Потребно време за читање: 3 минути

10.  Лица

Монолог

Ма и Ѕе меѓу многу лица на утрина, со многу лица пред светол ден. Токму така: меѓу со многу. Зошто и како си одговораат со каде, од кога, до каде.

Ма и Ѕе забележуваат дека во последно време од нашево луѓето се обидуваат и сè полесно им успева да ги сокријат своите вистински лица со неколку во денот, па до ниедно доба во ноќта, сеедно дали се будни или заспани. И тоа подеднакво во прво, второ и трето лице еднина дење, а во прво, второ и трето лице множина ноќе. Претпоставуваат, но не се сигурни дека тоа го прават каде било, од кога било и до каде било. Имено, забележуваат дека тие сè почесто им се прикажуваат во текот на денот со неколку лица, и во еднина и во множина, на собири на плоштади, на улици, булевари, крстосници, тротоари, на пазаришта, забавишта, во паркови, градини. Од почеток до крај, од средина кон почеток и крај, од прв до последен збор или во длабок молк и самост.

Обајцата ги загрижуваат две нешта: не станува збор за маски со кои си ги сокриваат вистинските лица, туку за лица! Значи, кои воопшто не се разликуваат од нивните вистински. И повеќето од нив се замислени, за грижени, сомнежни, застрашени, улутени, набрчкани и уморни, наспроти жизнени, весели, насмеани, разиграни, занесени или вљубени. За обајцата мошне изненадувачки, особено со оглед на сè поголемиот идентитетски индивидуализам и нескриената верба дека колективните никој и ништо не може да ги загрози или да ги збрише. Уште нешто засега за нив неразбирливо: тие како да не сакаат да ја догледаат и согледаат, уште помалку да ја разберат и воспримаат нивната беспримерна непорочна љубов.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 14

Ма и Ѕе се со исти лица откога знаат за себе и сосем се знаат меѓусебно. Не можат еден без друг, споделуваат и добро и лошо, се надополнуваат, секогаш се заедно во она или пред она што ги прави меѓусебно зависни. И се секогаш во рамновесие со природата, со своите корени и со своите плодови. Во беспримерна непорочна љубов.

Неретко обајцата се прашуваат дали можат, имаат ли сили, но и дали имаат потреба од обид да ги натераат луѓето да престанат во денот и ноќта со повеќе, па и со многу лица, еднакво во единина и множина. Туку да бидат со едно, со нивното, единственото лице според кое се разликуваат меѓусебно и со кое му ја докажуваат на светот својата единственост. Да бидат како што биле некогаш, како што се тие отсегаш и сега. За веќе да не бидат меѓу и со многу. Ѕе смета дека тие не треба да се трошат за тоа, таквиот обид е бесполезен, а Ма дека треба да сторат нешто. За со светот да не завладее безличноста и заедно со неа рамнодушноста. Засега се на полпат, но поблизу до согласност е Ѕе, а со оглед дека и тој веќе ја има согледано опасноста од изедначување во постоењето на живиот и мртвиот свет, во смислата на нивната наспоредност.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 19

Нивен прв заеднички чекор: да ги научат луѓето наместо со лица што не се нивни, своите лица да ги сокриваат со маски.     

Дијалог

Прво лице:

-Јас сум едно лице. Немам многу зрели години, но во досегашниот живот секогаш бев и сум едно. Досега и не сум имало потреба да бидам друго. 

Второ лице:

-Јас сум прво лице еднина. Моите години се близу до твоите, но и јас како ти во досегашниот живот секогаш бев и сум само тоа. Не сум ни имало потреба да бидам второ или трето еднина или множина.

Прво лице:

-Баш убаво. Меѓу другото, и затоа сме заедно.

Второ лице:

-Многу веројатно. Едно лице и прво лице еднина. Заедно за, со, во и на беспримерна непорочна љубов. Ние како различни лица, а блиски, а сопатнички во единствен живот.

Прво лице:

-Лица секогаш, никогаш други и никогаш за друг или за други. Поготово не со маски, ниту како во искривено или распукано огледало…Пред сè вистински и пред сè чисти лица.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 16

Второ лице:

-Да, пред сè такви. Туку…Време е како лица какви што сме да излеземе пред луѓето, да влеземе во нивниот минлив свет. Време е. Веќе стравувам дека нема да издржиме докрај менувајќи го. Обидувајќи се ако не сè, барем нешто од неговата минливост да престориме во трајност.

Прво лице:

-И јас стравувам дека може да ни се случи јас да станам друго лице, а ти нечие во множина. Па со време несетно да се обезличиме.

Второ лице:

-Тоа никако не смееме да го дозволиме.

Застанаа лице в лице.