Потребно време за читање: 3 минути

14. Огновите

Монолог

Кој не ги знае разликите меѓу огнот и пламенот, тој или не го достигнал нужното сознателно ниво на целовитост на животот во ден и ноќ или не прифаќа дека тие се најголемите придвижувачи на секое семе од заживување до пред самоти смрт. Огнот се пали, се одржува да не угасне, се разгорува или стишува во зависност од едноставноста или сложеноста на состојбите, процесите и настаните. Пламенот е над нив, а тие, пак, во него. Како него пламени, страсни, занесни. Огнот е секогаш пред пламенот. Му претходи, му предуслови.

Огновите во човекот и надвор од него, предизвикани од самиот него или од друг со него, крај него, пред него, спроти него се разликуваат меѓусебно според пламените јазици. Од нив зависи не само опфатот на телото, средината, околината, природата, туку и нивната силина и нивното времетраење. Пламените јазици ја одредуваат далечината сосе содржината меѓу огновите и луѓето. Исто како меѓу огновите и целите што се сака да се постигнат. Нивната бројност, пак, ја докажува суштината на опстанокот на живот во различните доба.

Но, најпрвин огништето:

Огнот е во, но може да биде и вон свое огниште. Може да биде и без него. Зависи од местото на огништето. Ако е тоа в куќа, стожерно, среде, кога е студено дење, до доцна во ноќта и во ниедно нејзино доба сите во неа се збираат, седат или лежат околу него. Огниште со оган кој топли, грее, расте спокојно род и пород, заедно со предци и потомци. Тлее и се разгорува, се разгорува и тлее. И кога е жариште. За да не угасне. Зашто ако угасне огнот во огништето, ќе настапи студеднина Може дури сè поголема самоштина во дните и ноќите потоа.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 1

Кога е збор за домашното, родното огниште, огнот во него е прв и последен жив. Прв за живот и радост, последен за смрт и жалост. Во врска со огништето, најдобро е тоа да биде на свое и во свое земјиште. Да, може и туѓо огниште некому со време да му стане негово, но огнот во него не е прв и кога-тогаш доаѓа време на жив последен.

Кога е збор за домашното, родното огниште, најмачно е неговото опстанување или да не потоне во заборав. Ако се напушти од последниот род и ближен, по сите пред него, брзо се запустува. Уште побрзо се разнебитува однатре и однадвор. Најпосле од него не останува ни камен на камен, ни греда над греда и под греда.

Сега пламените јазици:

Тие се мали дури огнот не се разгорува, а досегаат до небо кога ќе се разгори и рашири толку што да не може долго да се стиши, та да јагленоса и пеплоса сè што ќе досегне.Тие се силни или слаби во зависност од тоа колку е ветровито времето.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 9

Дијалог

Прв оган:

-Јас претпочитам наш оган во круг пред линеарен или раширен на сите страни. Едно затоа што таквиот го сметам за помоќен и пожизнен, а друго дека можеме дури сме во него да бидеме контролирано огнени.

Втор оган:

-Контролирано огнени?! Што ти значи тоа?

Прв оган:

-Ми значи најпрвин зашто е наш, сетне дека кога сме во него сме како него и најсетне така ниту ќе сакаме, ниту ќе можеме да подгориме некого што е со нас или близу до нас. Во никој случај толку огнени што ние самите сосе него да согориме, да јагленисаме или пеплосаме. Секој оган во круг трае колку што трае и може да се угасне секогаш, без оглед на силината на неговото спротивставување.  

Втор оган:

-Јас мислам дека ние како огнови треба целосно да се препуштаме еден на друг, а е сосем неважно дали нашиот оган е во круг, линеарен, раширен, тесен или не знам каков. Не ти прифаќам ни наша контролирана огненост зашто таа според мене може да биде исклучиво лична определба. За мене е поважно од сè ти за мене да си оган чии пламени јазици досегаат до небо, а јас за тебе оган што не тлее за со време сам да се угасне.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 4

Прв оган:

-Признавам дека ова ти е многу поетично. Еве и од мене: го претпочитам огнот во круг затоа што е во најголема мера, ако не и сосем интимен; се доживува и преживува лично. Во најголема мера или воопшто не се споделува. А што се однесува на пламените јазици…Тие според огништето. Едни се во куќни жизнени и рожбени, други во донашни запустени и самотни.

Втор оган:

-Нашата страст оган?

Прв оган:

-И нашата и сечија човечка. Затоа претпочитам оган во круг. Впрочем, од искони само таков успева да ја одбрани самосвесноста за важноста на опстанокот на секое живо семе во минлив свет. Со неизбришлива трага.