Потребно време за читање: 3 минути

11. Две тела

Монолог

Две стројни и стамени тела. Исправени во простор без време и во време без простор, за секакви моментуми. Нашите ли се? Од нас ли се или се без нас? Од нас дека ни е важен животот без неговата минливост, а без нас како да скитаат во беспаќе? Ако не се нашите, тогаш чии се? Ако не сме ние, тогаш кои се?

Дење-ноќе, од рани зори до ниедно доба следиме игра на две тела еднакво спокојни и еднакво возбудени, еднакво уморни и еднакво орни, еднакво постојани и еднакво непостојани. И порано ни се случувало ова, особено по слободен секс. Или да следиме игра на две тела за кои не сме сигурни дека се наши, дека се од нас или без нас, да се прашуваме дали се наши или чии се, дали сме ние или кои се. Па сме ги станувале од огнена постела, па сме ги облекувале со сè што ни било при рака; сме им обувале обувки за да им биде топло од нозете, па сме им ставале капи и шапки за топло од главите. И сме ги излегувале надвор, и ние со нив за да се замешаме во луѓе или да потонеме во самост. Ни се случувало, но сега некако сосем поинаку!

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 3

Заклучуваме дека двеве голи стројни и стамени тела се и наши, од нас или без нас, се и нечии, тоа сме ние и се некои. Значи, најпрвин се голи, сме голи, по слободен секс. Се прашуваме зошто голи кога ниту некогаш, ниту некаде сме имале поинаков, нам непознат зашто не знаеме за неслободден или зависен. Си одговараме не баш убедливо затоа што се, затоа што сме тела кои постојат самостојно, наспоредно, издвоено, но и заедно, обусловено, како едно. Клучно е последново.

Имено, двеве стројни, стамени и исправени тела, и наши и нечии, и ние и некои  не се како едно, туку се во игра, во не каква било; играјќи се и сами, дури далеку едно од друго во страсен танц. Тогаш и само тогаш се свиваат, се сплотуваат, паѓаат, се креваат, летаат, се смеат и пеат. Како да се бестежински, како да се меѓу стварен и заумен свет. Исто како да се во свој духовен живот, исто како да се призраци!

Знам и знаеш што се случува со нас во овој миг: ние сме две и многу тела, во безброј моментуми, кои се обидуваат да создадат живот со свој жив и мртов свет, што ќе продолжи во тело и меѓу небо и земја и на небо и во земја; сè додека не се вкорени во минато и сегашно време. Притоа, поважно од сè друго: живот во свое тело и со своја сенка. Да, се случува во овој миг, но дали ќе се случува и во следниот? Не знам и не знаеш. Само знаеме дека човек без свое тело и без своја сенка не само што не може да се вкорени, туку е и бессемен. Со збор-два: не е вистинит и е недокажлив, нема идентитет, нема самобитност и нема да остави никаква трага во која било и каква било димензија.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 4

Се случува сè почесто: во запустени и пустински предели се среќаваат голи мртви тела на стари луѓе, без души, со бели и избрчкани лица, со отворени усти како по последен изговорен збор и со испружени раце кон небото. Како да се обидуваат да дофатат нешто на него.   

Дијалог

Прво тело:

-Ти си за мене прво тело, а јас за тебе второ.

Второ тело:

-Исто ти за мене, а јас за тебе. Зошто да ни е тоа важно кога сме едно тело како една душа?

Прво тело:

-Не е важно кога сме едно, кога сме сплотени пред мало или големо премреже. Или, пак, кога опстанокот ни станува неизвесен. Животот е живот, а телата први за прилагодување.

Второ тело:

-Во прилагодувањето сме две тела?! Јас мислам напротив, тоа е доближување, зближување, сè до сплотување. Освен кога тоа значи исто што и отстапување.

Прво тело:
-Во тој контекст, според мене е многу поважно дека твоето тело е во страст, оган и семе во мене. Нели е?

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 6

Второ тело:

-Е, а сметам и дека твоето е нежно, несомнено во занес и со плод за мене. Но, едно тело како една душа. Никако твоето како второ, а моето како прво…Јас не можам без твоето. За мене си незамислива бестелесна.

Прво тело:

-Не станува збор за бестелесност. Никако. Тоа е како обраќање и како разграничување меѓу од мене и од тебе. Кога не би било, тогаш може да зборуваме за посредно искажување на поседување. Ти го поседуваш моето тело, јас твоето додека ни трае играта на страста, слободата на сексот…

Второ тело:

-Забораваш на нашите души или во таа игра и таа слобода телата ни се единствени?

Прво тело:

-Не, не заборавам. Тоа е просто невозможно. Прво ми е отелотворувањето на нашата љубов.