Потребно време за читање: 3 минути

33. Прва рожба

Монолог

Продолжение во друга или на една иста непримерна непорочна љубов? Да. Истовремено нова? Да. Докажано со првата свесност за нејзината суштествена вредност, се докажува во безвременото постоење на животот. Се разбира, и со втората, третата, некогаш четвртата…Не станува збор за нужност, како опстанок на род од предци до потомци, како паметење против заборав, туку како восклик на животворната достојност. Прва рожба-нов глас, нов збор, нова игра, нова радост, ново извишување, ново патешествие со внимание; грижа, задолженија, одговорности, заеднички цели.

Првата рожба е продолжение на беспримерна непорочна љубов во друга важност и на една иста. Не нова? И нова. Истовремена? И истоовремена. Последователна? Зошто да не? Првата рожба сè закажува, сè поткажува, сè кажува, сè докажува, сè предвидува, сè најавува. Во момент на неизмерна радост и среќа, во момент на спокој и возбуда, во момент на нежност и леснотија на справување со ежедневните проблеми. А по тие моментни навики, повторливости, деноноќна распределба на можностите, потребите и посветеностите. И будност и бдеење, и одмор и умор и премор. Наспроти расположбите, наспроти напнатоста на нервите и меѓусебните односи.

Првата рожба е најважна за почеток на градење и постојана надградба на домашното огниште. Тоа значи на многу начини предуслов за продолжение со втора, трета, четврта…Домашното огниште отсекогаш било и секогаш ќе биде стожер на заедништвото на родството или близоста во поширока смисла. Отсекогаш постоеле и ќе постојат поединечни, групни процеси на негово негирање во името на личните слободи, индивидуалноста, самостојноста, самобитноста. А многу повеќе на некаква неова трансформација, всушност деградација. Но, тој стожер отсекогаш се докажал и се докажува како мошне стамен, длабоко вкоренет во колективната свест за егзистенција и коегзистенција. Колку едноставно, исто толку прецизно изразена со „свој на своето“. Му се спротивставува ли на глобализмот, со глобалното село и економската глобализација во себе, можеби најпрецизно изразен со максимата „Татковината е таму кај што ми е добро“? Не, напротив! Токму тој ги разграничи нештата, ги продлабочи разликите меѓу светот на човекот и светот во човекот, истоовремено потенцирајќи ја нужноста од поцврсти родствени врски и односи. Во овој контекст е недозволиво да се пренебрегне хуманизацијата на меѓучовечките односи.

Пвата рожба на беспримерна непорочна љубов расте од неа, заедно со неа и во неа. Возвишувајќи ја, возвишувајќи се; осамостојувајќи се, формирајќи ја својата личност, пронаоѓајќи ја смислата на својата самобитност. Дека е од неа и дека е прва, таа-самобитноста во годините што ѝ идат и ѝ одат создава свој свет, освојувајќи го светот. Заминувајќи и враќајќи се, никогаш не оддалечувајќи се од домашното огниште, та за никогаш да не може да му се врати. Во стварноста и заумноста да не дозволи да угасне огнот во него.

Дијалог

Ма со Кибела:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 7

-Конечно те донесов на свет, убавице наша, божице наша!…Прва рожбо наша!…Од љубов беспримерна непорочна зачната, во таква родена, со таква љубов на виделина!

Ѕе со Кибела:

-Убавице наша, божице! Те пречекавме  надежно, за од искони до денес и по утре, за ново семе, за плод, за род, за нови длабоки корени. Сончева, нашата прва рожба во и со непорочна љубов….  

Ма:

-Беспримерна.

Ѕе:

-Да, докажано беспримерна…Кибела во наш стварен и заумен свет, и во свој и во свој…За вечно постоење….Бригија…Македонија…Го знаеш митот за Кибела, бригиската божица на шумите, природната плодност, големата мајка на сите богови…Ќе ја извајам беспрекорнава убавина н а нашава прва рожба, на нашава Кибела…во мрамор…

Ма:

-Сончев мој, знам дека тоа ќе биде твоето најсовршено, твоето животно дело…Нека ни е жива и здрава и…засекогаш со нас….Види ја колку е насмеана, колку ни се радува…Нè препознава.

Ѕе:

-Ќе бидеме ли трпеливи додека не го слушнеме нејзиното гугање пред првиот збор?…Мораме да бидеме…Ти како нејзина мајка, јас како нејзин татко…Ех, татко!…Гледај како ми го зеде показалецот со рачето, како го стега и како го принесува до устата…

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 29

Ма со Кибела:

-Расти, Кибела, од нашево домашно огниште до небо да ни се извишиш…

Сончев:

-Ма, ќе ги известиме ли нашите блиски и далечни за раѓањето на Кибела?

Сончева:

-Не сите, мој Ѕе! Само оние кои каде и да се, се и ќе бидат во своите домашни огништа.