребно време за читање: < 1 минута

17. Жива вода живородна

Живава вода што тече
низ пределите
на моето опстојување
вековито
како плод непресушен
од дамнина до денес
меѓу земја и небо,
ме варди од секакви
болештини
на крвта, на коските,
на срцето, на свеста,
на зборот, на песната,
на молкот, на екотот;
ме предупредува
дека бавно,
но сè поочевидно
ја губи силата
животворна;
а ако не ја земам скоро
в преград,
ако не ја нахранам
со зрак светлина
пред будење на светот
пустошен,
ако не е суштествена
за моите бранувањата
за моите воздиви,
за моите издиви,
за моите близини,
за моите далечини,
ќе ја изгуби најсетне
живородноста
и ќе ѝ е бесмислено
течението,
од извори до вливови,
подземни и надземни.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here