Потребно време за читање: 3 минути

28. Секогаш во луѓе

Монолог

Љубовта  како љубов е секогаш во луѓе. Дури кога е во еден човек. Да не е така, големо прашање е дали љубовта би била љубов и дали човекот би можел да биде човек на себеси исто колку на други. Исто се однесува и на возвратената и на невозвратената љубов. Само е прашање дали возвратената истовремено значи дека е истовремена и сплотувачка, а невозвратената заживува и живее до смрт во човек што не може да ја преживее во себеси како човек. Сепак, најважнио од сè е дека и едната и другата се секогаш во луѓе. Никогаш надвор од нив.

Нужно е да се разграничи секогаш со од секогаш во луѓе. Имено, секогаш со луѓе укажува на заедништво, може и единство во заедница без поцврсти и подолготрајни врски. Тие можат д бидат сведени или на личен или на колективен интерес. А секогаш во луѓе докажува дека емотивната поврзаност е длаболка, немерлива, може и трајна и обусловена од заемната егзистенција во одреден простор и временски активитет.

Истовремено со луѓе и во луѓе? Тешко е особено кога е збор за љубовта. Лесно е кога во му претходи на со, а најлесно кога со е зависно од во. Со други зборови, љубовта е во луѓето, постојано, од раѓање до смрт, а може да биде со луѓето доколку излезе од нив, се појави на виделина и се восприми со сета своја енергија. Со други зборови, љубовта е со луѓето додека е зависна од нејзиното доживување или преживување во нив.

Воопшто, истовременоста е многу тешка. Најпрвин затоа што во природата на луѓето е лесната и брза прилагодливост на состојби, собитија, затврдени норми на однесување и заемност, како и беспоговорното прифаќање на навики и стереотипи. Кога би била лесна, значи кога би била модус вивенди, тогаш колективнотовоспримање и дејствување според вредноста и квалитетот во не мала мера би било изедначено со индивидуалното.

Секогаш во луѓе не само љубовта. Заедно со неа не само сè она што е дел од неа, што ја богати и облагородува-близоста, искреноста, разбирањето, грижата, сочувствувањето, споделувањето, свеста, самосвеста, одговорноста,  туку и сè друго што е дел од човештината. Сосе квалитетот на животот, неговите стојности, минливости и секидневности. Нешто од сето тоа и со луѓе, но пред сè во луѓе. Секогаш.

Сепак, од сè наведено и што се подразбира едно нешто се изделува дури како сублимат или интегрирачки агенс кој го возвишува човекот: човештината. Се разбира, во нераскинлива врска со добродетелта. Човештината која се темели на вредности, морал и достоинство.

Да се остане човек и во време и во невреме. Тоа е универзална и вонвременска тема? Да, и секогаш во луѓе. Да, да, прво во човек, а потоа во луѓе. Дејствително.

Никогаш никој да не заборави: човештината секогаш во луѓе против какво било зло.

Дијалог

Секогаш таа:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 9

-Сакам да признам, можеби првпат откога сме заедно, дека по монологов за секогаш во луѓе немам што ни да дополнам ни да продолжам. И кога е збор за љубовта како љубов, истовременоста на какво-било секогаш и  со и во, и кога не е само љубвта во луѓе. Особено поентирањето со човештината, со која човекот е и треба да биде во време и невреме.

Секогаш тој:

-И јас признавам. Дотолоку повеќе што во него нема ништо конкеретно. Не барем директно конкретно поврзано со нас. Секако дека сè искажано во него се однесува на нас и нашата љубов, еднакво на нашиот заеднички живот, но во него како да е намерно оставен простор за наше секогаш во луѓе.

Секогаш таа:

-А тоа е?

Секогаш тој:

-Тоа е секогаш во луѓе со нескриена желба за незаборав. Затоа што сум сигурен, а несомнено си сигурна и ти во од нас оставени неодминливи траги. Неизбришливи за идни потомци. Прво за наши, а потоа за сите што оддаваат или допрва ќе оддадат внимание, па и признание на нашите дела и на нас како творци. Јас како вајар, ти како археолог…

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 2

Секогаш таа:

-Не е првпат да зборуваш за наше творечко единство. Не велам дека тоа не е можно, да поврземе во едно досегашни наши како целост, како единственост, или допрва до создадеме такво. Но, мислам дека е многу потешко одошто на пример твое вајарско дело со некој вид музика…

Секогаш тој:

-Напротив, многу е лесно. Дури полесно од целост на пример на апстрактна слика и музика. Има само едно нешто како предуслов: наши дела како едно или наше едно секогаш во луѓе. Без оглед на воспримањето, доживувањето и самостојното постоење. Макар само на естетско ниво.

Секогаш таа:

-Признавам, тоа е мошне предизвикувачки творечки потфат…Предлагам ти да извајаш камена статуа на Големата мајка, а јас да откријам жива сончева трага до неа.