Потребно време за читање: 2 минути

1. Постојаност

Монолог

Најпрва е во нашата постојаност од дамнина до денес и којзнае до кое утре. Впрочем, како што било, е и ќе биде со секоја  како нашава љубов. Што значи таа? Тоа значи дека нема почеток и крај од една, а од друга страна е колку единствена, исто толку неповторлива. Притоа, секогаш треба да ја имаме предвид трајната вредност. Која, пак, ја придружуваат многу други повременски во меѓувреме, од едно до друго наше докажување и нејзино самодокажување.

Значи, најпрва постојаноста на нашава љубов родена во некоја рана зора. Може пред изгрејсонце, како незапирливо чекорење по неизодена врвица до врв над ведро небо. Нели?

Не, не станува збор за љубов како наше духовно заедништво и сопатништво. Ниту за случена без најмал допир со реалноста, како исклучителен, просто нестварен дел од секојдневноста. Станува збор за изминат живот кој како река никогаш не се излева од своето корито, ни во време ни во невреме не поплавува жив свет. а во кој целосно се дава себеси од извор до влив.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Слушам како некој вели дека постојаност на љубов е незамислива во време на сомневање во сè и маргинализција на каков било активитет на човекот, до снеможеност и целосна малодушност. Има право!

Дијалог

Прва љубов:

-Веќе не паметам од кога сме заедно. Не е ни за паметење…Нека биде дека сме откога сме се родиле…До кога? Не знам, а не ни помислувам…Можеби за нашава беспримерна непорочна љубов е важен почетокот…Ти што велиш?

Втора љубов :

-Јас паметам од кога сме заедно. Не е за заборавање…Како сега да ми е пред очи кога те здогледав…Исто си ми убава како тогаш…Се сеќаваш на дрвениот висечки мост над длабоката река, меѓу двете високи и стрмни планини?…Ти на него од едната, јас од другата страна…внимателно…И јас и ти чекор по чекор…Застанавме еден спроти друг точно на средината. Не можевме да се разминеме, па јас почнав да се повлекувам…Јас чекор наназад, ти чекор нанапред, еден до друг, со речиси припиени тела…Ти насмеана, весела, јас загледан во тебе…

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 4

Прва љубов:

-Запри! Доста веќе!…Те знам колку знаеш да си лирски расположен и да измислуваш…Убаво ми е со тебе сиве овие години и сите изминати пред нив…Нема друга љубов како нашава…

Втора љубов:

-Знаеш дека не е моја измислица средбата среде дрвениот висечки мост над реката…Ќе си докажеме по пат.

Си одат по својот пат.