Потребно време за читање: 2 минути

6. За едно изгрејсонце

Монолог

Изгрејсонцето е најважно за почеток на живот. Сеедно дали како раѓање, како будење, како расцутување, како `ртење, како закоренување или како почеток на љубов. Не за продолжение на живот. За тоа е угреаното сонце. Во врска со изгрејсонцето се и многу други нешта, а најпрвин прославата на постоењето. Човекот отсекогаш особено внимание му посветува како почеток на живот сосе приведеното сеедно.

Изгрејсонцето како раѓање: дишење и игра на топли, благодатни и обоени радости, надежи, признаци, на назнаки  во чистота на први зборови.

Изгрејсонце како будење: за почеток на продолжено и ново време, на самопознавање во постојан и нов свет, како и за почеток на идентитетско и именувачко самодокажување.

Изгрејсонце како расцутување: не само на разновидни и разнобојни цвеќиња кои предизвикуваат возбуда и спокој, туку и на возобновување на светлина за ново надвладување на темните неизвесности.

Изгрејсонце како `ртење: на семето животворно, на почеток на негово извишување, но и на пробивање на вистина низ лаги и самозалажувања.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 2

Изгрејсонце како закоренување: непорекливо, незапирливо, самосвесно, самобитно и единствено во сегашнина за иднина.

Изгрејсонце како почеток на љубов: значи нова, значи непорочна, значи придвижувачка во создавање свет на вредности, значи непокорна и силна во борбата против дребнавоста и минливоста.

Дијалог:

Прв изгрев:

-Изгреви сме во исто време, нели?

Втор изгрев:

-Се разбира, во љубов, со љубов и за љубов. Во исто време…На изгрејсонце…Ние изгрејсонце.

Прв изгрев:

-Наша лирска расположба?…Па да, зошто да не.

Втор изгрев:

-Може тоа, но ние изгреви во исто време како навестување или најава на случување меѓу нас. На пример, без и најмала неизвесност во простор омеѓен со песни и танци на небо и со време како сублимација на неизбришливи траги, знаци и писмо во земја, во длабоки корени, на извишени стени, во ветар и бранови на реки, езера, мориња, океани.

Прв изгрев:

-Случување конкретно?

Втор изгрев:

-Најконкретно: јас и ти два изгрева, едно изгрејсонце пред ден во кој ќе го разбудиме народот, ќе го собереме на плоштадот и ќе му раскажуваме колку за славното минато со бестрашни борци за слобода во своја исконска земја, исто толку, може и повеќе за саможртвата што ја победува смртта. Предупредувајќи го дека многу скоро може да не постои, доколку својата судбина не ја земе во свои раце, не ја одземе од рацете на платенички изроди и велепредавници.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 28

Прв изгрев:

-Ќе успееме да го разбудиме?

Втор изгрев:

-Мораме! Со нашава беспримерна непорочна љубов.

Прв изгрев:

-Мораме со неа!