МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 30

Потребно време за читање: 3 минути

30. Пред раѓање

Монолог

За сè родено, што се раѓа и треба допрва да се роди најважно е времето пред раѓање. Кое трае колку што трае, а може да трае и помалку отколку што е природно да трае. Особено кога е збор за раѓање на човек. Тој се раѓа природно, сосе човечкото во него. Тој може да се роди предвреме без никакви последици, а неговото задоцнето или предвремено раѓање оди многу тешко и макотрпно.

Не е прашање што пред раѓање. Затоа што не е секогаш одговор подготовка за раѓање. Не е прашање ни каква подготовка. Затоа што и таа како таква е секаква, различна една од друга. Можеби е најблиска на природата на подготовката за раѓање. Ако се знае, ако е научена. Таа-природата на подготовката има логичност, последичност и суштественост на постоењето. Логичност во едно по друго, последичност како продолжение, суштественост како смисла, содржина, форма и цел.

Сепак, пред раѓање е најблиско на природата на создавањето. Која, пак, се докажува себеси како процес кој не завршува не до завршниот чекор, потег, збор; ниту со последниот здив, ниту со физичката смрт, а во паметењето или во заборавот. И кој се одвива едновремено и наспоредно со самосоздавањето. Тоа најлесно може да се разбере имајќи предвид создавање на едно дело и негово траење. Имено, творецот создава свое дело притоа не ни помислувајќи на негово просторно, временско или просторно-временско предопределување. Просто ѝ се препушта на својата творечка енергија, сосредоточувајќи ја на конкретизација на замислата точно до пред раѓање, со форма која е неразделна со содржината. Делото, пак, едновремено и наспоредно се самосоздава пулсирајќи, воспоставувајќи сè поинтимен однос со неговиот консумент или придружник. Траењето  продолжува по одењето во неврат на создателот-исчезнувањето или во паметењето или, пак, негова смрт во заборавот со самото раѓање; како престанување на неговата животворност.       

Колку трае времето пред раѓање? За многу што се раѓа се знае. Се знае и за човекот. Но, има многу непознаници за живи и мртви созданија. Некои уште долго нема да се дознаат и сознаат. За разлика од раѓањето и по него. Всушност, и за живите и за мртвите созданија, имајќи го предвид траењето, пред раѓањето трае секогаш многу подолго од раѓањето и по него. Почнувајќи не од семето, туку од замислата и намислата. За живите созданија: сите потекнуваат од љубов, потреба, добрина, заедништво, взаемност, иднина. За мртвите созданија: сите потекнуваат од самосвест, индивидуалност, порив, стремеж, страст. Првите-живите созданија живеат долго пред да се родат, тоа најмногу зависи од припадноста на видот, на неговиот свет, од специфичните односи и целта. Притоа на човекот, изделен од другите како свесно битие, опстанокот му е пред сè. Животот пред раѓање на вторите-мртвите созданија трае многу подолго од самото раѓање и по него, а затоа што тоа воопшто не зависи од неговиот творец. Единствено зависи од структурата и надградбата.    

Дијалог

Сончева пред раѓање:

-Привршува времето пред раѓање на нашата рожба. Не знам дали и според тебе, Сончев мој, пред раѓање како продолжение и докажување на надежноста на нашата непорочна љубов.

Сончев пред раѓање:

-Се разбира, Сончева моја, дури по малку нестрпливост го очекувам раѓањето…Нашата прва рожба…Време пред раѓање кое најпрвин значи надежност еднаква на постојаноста. Предвидлива, стамена, доблесна.  

Сончева пред раѓање:

-Можеби е за тебе чудно, може и незамисливо, но јас во мене ја чувствувам нашата рожба како да е пред отворена врата на домашно огниште во кое ќе почне растеж и созревање на подготвеноста за заедница. Не како еднаквост на различностите, туку различности како темел на еднаквоста. Што, како што често нагласуваш, е предуслов за надминување на неприфатливите односи меѓу големи и мали и силни и слаби.

Сончев пред раѓање:

-Можам да замислам, но да, чудно ми е. Може затоа што инсистирам дека за опстанокот на каква било заедница, која ја надминува супремацијата од каков било вид, најважно е пред раѓањето. Мислам пред сè на однапред поставените релации на взаемност.

Сончева пред раѓање:

-За мене суштинско е вреднувањето на пред раѓање и мигот на раѓање проследено со неизмерно радување.

Сончев пред раѓање:

-Не се, ниту можат да се изедначат врз основа на што било, но секако дека обете неминовно се проследени со радување. Тоа досега многупати си го докажавме меѓусебно. Почнувајќи од моментите кога разбравма за зачнувањето. Со денови и ноќи расправавме, па и се расправавме за тоа дали нашата рожба ќе личи на мене или на тебе или, пак, треба во неа најпрвин да се препознаваат белезите на нашата љубов…Па кога ја милувавме при нејзиното придвижување во твојата утроба…

Сончева пред раѓање: -Согласни сме дека луѓето сè уште сосем не го осознаат докрај времето пред раѓање.