Потребно време за читање: 3 минути

21. Меѓу предци и потомци

Монолог

Ние дури сме живи сме и ќе бидеме меѓу нашите предци и нашите потомци. И меѓу едните и меѓу другите, но и како стожери меѓу нив. Стожери?! Токму тоа! Кои ги држат заедно едните со другите; да не се оддалечат, да не се заборават, да не се изгубат. Кои ги збираат за славење и паметење на големи и мали, за сите ваажни настани и приклученија во нивниот и нашиот живот; како постоење во време, во негови векови, во сегашност и иднина; како опстојување од корени до плодови; како минување низ секакви сомненија, премрежија, стравувања, грижи, мрачнини, светлини; сосе решителна, жилава и крвава борба за одбрана на постојаноста; со дела и траги и секакви оставини на  себството.

Исто ни се важни предците и потомците? Не секогаш и не секаде. Почесто предците кога нешта повеќе ни недостасуваат, отколку што ни се доволни, а повеќе потомците кога имаме нешта и наскоро ќе немаме. Се сеќаваме на предците, на колку може подалечни за да откриеме и осознаеме свои траги на постоење во минатото. Затоа што ни недостасуваат повеќе отколку што ни се доволни нешта кои се и долготрајни и вредносно докажани. Пренесени до наше време и продолжени во нас. А ги повикуваме или се надеваме на заедништво со потомците поради тежината на нештата што ги имаме и наскоро ќе ги немаме, како и поради поразителноста која ни се наметнува заедно со сомнението дека трагите на нашето постоење не се толку длабоки што да не можат по време да бидат завеани. Можеби и збришани.

Не можеме без нашиите предци и нашите потомци? Не можеме, а ни се чини дека можеме. Некогаш сме сигурни дека се неодминливи, како затврдување на нашата самосвест. Особено во самост стануваме рамнодушни и спрема едните и спрема другите. Како да сме ги немале и како да ќе ги немаме никогаш.

Едно е единствено: наша е сегашнинава кога сме со нашите предци и ќе бидеме со нашите потомци. И тоа какви што сме.

Уште едно нешто за промислување и најдување одговор: живеат ли предците и потомците со нас колку во нас? Еден можен одговор е дека живеат додека сме живи, друг дека ќе живеат додека постоиме, а трет е дека се живи додека сме заедно и додека не можеме едни без други. Некој друг одговор? Друг само еден: нашите предци и нашите потомци се независни од нас, се самостојни; значи, имаат свои светови, без наш, па треба да ги откриваме како безусловни; значи, како нивна беспричинска наспоредност.

Секогаш се неспорни наште предци и нашите потомци. Сеедно колку се блиски и далечни, сеедно колку се знајни, а колку незнајни, и сеедно дали се умрени, живи или сè уште неродени. Постоиме  без нив? Постојат без нас? Само кога се проблематизира, се доведува под сомнение, се фалсификува и се негира нашата самобитност.

Дијалог

Сончева:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 6

-Интересна ми е темата за нас, нашите предци и нашите потомци. Да, многу е сложена, има многу аспекти, може да има различни мислења, ставови и заклучоци, но мислам дека најважно е разграничувањето од перспективна гледна точка. И лична, наша, и колективна односно како процес сегашен и иден.

Сончев:

-Јас не би ја наметнувал за расправа. Повеќе би инсистирал на конкретни пројави, не на разграничување. Претпоставувам дека разграничувањето го мислиш во однос на нашава сегашна врска и нашата заедничка живеачка денес и утре.

Сончева:

-Конкретно во нашава љубов.

Сончев:

-Кога е збор за неа, од перспективна гледна точка можеме да промислуваме за нашите потомци, почнувајќи од нашата идна рожба. Таа не може да се однесува на нашите предци, пред сè затоа што не ни се исти.

Сончева:

-Стварно мислиш дека предците не ни се исти?!

Сончев:

-Мислам на нашите семејни корени и семејни стебла. Не на нашата припадност на македонскиот род.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 7

Сончева:

-Па затоа ја нагласив конкретноста во нашата љубав и на нашето идно потомство.

Сончев:

-Се договоривме да имаме еден син и две ќерки, нели?

Сончева.

-Не заборавај, сончеви…Остави ме да се докажам…Моите и твоите предци се наши сосе нашата љубов. Ќе продолжиме да ги откриваме и сознаваме заедно, како сплотувачки, идентитетски, а нашите рожби ќе ги растеме и одгледуваме да нè надминат во сè.