Потребно време за читање: 4 минути

16.

Речиси е полноќ. Ведра, со полна месечина и ѕвезди на небото. Најмногу од околните, блиските и подалечните гробови како неговиот семеен: потонати во сенки на дрвјата и грмушките пред нив, крај нив и околу нив. Обземени од молк и тишина. Како да нема жива душа.

Ристо од Петар дамна мртов како мртов седи крај гробот на клупа длабоко замислен. На клупа спроти него со втренчен поглед во него седи Ристо од Петар жив меѓу мртви. Вслушнат во кажувањето на најважното ем најголемото приклучение во животот и смртта на Ристо од Петар мртов како мртов. Двојна, поделена личност?! Не. Како никогаш. Затоа што оваа ноќ без причина реши како жив мртов да не се замеша меѓу живите. Зарем се замешува само со причина?! Најчесто да, и тоа најпрвин на себеси да се прикаже и докаже како жив, без оглед на тоа што е дамна мртов. Неретко и да им се прикаже и докаже како таков на блиски, за да размени со нив сознанија и животни искуства.

Ристо од Петар дамна мртов како мртов и Ристо од Петар жив меѓу мртви во ист миг на блиската висока бука забележаа був и се поднасмеаја.

Ристо од Петар дамна мртов:

-Ти, Ристо од Петар жив меѓу мртви, знаеш дека со Вера се познававме пред меѓу животот и смртта односно меѓу молкот и тишината. Сè дури бевме заедно не ѝ верував, но откако се разделивме прифатив дека таа знаела за мене, како уметник, сликар. Сме се запознале на некоја моја изложба. Паметеше дека вниманието ѝ го привлекле рамнодушноста, ладнокрвноста, внимателноста, љубезноста и исправноста, без какво било движење на телото или гест. Знаеш дека бев во голема љубов и мошне цврста, стабилна брачна врска со Јасна од Спасе. Ниедна друга не сум ја гледал поинаку, освен како лице или личност од понежниот пол. Бев убеден дека врската помеѓу нас се случи непосредно пред мојата смрт. Разбираш ти, Ристо од Петар жив меѓу мртви, зошто баш Јасна ми го сврте вниманието на Вера од Јане додека бев уште жив, сè уште не на смртна постела, кога се разминавме на улица? Јас никако не можам да разберам.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар жив меѓу мртви:

-Нема што да се разбира. И на живи и на мртви им се случува секако. Очекувано и ненадејно, намерно и случајно, на вообичаени, чудни и ретки места. Ти дотогаш не си ја запознал, особено не како нејзина пријателка или познајница. Сте се разминале на улица. Средбата не била смислена од едната од нив, ниту била договорена помеѓу нив. Значи, се случила случајно, спонтано. Јас друго не разбирам како дел од моето најважно ем најголемо приклучение во животот и смртта: зошто Јасна прво рече дека би било добро, а потоа инсистираше да ја запознаам Вера? Иако на прв поглед ми се допадна, ме привлече, таа без да ме праша што мислам убедливо, дури решително ми ја претставуваше како убава, стројна и стамена девојка, во средни години. Притоа нагласувајќи дека е за жал немажена и без рожба.

Ристо од Петар дамна мртов:

-И сега не знам зошто нагласи дека многу ја сака и почитува уметноста, има темелни познавања за неа, а особено за сликарството. Згора на сè, таа добро знаеше дека ништо не ми значи дека некој, таа пишува поезија преполна со метафори како насликани мигови на црно-бело платно.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Се загледаа во месечината и ѕвездите молчејќи некое време. Како да уживаа во ведрата ноќ, речиси пред полноќ.

Ристо од Петар дамна мртов:

-Ден по запознавањето во кафулето, на средбата што ја организира Јасна, ме замисли тоа што беше очигледно: беа необично блиски, се држеа за раце и одвреме-навреме се прегрнуваа. Во еден миг помислив дека нивната врска е мошне блиска, интимна…

Ристо од Петар жив меѓу мртви:

-Лезбијка? Зар и мојата Јасна?! Како сум можел да не го забележам тоа дотогаш?!…Да не значеше тоа дека таа решила да ја прекине таквата врска? Со тоа што мене ќе ми ја препушти, ќе ми ја намести, ќе ми ја наметне?

Ристо од Петар дамна мртов:

-Како да е, нејзината намера ја реализираше упорно и успеа. Упорно, ама не со којзнае колкав напор. Воопшто не бев изненаден кога во последниот претсмртен час ѝ ја признав врската со Вера, како еден од неколкуте мои гревови спрема неа, ми призна дека интимната вечера со свеќи, музиката, танцувањето и потоа сексот во хотелската соба ги испланирала до последен детал. Ја иницирала таа моја врска со Вера, ја подржувала, ја поддржува и ѝ се радува. Нејзината љубов спрема мене станала проблематична? Зошто?!

Ристо од Петар жив меѓу мртви:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

-Сега мислам дека приклучението со Вера од Јане продолжи како што продолжи. Под целосна контрола на Јасна од Спасе. Сè до почетокот на мојата умирачка. Дури ја одвратила да дојде додека сум уште жив за да се збогуваме! Со образложение дека било подобро да продолжиме и по мојата смрт. Тврдејќи дека таа наша љубов е поголема од нашата. Да, беше, ама…

Ристо од Петар дамна мртов:

-Секогаш ми беше по малку непријатно кога водевме љубов. Јас и тие. Секс со иста страст од почеток до крај. До исцрпеност. Знам зошто непријатно. Затоа што ги сакав обете, и сега не знам дали еднакво, или дека обете се трудеа тоа да биде игра со крај. За Јасна ми е јасно: иако сега живее сама со нашата неугаслива љубов, со спокојство над немир и возбуда, меѓу промените на времето и годините кои не нè засегаат, ниту дозволуваме да влијаат на нас како било, како сведоштва останаа делата во кои се вградивме заедно; јас како сликар, а таа како вајар. Не ми е јасно зошто со Вера продолживме и по мојата смрт, сè до завршувањето на приклучението.

Ристо од Петар на триесет секунди пред полноќ:

-По пожарот од удар на гром и опожарувањето на нашата куќа, тоа се случи пред да нè напушти Јасна од Спасе, брзо изградивме нова, за неполни три месеци, ама во неа веќе не бевме исти. Како огнот да опожари нешто помеѓу нас. Почнавме да се оддалечуваме? Сè уште не. Само одвреме-навреме обајцата нè совладуваше рамнодушност.

Точно на полноќ влезе во гробот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here