Потребно време за читање: 3 минути

25. Сега

Монолог

Сега и вчера и утре. Сеедно каде, дали овде или некаде. Може и никаде. За сега е само важно кога, од кога и до кога. Никогаш да не биде никогаш. Нема ништо поважно за битисувањето на себството.

Сега најпрвин човекот со свое траење. Се разбира, не секогаш во ист ритам деноноќен. Не само затоа што е тоа просто невозможно, туку оти инаку не ќе може да се разграничат здравјето и снеможувањето на снагата. Особено би била сериозно и загрижувачки нарушена рамнотежата меѓу колективното минато, индивидуалната сегашност и надежната иднина. Различниот ритам, пак, не ја докажува само прилагодливоста на телото и душата, дури како реалитети. Во голема мера ја одредува еднакво содржината на полнотата на животот и неговиот квалитет. Според тоа, за човекот кој трае во не секогаш ист ритам деноноќен, не човекот кој со своите постапки и созданија не се докажува себеси како човек, сега му е и простор и време на постојаност во свет што постојано се создава и пресоздава себеси, се гради и надградува, расте, се шири, се извишува и се возвишува безгранично.

Ние сме сега, со во нас и меѓу нас некои  нешта од вчера и заедничка цел утре. Сега животворни, делотворни и самосвесни. Сега со неизбришливи траги и за паметење.  Посветени на себеси, еднакво на нас како идентитети и еден со друг соживеани. Тоа никако не значи негово величање наспроти обесценување на вчера и утре. Значи едновременост на опстанувањето, препознаеноста, растежот и вреднувањето.  Никој и ништо од нас не може без сега. Или може во сега без нас. Како како никој и како ништо? Исто како во урнатини на непознат свет на збришан народ, од новодојденци примени со широко срце и прифатени како добронамерници, а злосторници. Можеби на древна цивилизација. Кои со вчера биле и утре ќе бидат само наредени, натрупани или расфрлани камења во разни форми, делкани и длабени. Безживотни.

Сега ние во и со нашево совремие. Не станува збор за опстанување, да е тоа би било безидејно исто колку лунѕање во пустина, туку за истрајност меѓу нежности и грубости, меѓу страдања и доблести, меѓу радости и жалости, меѓу осамености и лични поразии. Да, и меѓу паметење и длабок заборав. Во стварност. Затоа што без истрајноста сега ние не можеме да бидеме што сме. Можеби ни во љубов. Затоа што обајцата не би биле ниту создатели, ниту создавачи.

Сега, сега, сега! Сè сега, сосе сè вчера и утре. Како свои на свое! Ете, тоа е поентата на нашето единство, на нашата сплотеност и на нашата меѓусебна доверба. Како сè пооткривачка и сè поосознавачка. Сега свои на свое! Да, да, ние заедно со сите како нас.

Како минува и како нè одминува времето, нашево совремие сè повеќе ќе се оформува како круг кој ту ќе се шири ту ќе се стеснува, а во зависност од временските поволности и непогоди, доволности и недоволности. Исто како оган во домашно огниште. 

Дијалог           

Сега Сончев:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 21

-Ние сме сега откога се запознавме и откога се знаеме. Веќе години. Неброени оти се токму од сега. Сосе нашето траење и нашата истрајност.

Сега Сончева:

-Сега како време не меѓу вчера и утре. Не како нивно врзивно ткиво, туку напротив-тоа ги разлачува како блиски кои не треба да се поврзат на никаков начин. Затоа што се сосема различни, дури спротивставени. Можеш ли само да замислиш каква какофонија би настанала кога би се поврзале, би се испреплеткале, кога во сега би немало ни од вчера ни за утре?

Сега Сончев:

-Сега рече нешто што би требало да биде само лично, значи само наше. Добро е што сме сами, што никој не те слушна…Рече дека во секое сега има и за вчера и за утре. Велиш дека ни тоа не може без нив ни тие без него? Зборуваш противречно.

Сега Сончева:

-Не. Го имам предвид сега и како ова, што е со нас и во нас на секој чекор; како сега кое претпоставува траење како такво, како сега до некое идно време и како едно и како друго; како едно сега со други. Во трите, да ги наречам состојби, сега е еднакво далеку и од вчера и од утре. Дури и да се обиде само, не би успеало да биде нивно врвозно ткиво.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 11

Сега Сончев:

-Добро. Само те провоцирам. Творечки.

Сега Сончева:

-Сега скоро во нов живот. Во наша прва рожба. Уште само месец ипол…И ќе бидеме тројца во сега. Јас, ти и нашето Сонченце. Во нашиве простор и време.

Сега Сончев:

-Сега од семе до плод на виделина, па сега растеж, па сега созревање, па сега извишување, па сега возвишување…Живот сега.

Сега Сончева:

-Да, да, живот сега…Сега во вчера како сега и сега во утре како сега…Нашава љубов…Заедништво, единство, соживеаност, сплотеност, меѓусебно разбирање…Ние сега.