Потребно време за читање: 3 минути

16. Именување

Монолог

Се именува созадено, при создавање и последично. На свет, на живи и мртви лични светови. Најлесно создаденото, според содржината, формата, смислата, дејствието, според заемниот однос со друго создадено. При создавање или наспоредно со создавањето може да се именува и брзо и лесно, и да трае долго, но и да биде тешко. Зависи од состојбата на духот, од процесот на создавање, од креативноста и расположбата. Последичното именување, пак, е заедно со предвидено, предвидливо случување или, пак, во зависност од големината, тежината и долготрајноста на последиците од случувањето.

Да, сè е одамна знајно за именувањето, уште од создавањето на светот. Но, има многу незнајно и непознато од создавањето на живите и мртвите лични светови. Постојат не еден, а повеќе, а многу живи светови и не еден, а повеќе, а многу мртви?! На еден, на повеќе, на многу луѓе или во еден човек?! Па тоа е несомнено! Уште од постоењето на светот и човекот.

Попрво за именувањето од создавањето на светот: зошто именување? Има многу затоа, но едно е над сè: за да се направи разграничување меѓу едно и друго создадено или во создавање, да се нагласат специфичностите. Тоа значи и меѓусебно разликување, надмоќност и доминација или маргинализација. Во создавањето на светот и во создаденото од него постојано се надодаваат нови и се менуваат постојни пројави, состојби, ситуации, процеси. Истовремено или последователно многу од постојните  стануваат неважни и надминати; се губат, се уништуваат, се поразуваат. Притоа од не мало значење се континуитетот и динамиката.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 23

Тешко ли е или лесно да се именува и преименува? Зошто преименување?

Дали е тешко или лесно, зависи од тоа што се именува, кога се именува и кој именува?

Тешко е да се именува совреме неименуван човек и совреме неименувано дело. Таквиот човек е исто како да нема свој коре. Тоа значи дека не е вкоренет во свое време и во свое парче земја. Уште потешко е да го именува кој како сака, а него никој да не го праша дали сака да го именуваат вака или онака. Така всушност останува неименуван, што значи дека постои како да не постои. Затоа е од памтивек затврдено рожба да се именува при раѓање, на почетокот на животот. Значи, пак именуван од друг, од оној или од оние што го создале. Суштината е нераскинливоста со предците и потомците. Сеедно живи или мртви. Слично е, дури исто со именувањето на дело. Сеедно живо или мртво.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 7

Голем, та преголем проблем е преименувањето. И поради друго, но најпрвин за просторно разграничување. Не временско. Значи, за меѓусебно разликување кога станува збор за близост. Не за истовременост во создавање и траење. Притоа најчесто со додавка, придавка или каква било одредница. За ограничена употреба.     

Дијалог

Сончев:

-Време за наше именување?! Зарем не сме именувани од раѓање? Не за да се разликуваме и да се разграничиме за нешто кога е тоа нужно, туку за да се препознаваме? 

Сончева:

-Да, ние сме именувани од раѓање, поточно нè именувале оние што нè создале. Создадени од љубов и со љубов. Ние досега не ги обзнанивме нашите имиња. Не мислам намерно. Едноставно, не сме имале меѓусебна потреба од тоа или досега тоа од нас никој не го побарал…А да не е поради идентичноста и припаѓањето на нашите имиња? Затоа што љубовта ни е беспримерна, непорочна и силна како Сонцето, како сончевата светлина?

Сончев:

-Не ме изненадуваш што си настроена поетски. Јас нашите имиња и буквално, не само симболично би ги поврзал со силината на нашата љубов и припаѓањето на Сонцето. Да беа живи оние што нè создадоа, што нè родија, сигурно ќе ни ги откриеја и објаснија нашите именување.  

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 28

Сончева:

-Зарем не можеме сами?

Сончев:

-Јас сум убеден дека имињава ни се и директно и индиректно поврзани со исконската љубов спрема животворноста на светлината и земјата…Израз на најдлабок патриотизам…Со личниот идентитет. Но, и со колективните, пред сè националниот идентитет во сета негова комплексност.

Сончева:

-Се согласувам. Јас сакам да те насочам и кон нешто друго, многу важно: на коренот на името Македонија. Ако не знаеше досега: маке значи земја, дон е владетел, но и син односно дете или Сонце. Македонија-Владетели на Земјата-Деца (Сонца) на Земјата. Следствено: Земја на Сонцето или Сончева Земја…Лично немам ништо против нашава земја да ја преименуваме (ние, не некој друг) во Сончева Македонија. И ти,  нели? Така преименувањето не би било голем, та преголем проблем…Не можам да разберам како никој досега не се досетил.

Сончев:

-Значи, јас отсега Сончев, ти Сончева.