Потребно време за читање: 2 минути

4. Еден во два збора

Монолог

Јас не можам да опстанам во овој жив свет без свое значење. Затоа што без свое не значам ништо, ниту можам да му користам некому за нешто. Не прифаќам да бидам користен, трошен до излитеност, да бидам како сите зборови за секојдневна употреба на луѓето, за нивната секојдневна меѓусебна комуникација. Но, ако сум без никаква смисла и значење, тогаш подобро да не сум смислен, да не сум создаден, да не ме исковале, да не постојам.

Познавам такви зборови, кои всушност не се тоа, кои заедно, а неповрзани прават неразбирлив говор. Или е разбирлив само за оние што го говорат. Тој е најчесто таен за други. Да, го знам и говорот на песната на птиците на пример, кој им е разбирлив само на оние што се често или секогаш со нив. Да, знам оти има и таков говор на поезијата. Суштествено за тие зборови и за тој говор не е значењето, може дури да го нема, туку внатрешниот ритам и звучноста. Многу повеќе вокални одошто консонантни.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 29

Јас како збор со свое значење, неизлитен од употреба, ретко користен и без синоним сум најмногу среќен и задоволен како еден во два. Зошто? Најмногу затоа што во два ја докажувам слободата на играта на зборовите, а која е секогаш творечка и предизвикувачка. Затоа што како еден во два сум жив, секогаш полнозначен и збор што расте, што се извишува. Затоа што во слободата на играта на зборовите сум долговечен.

Дијалог

Прв збор:

-Те слушнав и те разбрав. Подготвен сум да бидам со тебе. Секако еднакви, во рамновесие, рамноправни и без оглед на различноста во значењето, свежеста, истрошеноста или тежината во говор и негов контекст.

Втор збор:

-И јас те слушнав и те разбрав. Одамна сум заклучил дека можам да бидам со тебе, но не без суштественоста на твоето постоење. Мислам на соживеачката, сопатништвото, пред сè на заедничката живост и животворност.

Прв збор:

-Во говорот е еднакво важен редот според времето и динамиката на докажувањето. Оособено кога создаваме песна за нашата непорочна љубов. Не треба да дозволиме да ни бидат споредни, ниту маргинални апстрактноста и конкретноста, како и играта во смислата. Се надевам дека досега јас ти се докажав како плавен, доволно ритмичен, тивок и гласен, возбудлив и постојан во страст до премаленост.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 15

Втор збор:

-А што е со доверливоста и довербата?

Прв збор:

-Зарем досега не ти се докажав таков кога сме заедно, јас со тебе и во тебе, ти со мене и во мене? Никому ништо  од нашата интимност не му прекажувам, ниту некогаш некому сум му предал нешто од она што е само наше и за нас. Јас воопшто не се сомневам дека и со тебе е исто.

Втор збор:

-А што правиме со нежноста во нас како зборови? Не велам дека ти содржат каква било и најмала грубост, но ја нагласувам неа поради нашата беспримерност. Еднакво непореклива и несомнено нераскинлива. Јас сметам дека ние како нежни зборови треба да бидеме секогаш пред што било друго.

Прв збор:

-Таа е прв вруток на нашата непорочна љубов.

Двата збора влегоа во лавиринт на тишина.