Потребно време за читање: 3 минути

15. Мечтатели

Монолог

И нашите и моите и твоите мечти се слободни, ограничени и безгранични, блиску до и далеку од остварливост, сонувани и дел од стварноста. Најважно и најнезависно: слободни. Немало и нема две исти мечти, ниту слични во исто време. Но, во некој животен миг се изедначуваат според силината, па продолжуваат во друг како да е една. Како една, не дека станала, дека е. Нивната слобода ту се престорува во небрежна игра на птици во лет, ту станува дел од стварен свет во кој сè е придвижено напред, кон догледен хоризонт на надеж. Да му докажеме на оној што не чул за хоризонт на надеж: на него таа се исполнува, тоне во него или заминува, исчезнува зад него. Да, се знае, како последна жива. Како последна што умира? Не, туку како една од многу, од безбројните наши, мои и твои мечти. Мечтите конечни како надеж? Слободни.

Мечтаеме за она што сме и што ќе  бидеме скоро зашто сме. Сè уште мечтаеме како достатно блиски, но сè уште не сосем предадени еден на друг. Така спокојно го минуваме нашево време до нешто; сега уште неизвесно кога е збор за наше огниште со оган што ние со нашата рожба нема да дозволиме да угасне додека сме живи. Оган што ту ќе тлее топлејќи ни ги снагите, ту ќе пламти со пламени кои ни ја разгоруваат страста сè до последни забрзани и длабоки воздиви. Ние-мечтатели кои мечтаат будни во ведра ноќ да сме ѕвезди на наш ѕвезден небосклон сè до рани зори, до пред изгрејсонце.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 9

Мечтателите не се изделуваат од другите луѓе. Ги изделуваат оние што не мечтаат од пред некое време или им се опираат на своите мечти оддавајќи ѝ се сосем на стварноста. Без оглед дали и колку е таа сурова, груба, мачна или прилагодена на личните материјални и духовни потреби. А знаат или не сакаат да прифатат дека никаква стварност не може без мечти. Да, не една мечта, туку секогаш повеќе. Може и многу. Мечтателите, пак, се секогаш понапред од оние што ги изделуваат, некогаш и ги отфрлаат од себеси. Со други зборови, со нив се и во исто време се пред нив. Значи се двигатели, напредувачи, иноватори, насочувачи, извишувачи, надградувачи. Има големи и мали мечтатели? Има само големи. Мечтите можат да бидат мали или големи, за едни мали, а за други големи, мали, па сè поголеми до најголеми.

Може наша или моја или твоја мечта во рамка? Не обградена, не заробена, туку каква што е и треба да биде-слободна, ама во рамка? Се разбира, и е лесно докажливо. Имено, опкружени сме со мечти во рамка на време изминато, што трае, направена од нас самите. Затоа слободна. Но, зошто? За да биде со нас кога е додека е, а да почне продолжувајќи пред други, па во други. Најчесто како израз на творечка енергија, со творечки непокор во неа и пред неа. Нацртана, насликана, обоена, врежана во камен, во мрамор, во дрво, излеана од железо, од бронза, од светлина.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 24

Наша моментна, сегашна и трајна мечта дека сме заедно се препознава како љубов возвишена до најголемите височини на спокојот и до најголемите длабочини на трепетот.     

Дијалог

Мечтателка:

-Ние моментно потонати во наши, заеднички мечти? И од поодамна или од скоро сè поголеми мечтатели?

Мечтател:

-Да. Зошто да не? Јас не мислам моментно. Мечтаеме и ќе мечтаеме некое време откога ја затврдивме љубовта заедно, до и по подигањето на нашево домашно огниште. За полесно, побрзо и најспокојно што можеме да ја надминуваме стварноста каква што е. Без оглед на егзистенцијалното загрозување од неа.

Мечтателка:

-Не сум сигурна дека скоро ќе го подигнеме сами. Ниту дека е доволна силината на нашите заеднички мечти. Особено со неа спротивставени на стварноста.

Мечтател:

-Можеме како мечтатели. Во нашата љубов досега тоа си го докажавме многупати. Да, нашево огниште ќе  биде остварување на најголема или на една од најголемите мечти, како круна на мечтите, но едновремено како наше докажување дека стварноста е еднакво за живот и нејзино надминување.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 19

Мечтателка:

-Мечтаам за неугаслив оган во наше домашно огниште…Во среќа и задоволство…

Мечтател:

-И јас…моментно…Наша моментна мечта.

Мечтателка:

-Во среќа и задоволство.

Мечтател:

-Безмерни и безвременски.

Мечтателка:

-Мечтаеме живеејќи во стварен свет кој ќе го менуваме сè додека сме живи…Белки нема да доживееме нашата рожба по нас да го напушти домашново огниште, та да се запусти…Со пепел наместо оган… Како смрт вистинска на многу меѓу нас без трага.