Потребно време за читање: 3 минути

20. Енергии

Монолог

За едни постои една енергија, за други повеќе, за трети многу, а за нас главна енергија и неколку придружени на неа. Едната енергија најчесто е живородната, повеќето се врзани за животот и траат дури трае тој, додека многуте се насочени кон освојувања, победи, одбрани, докажувања, вкоренувања, траење, опстанување, постоење. Главната енергија за нас, пак, иде од љубовта и животворноста ширејќи се на сите страни на светот, освојувајќи простори и времиња што се препознаваат најмногу според нашите дела и од нас откриените наши траги. Да, обично се именува со духовна или творечка, но е нужно да се доименува со мислечка, движечка, откривачка, сознавачка, достојна и самосвесна. Или да ѝ бидат придружени, задржувајќи ги своите посебности.

Нашата духовна или творечка енергија е пред сè сплотувачка. Нè сплотува нас, со нас блиски и далечни, нè сплотува и со познати и со непознати. Во овој контекст има разлика меѓу духовната и творечката енергија? Се разбира. Токму во контекстов.

Најпрвин, духовната енергија е во нас, но и надвор од нас. И во нашиот крвоток и во нашата телесна структура, и во нашиот интелектуален и  психофизички капацитет. Сè во кореспонденција, па и испреплетеност со енергијата во универзумот; која најчесто ја именуваме со вера и верување.

Кога е збор за творечката енергија, таа во најголема мера е индивидуална, значи внатрешна; во човекот, значи човечка, себство; насочена кон друг, друга или други. Концентрирана во настанато или дело во настанување, едновремено насочена кон заедништво и сопатништво во животот. Каква што е нашата. За разлика од духовната, творечката енергија секогаш се изразува конкретно, со свои препознатливи говор и писмо. А поважно од сè е дека творецот се обидува да ја скроти во секое свое дело. Успева? За големиот творец, сосем посветен на своето творештво, таа е најчесто нескротлива. До претсмртниот час. Духовната енергија, пак, е многу повеќе апстрактна одошто конкретна и има многу, некогаш дури непрепознатливи говор и писмо. Но, што е посебно интересно и за промислување, тие се меѓусебно разбирливи!

Што е со доименувањето со мислечка, движечка, откривачка, сознавачка, достојна и самосвесна? Доименување или придружување со задржување на своите посебности?

Секако и едното и другото. Имено, доименувањето значи придонес, надополна, богатење, а придружувањето поддршка, поттик и продолжување на автентичноста на суштественоста. Духовната или творечката енергија е мислечка како свесност; е движечка затоа што сомневањето и немирот се во најголема мера предуслови за нејзина егзистенција; е откривачка како авантура насочена кон непознатото; е сознавачка освојувајќи нови димензии; е достојна како единствена и како таква се докажува постојано; е самосвесна со своето претставување пред други.   

Дијалог

Прва енергија:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 5

-Ние две енергии?! Не една?…Различни?…Да не и спротивставени?!

Втора енергија:

-Две конкретни во едно апстрактно дело. На пример.

Прва енергија:

-Не разбирам…Јас мислев дека сме одамна една, единствена, сплотена, која веќе создала многу и допрва ќе создава.

Втора енергија:

-Мислам на конкретни енергии што се препознаваат во наше сегашно или идно апстрактно дело…Како такви, две енергии еднакви на една…

Прва енергија:

-Две што течат како реки,може наспоредно во свои корита, а оставаат една трага зад себе која треба допрва да се открива како наша?

Втора енергија:

-Може. Суштествена е блискоста на нас како енергии. Со свои специфики и свои светогледи. Блискост до јасна цел, сеедно блиска или далечна, а секоја со соодветна силина и решителност…Јас знам дека на некои наши блиски и познајници ова им е необично, може во не мала мера и изненадувачки…Јас Сончева и ти Сончев како две енергии…Но, ако се има предвид реалноста во која живееме сакале-не сакале, тогаш е неминовно да бидеме прифаќани себеси како битија со идентитет и интегритет; за кои слободата и самобитноста се во сржта на опстанокот лколку на единката, исто толку и на заедницата.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 14

Прва енергија:

-Сега зборуваш не како духовна или творечка енергија…

Втора енергија:

-Не, напротив! И како духовна и како творечка…Ние две конкретни во апстракција.

Прва енергија:

-Не смееме да не ја спомнеме страста…Или страстите…Добро, следниот пат.