Потребно време за читање: 3 минути

51.

Се случи пред најголемото и најважното невидливо платно на кое Ристо од Петар ја наслика непорочната љубов. Што се случи?

Сите се изненадија, речиси се вџасија. Вклучително и Ристо од Петар! Сите загледани во невидливото насликано на платното шест метри долго и четири метри широко, мигновено, наеднаш: стивнаа кавалот и тапанот, ликовниот салон се замрачи, сноп црно-црвена светлина го осветли платното и тоа…оживеа! Оживеа непорочната љубов! Како?!

Секој од гостите и посетителите што го допреа почувствува некаква незнајна силна енергија што од чистите и силни бои влегуваа во нив и како да стануваа невидливи! За разлика од сите други изложени невидливи слики, оваа со насликана непорочна љубов меѓу боите ту се појавуваа ту исчезнуваа ним познати и непознати лица, препознатливи предмети од нивното секојдневје. Меѓу сите нив постојано видливи: голема црвена роза, гробница во форма на кораб што плови напред, лево, десно, назад, како изгубена во некаква просторно-временска длабина, а напред, на небото во далечина два бели гулаба во игрив лет.

Непорочната љубов забрзано и без здив ја играше улогата на Јулија од Шекспировото непорекливо дело „Ромео и Јулија“. Да, облечена како Јулија, со натажено лице и смрт во очите. Како и таа да почна да се открива!

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Наспоредно со оживеаноста на невидливото насликано на големото платно! Немаше никој што не ја препозна прославената артистка Калина. Некои од нив радосно се присетија дека некое време воделе страсна љубов со нејзиното тело. Дојде време сама да се открие таената непорочна љубов на Ристо од Петар?

Што се случуваше во меѓувреме и потоа? Калина ту влегуваше во платното ту излегуваше од него,  ту ја земаше розата в раце и ја оставаше до кормилото на гробницата-кораб. Мошне видливо и впечатливо она што за неа секогаш го тврдел и го тврди Ристо од Петар: многу убава, за незапирлив восхит.

Ристо од Петар се обиде да објасни, поточно да раскаже:

„Ова е моето последно дело. Станува збор за обновена слика која заедно со други изгоре во голем пожар на мој семеен дом. Значи, ако ја концепирав изложбава хронолошки, тогаш неа требаше да ја поставам на почетокот, а не на крајот. Не го сторив тоа и не ги прифатив таквите сугестии на мои блиски и познавачи на моето сликарско дело затоа што сметам дека непорочната љубов, сеедно на почетокот на животот, додека тој трае или на крајот на смртта односно по смртта, е безвременска. Единствено таа го одржала, го одржува и го брани вкоренувањето на родот човечки. Но признавам, и јас сум изненаден, просто вџасен од нејзиново оживување.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Конечно се откри? Конечно ја откривте? Конечно не е таена? Не! Сигурен сум дека не! Само оживеа заедно со сè оживеано на платново.

Знам дека на малкумина им е знајно она што го знаеме јас и таа, а веќе нема потреба да биде само наше. Се однесува на мојата смрт дамна, на нејзиниот живот и на нашата љубов. Уште еднаш нагласувам дека токму како непорочна нашата љубов ни помага да бидеме заедно и живи и мртви и да има смисла тоа како траење со и во беспоговорно дело. Секако се согласувате со мене: непорочната е една на сите, со која сме и ќе останеме сè додека имаме наше време. А има и ќе има смисла како траење откако фактички и симболично ќе запловиме кон нови постранства и времиња…

А розата? Што таа? Дека е како наша рожба? Не како. Е! Сигурно забележувате на сликава дека во неа или на неа нема никаков знак на венење. Не може да има зашто е суштински доказ на рамновесие меѓу раѓањата и животворноста. Мислам дека луѓето веќе узнаа и прифаќаат дека и во мртвиот и во живиот свет мртвите за живите не се мртви, ниту живите за мртвите се живи.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Знам дека се прашувате зошто на сите мои невидливи слики, а особено на оваа на која ја насликав непорочната љубов, доминираат црната и црвената боја. Мислам дека претпоставувате, но еве да докажам: црната не е говор на смртта, како на дела на многумина мои современици, туку на тежината на животот и одбраната на човечкото достоинство; а црвената е едновремено и крв и лична саможртва. Ова еднакво се однесува на личната и на колективната непорочна љубов.

Што значи мигновеново, наеднаш и ненадејно оживување на ова мое дело? Верувајте, тоа и за мене е големо изненадување. Но, можам да го протолкувам само како остварување на мојот најголем творечки сон: да го насликам равенството меѓу невидливоста и видливоста на светот, исто како што во подолг период на многу мои слики успеав да ја насликам едноста на животот и смртта“.

Во тој момент повторно се осветли изложбениот салон, а Ристо од Петар воопшто не се изненади што немаше никој до него, пред него и околу него. Ја немаше ни артистката Калина од Јордан, ни синот Јане и снаата Борјана, ни Ангел од Михаил, ни…Никој!

Ристо од Петар се сврте и тргна кон излезот. Ја здогледа мртва Јасна од Спасе. Гола, како извајана од мермер. Го поздравуваше со широка насмевка.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here