Потребно време за читање: 3 минути

26. Врвици и љубови

Монолог

Од сите врвици на животот, чести и најчести, ретки и најретки, длабоки и најдлабоки, плитки  и најплитки, широки и најшироки, тесни и најтесни, долги и најдолги, куси и најкуси, стрмни и најстрмни, рамни и најрамни, угорни и најугорни, удолни и најудолни, чисти и најчисти, земјени и најземјени,каменени и најкаменени, чисти и обраснати со треви и трње; и колку важни, толку неважни, и колку временени, толку трајн-се врвиците на љубови. Особено дека се истовремено лични, наспоредни и заеднички.

Лесно или тешко се препознаваат? Зависи од средината, околината, околностите, навестувачките знаци и траги. Но и од времето и годините, но и од расположбата, сомнежот и надежта. Сеедно дали е збор за прва или последна љубов, за единствена или повторлива, за предвремена, современа или повремена, за животворна или безродна.

Лесно или тешко се откриваат, пројавуваат и согледуваат? Невозможно сами. Секоја за себе. Невозможно пред друга. Возможно меѓусебно.

Врвици на љубови за искачување на љубови на еден, два или неколку животни врвови. Само на врвови? Се разбира не. Многу повеќе, ма најмногу за ôд по рамно, во рамнина. Особено плодна. Како проверка, на испит на зрелост, на постојаност, на стаменост,  на долготрајност. За нејзина сегашност и нејзина иднина.

Две врвици на една љубов тргнале на долго патешествие. А пред да тргнат, биле две љубови на една врвица. Не љубовна. Ни едната ни другата не знаеле што се. Обично познанство ли се или, пак, некои неименувани природни пориви; можеби само трепети на телата, сè поголеми близости и предавања. Можеби замислени необуздани страсти. Па премолчени во еден миг, без претходно договарање или некако изразена намера се договориле да тргнат по две врвици на една љубов. Да, како две љубови на една. Без да помислат дека наспоредноста не значи невозможно вкрстување и испреплетување одвреме-навреме. Напротив, возможно, напати исчекувано, по малку очекувано…Секоја со свое претходно лично искуство…Одвреме-навреме вкрстувањето како крстопатна точка во која си поставуваат заедничка цел, а испреплетеноста како споделување на животни, во не мала мера пресвртни собитија. Исклучителни случаи: не љубов и не љубови, туку меѓусебно откривање, прилагодување, приспособување и надополнување.

На колку долго патешествие тргнале двете врвици на една љубов, а која пред да тргнат биле две љубови на една врвица? Тие не знаеле, а не се ни труделе да дознаат. Просто ѝ се препушиле на спонтаноста како битна за заедничко откривање на светот и негово освојување со животворност.

Каде стасале најсетне? Стасале не на свои врвови и не на свој врв. Стасале на нов безвремен хоризонт. Како две енергии во една. Слободна и самобитна.             

Дијалог

Прва врвица на љубов:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 28

-Јас почнувам од подножје на планина со многу врвови. Водам до нив надминувајќи секакви пречки, најмногу купови камења и карпи. Не секогаш угорно. Напротив, почетокот ми е на рамно, на плодна рамнина, одвреме-навреме каменена. По некое време како угорна се одморам во заветрина, па станувам удолна. Преминувам теснина или провалија и пак продолжувам угорно.

Втора врвица на љубов:

-А јас продолжувам од подножје на планина не со многу, туку со два врва. Едниот повисок од другиот, другиот толку стрмен што да треба да се искачува внимателно, користејќи длабоки и плитки, мали и големи пукнатини. И повеќе со силата и цврстината на прстите одошто со нозете или со снагата прилепена до него. Пред да го почнам искачувањето во подножјето не одморам, туку собирам снага, својата животност ја доведувам во совршена хармонија со рождеството.

Прва врвица на љубов:

-Ние сме две врици на љубов или врвица на две љубови?

Втора врвица на љубов:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 12

-Најчесто две врвици на една љубов и врвица на две љубови. Но, јас посакувам час поскоро не одвреме-навреме, туку постојано да сме едновремено и наспоредни и испреплетени. И час поскоро да догледаме наша прва заедничка, како единствена цел.

Прва врвица на љубов:

-Ти не мислиш како јас, имено дека како едновремено и наспоредни и испреплетени не сме пред цел?! Ме изненадуваш…Напротив, јас не само што ја имам одамна догледано, туку сум сигурна дека сме многу блиску до неа. А веќе ја замислувам и нашата втора!

Втора врвица на љубов:

-Не се возбудувај. Можеш да почнеш да се преместуваш ваму-таму, да станеш небрежна врвица, па да навалат трње и треви. Па да те задушат и да престанеш да бидеш или да се на крајот, на раб на бездна…Да, мислам и јас, и јас одамна ја имам догледано нашата прва цел. Многу блиску сме до неа. Само се прашувам дали не е веќе крајно време да станеме една. Не две љубови.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 17

Прв врвица на љубов:

-Полноќ е. Една сме и сме кон наши врвови.