Потребно време за читање: 3 минути

12. Мигови

Монолог

Миговите се точки на времиња во кои нешто завршува почнувајќи и нешто почнува завршувајќи едновремено во стварност и заумност. Не колку било-големи или мали, изгревни или залезни, мразни или врели, млади или стари, семени или бессемени, ни какви било-сончеви или сенчести, бели или црни, безначајни или решавачки, минливи или судбоносни. А точки на прекршување на виделина и мрачнина, заедно со надежи и неизвесности. Како такви, миговите не минуваат незабележано. Како да немаат ништо во врска со човечкото постоење.

Творецот најдобро ја знае вредноста на мигот. Особено наспоредно или во спротивност со трајноста на неговото дело. Знае да рече тврдо, непоколебливо дека во секое од него создадено е заробен еден миг, помал или поголем од здив. Знае да докаже несомнено и дека во него мигот е исто што и раѓање сосе умирање. Ако се има тоа предвид, ако му се прифаќа, тогаш секое негово дело не е вредно во однос на трајноста, туку е како трепетна трага во растежот, стоењето во место или во падот. Он остро му се спротивставува на вообичаеното обратно лично поставување спрема себеси и спрема сиот жив свет-дека се тргнува од падот, кој му претходи на миг на бесцелност и безидејност, па долго се стои во место за најсетне во растеж да се остава трепетна трага.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 13

Нашите мигови се највредни само како наши. Дека во нив сме ние и јас и ти. Да, во нашава беспримерна непорочна љубов која ја таиме пред светот, истовремено откривајќи му само делчиња во кои се случиле и се случуваат како причина или последица секакви наши постојаности сосе непостојаности.

Ги забораваме миговите без оглед на трагите што ги оставаме во растежот, стоењето во место или во падот? Кој како и затоа што. Но, што значи заборавањето? Дека не заслужиле да бидат запаметени, зашто во нив се случило нешто исто како да не се случило? Или поради забрзаноста и динамиката на животот? Можеби не е заборавање, туку нешто друго? На пример борба за живот од раѓање до смрт? На пример откорнување од домашно огниште или постапно, но неминовно исчезнување на прв предок и последен потомок? Никако и никогаш не се за заборавање!

Еден миг меѓу два:

Страсни допири на голи тела во сончев ден продолжен во ѕвездено-месечева ноќ. На самиот почеток престорени во оган што подолго тлее, а одвреме-навреме се разгорува. Наспроти спокој со нежност, говор во молк, откривање на будност и стамено чекорење низ беспаќе. Телата напати се испреплетуваат, напати се сплотуваат во една сенка, напати танцуваат во празнина како бездна. Оставаат трага? Да, од семе до плод.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 23

Да не се заборави дека има само живи мигови. Немало, нема, ниту некогаш ќе има мртви.  

Дијалог

Прв миг:

-И миг од живот и миг на живот и цел живот во миг. Јас и ти во еден миг.

Втор миг:

-Сега сме мигови?

Прв миг:

-Да, сега. Зошто не?

 Втор миг:

-Немам затоа. Напротив, интересно ми е, а прво што се прашувам е дали сме дури нè има во еден или и во следниот по него…Прифатливо ми е дека сме миг од живот и миг на живот, но не и живот во миг. Дури ни метафорично.

Прв миг:

-Од миг во миг…Како почетна, по неа точки и крајна точка во која се собрани сите настани, доживувања, премрежија, ненадејности, случајности. Точки во низа или линија на живот…Точка  што тргнала, што е во движење и која зад себе остава трага. Траење и паметење. Блесок меѓу светлини и мрачнини, едновремено како одблесок. Миг по миг…Јас и ти мигови во еден миг, животи во живот.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 7

Втор миг:

-Мене ми е поблиска споредбата со воздив и издив. Заедно предизвикани од што-годе. На пример од нашите допири, на нашите возбудени тела. Со еднаква вредност и мигот меѓу, а кој е за нас без здив. Можеме да го изедначиме со спокој.

Прв миг:

-Мислам дека не смееме да ги пренебрегнеме миговите на други и од други. Од многу треба да се вардиме и да се браниме, многу и да воспримиме. Ние во љубов сме со свои мигови, може и да сме мигновени во свет на секојдневни, банални, минливи и неповторливи, единствени и трајни мигови.

Втор миг:

-А дека сме, мораме да се вардиме, да се браниме, да воспримаме, но и да споделуваме…Блесок и одлбесок меѓу светлини и мрачнини. Миг по миг…Јас и ти мигови во еден миг, животи во живот. Живи мигови.