Потребно време за читање: 3 минути

57.

Прв квечерен час. Сонцето штотуку зајдува, а студот е веќе навлезен во коските на живите. И на многумина мртви, како на Ристо од Петар. Доколку се прифаќа дека тие се живи многу долго по починувањето и отиденоста во неврат. Во Молненик е пусто, како во секое друго време на денот и ноќта. Неговите урнатини, особено на возвишението на северната страна, меѓата меѓу Молненик и Страдец, гробиштата на Молненичани покриени со пластови земја со времиња и невремиња, личат на разлетани молчаливи сеништа во разни мали и големи форми.

Куса средба на Ристо од Петар и Ангел од Михаил, на барање на Ристо.

Ристо од Петар:

-Сигурно разбра дека конечно починав и тргнав во неврат. Веќе не сум не само жив како мртов, туку ни мртов како жив.

Ангел од Михаил:

-Се разбира, ама тоа ништо не менува кога е збор за твојот статус во нашиов свет, на мртвите, и во нашиот однос…Сигурно не ме повика да се сретнеме баш овде поради тоа.

Некое време во молк и загледаност кон урнатините. Рамнодушни спрема студот, како воопшто да не го чувствуваат.

Ангел од Михаил:

-Знаеш, не знам зошто си противречиш на самиот себе во врска со непорочната љубов; дали дека во меѓувреме мислењето или си го надополнил со нови сознанија или си го сменил…Затоа ни е средбава, нели?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар го гледа зачудено право в очи. Го прашува:

-Како противречен на себеси?! Што во врска со непорочната љубов?!

Ангел од Михаил:

-Па…До починувањето тврдеше дека таа, меѓу тебе и Калина е трајна, е бесмртна. Така и ја наслика и на платното изгорено со други во пожарот и како невидлива. Која за едни неочекувано, а знам дека за тебе како и за мене неминовно. Сега се сомневаш дека е можна и формално и содржински со оглед дека си починат и тргнат во неврат, а таа сè уште жива. Таа веруваше во неа, ја чувствуваше и ја доживуваше како жив и кога беше со неа мртов како жив. Но, отсега…конечно помирена со немоќта дека не е можно да те оживее кога било, на каков било начин…Знам дека те мачи како ќе се појавиш утре на закажаната заедничка средба. Лесно со Јасна и Вера. И тие се мртви како тебе. Но, со Калина…

Ристо од Петар со прст на уста му кажува да запре, да замолчи:

-Да, тоа е проблем. Ме мачи, ама нема врска! Ќе се снајдам некако со нив и тие ќе се снајдат некако…А непорочната љубов никогаш не умира. Живее и по смртта на вљубените. Меѓу молк и заборав или меѓу паметење и заборав. Така било, така е и така ќе биде вечно…Ти добро знаеш дека таа нема врска со животот и смртта, и формално и содржински…Те побарав да се сретнеме баш овде за друго.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ангел од Михаил:

-Друга противречност? Ни твоја ни на други? Во врска со?

Ристо од Петар:

-Во врска со Страдец…И воопшто со судбината на големите градови, на мегалополисите. Не знам дали е и ќе биде како што е со други, со другите во светот. Мислам дека ќе биде, ама…

Ангел од Михаил се сетува:

-Таа противречност ја поврзуваш со нашето договорено продолжување на истражувањето на Молненик?

Ристо од Петар решително:

-Тоа нема да го продолжиме! Нема смисла, а ни цел…Не мораш да ми го прекажеш преданието што го знаеш за напуштањето, запустувањето, конечното збришување на Молненик и населувањето на Страдец; откако по цел век не останал ни камен на камен од гробот на последниот умрен мртов во Страдец, некојси Трипун од Злате…Дека ние сме блиски, од ист род…Тој ни е врската…Судејќи според дамнешното и блиското минато…

Ангел од Михаил низ придушена смеа:

-Во врска е со Петра и Помпеја?

Ристо од Петар замислено:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

-Посредно да. Мислам дека можеш да помогнеш…За ако ме праша нешто Јасна, Вера или Калина…Да, Страдец пропаѓа, гасне, се празни, се запустува, исто како Молненик. Но, едновремено во него се населуваат туѓини. А јас знам, се согласив со тебе дека во светот се случува своевиедно враќање, односно продолжување на дамнешни времиња денес; во времето на градови-држави како независни или автономни ентитети. Значи, Страдец нема да умре, да исчезне. Дури и не се празни, не се запустува видно…И Молненик не умрел, не исчезнал веднаш по пожарот.

Ангел од Михаил:

-Имај ја предвид етничката монолитност…Мислиш дека Петра и Помпеја се конечно мртви?

Ристо од Петар изненадено:

-Зарем не се?!

Ангел од Михаил како решен да ја заврши средбата:

-Размисли.

Станува. Пред да се оддалечи од Ристо од Петар, како наеднаш да се сетува и како да го предупредува:

-Не заборавај на она што си вети. Дека ќе почнеш да го сликаш твоето семејно стебло. И тоа како видливо.

Настапи вечер. Тргнаа во спротивни правци, кон своите гробници-кораби.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here