Потребно време за читање: 3 минути

17. Игри на човечкото тело

Монолог

Која било и каква било игра на човечкото тело е показ и исказ на неговата сила, стаменоста, издржливоста, возвишеноста, борбата, опстанокот во хармонија со природата. Но, и радост и спокој, плодност и родност на неговото постоење. Во постојаност, во ритам, во животворност. Сè проткаено со љубов; почеток од неа, траење во неа, неугасливост за неа. Игри придружувани од музика на веселост или таговност, на смирение или возбуда, придружувани и од молк и од длабока болка, но и од страв и неизвесност.

Од игрите на човечкото тело говор доволно загадочен за да не може сосем да се одгатне. Особено кога е збор за нȇмоста во него. А зошто, а со која намисла одгатнување кога таа не е само магична, туку е и посебен свет на повик и молба до  божествата за годипшни доба на ред, за времиња и невремиња без изненади; за рамновесие меѓу светлината и темнината, дните и ноќите, изгревите и залезите, животите и смртите; за согласие меѓу предците и потомците? А зошто, а со која крајна цел кога нȇмоста во игрите на човечкото тело неретко е поговорлива од говорот?

 Ненадминлива е недоумицата кога и колку игрите се појаки, побрзи, повозбудени, повозбудливи, позанесни, поогнени: ноќе или дење, во ниедно доба на ноќта или во рани зори, во будност или на сон?Ако зависи од нешто, од што ли? Можеби најмногу зависи од тоа дали се играат во самост или заедно со други тела-сплотено, испреплетено, гушнати, неразделни? Можеби најмногу од сè дали се голи или облечени во облека соодветна на конкретната игра? Но, бидејќи е збор за ненадминлива неодумица и обусловеност, треба да се остави телото да игра додека игра.

Опитноста и знаењето предупредуваат на последиците од игрите на човечкото тело до премалување. Можат да бидат големи, длабоки, болни, разболувачки, неизлечиви, долготрајни, дури трајни. На крајот од краиштата, премалено човечко тело губи од силата и енергијата за подолго време. Може дури да му е неопходна помош, поткрепа од друго. А него да го нема или да е далеку, па да не стаса совреме. Премалувањето само по себе е привремен проблем за човек со сангвиничен темперамент. Може да го надмине за релативно кратко време, и тоа не со одмор, релаксација, опуштање, туку со сосредоточување на следната игра, сметајќи ја за решавачка или пресвртна. Меѓутоа, кога тоа не може без помош, односно поткрепа од друго тело, тогаш премаленоста е речиси поразителна и оневозможува или оддалечува од него следна, друга игра. Тоа значи нов почеток на стари, познати или нови, непознати игри, со сомнение и неизвесност дека нема ни да се заиграат ни да се доиграат според утврдените правила, па премаленото тело или скоро престанува да игра или продолжува да ја доигра, притоа не ни помислувајќи на друга или други по неа.

Игрите на човечкото тело отсекогаш биле и се суштествени за самоспосзнавање.      

Дијалог

Прво тело:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 16

-Ние играме наши игри како едно тело, нели Сончева?

Второ тело:

-Да, наши. Опуштено, но страсно. Без крај, но и без премалување. Нашите тела, Сончев мој, се во љубов. Мислам дека сите што нè следат веќе ја осознаа како беспримерна непорочна. Тоа значи дека игрите ни се слободни, безвремени и безобврзни.

Прво тело:

-На сите игри на нашите тела сосема им се посветуваме. Но, јас им давам предимство на придружените со песни со зборови како нȇмости и со нȇмости како зборови…Да, Сончева моја, во говор и ритам кои се соодветни на нашите времиња и на нашето, а исто и на моите и твоите и нашите години. Затоа песните ни се колку милозвучни, толку многузначни. И ги пееме лесно, весело, жизнено.

Второ тело:

-Понекогаш ми се чини дека песните ни се поважни од игрите, Сончев. Како тие да завладуваат со нас. Да не е тоа зашто игрите на зборовите и нȇмостите во нив се поважни во нашето едно тело, отколку игрите на нашите тела во љубов?

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 4

Прво тело:

-Не. Како кај игрите на други човечки тела, и нашите се еднакви со игрите во песните. И според леснотијата, веселоста, жизненоста, и според вредноста…

Второ тело:

-Според вредноста?! Зарем игрите и песните на човечкото тело имаат своја вредност?!

Прво тело:

-Ме збунува твоето чудење, Сончева. Па таа-вредноста на играта е суштествена за творечката енергија, за нејзината делотворност. Нејзина смисла и докажливост. Ако тоа не е и твоја осознаеност, тогаш игрите на нашето тело губат на значење за плодењето, раѓањето, извишувањето на човекот во човек.

Второ тело:

-Јас мислам дека игрите на нашето тело најмногу добиваат на значење кога станува збор за нашето идентитетско постоење и опстанување, Сончев мој.