Потребно време за читање: 4 минути

56.

Почина Ристо од Петар!? Како почина? Така. Почина мигум и ненадејно. Или прецизно: Ристо од Петар, умрен пред повеќе од девет години, точно девет години, осум месеци и шест дена, конечно тргна во неврат! Исто е човек да почине, и тоа умрен, и да отиде во неврат? Кога е збор за Ристо од Петар не е!

Имено, Ристо од Петар во сиот изминат период беше жив и умрен дамна, беше жив и мртов како жив, а почина и конечно тргна во неврат. Почина исто како што умре дамна, задоцнето: неговото преуморно, слабо и заболено срце мигум и ненадејно престана да чука. Му го запре здивот, како да му се распрсна в гради, како да му ги пресече наполу. Што му предизвика последен издив и почина. Со други зборови, неговото срце конечно го заврши своето животно патешествие во кое преживеа и надживеа многу премрежија во животот, па дојде време да починува, да одмора засекогаш. Истото се случи кога умре дамна и задоцнето. Умре на сосем идентичен начин. Да потсетам, умре дамна неколку часа по завршувањето на платното со непорочната љубов. Но, и со некои нешта повеќе, насобрани во него. Сега почина и тргна во неврат по отворањето на изложбата со негови невидливи слики, по доживувањето и преживувањето на оживувањето на стожерното дело-повторно насликаната непорочна љубов и по збогувањето, простувањето, разделбата со синот Јане и снаата Борјана. А смртта на Јасна од Спасе и нејзината појава на крајот како мртва на крајот на отворањето, извајана во мермер како гола? Таа само како момент од севкупното доживување и преживување на перформансот и уметничката инсталација.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го издвојувам тргањето на Ристо од Петар во неврат. Сакам за него подетално, особено поради честото поистоветување на починувањето со одењето во неврат. Не само како колоквијалност.

Најпрвин, мора да се има предвид суштинската разлика меѓу тргањето кон неврат и одењето во неврат. Притоа, невратот не значи смрт односно исчезнување, туку единствено она што значи: нешто по што нема враќање. Меѓутоа, тоа истовремено е никогаш стасување на последна цел, на крај на краишта. Уште ако не заборавиме дека Ристо од Петар тргна, но сè уште не е отиден во неврат, мислам дека е сосем разбирливо неговото починување умрен. Тргнал, а ни тој ни кој било негов ближен или далечен не знае колку и до кога ќе оди во неврат. Невратот меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав. Конечно, тој како починат веќе не е и не можеда биде мртов како жив, туку само мртов. Освен со непорочната љубов?!

Важно е постојано да се нагласува дека Ристо од Петар е сликар кој создал многу дела, ни самиот не знае колку на број, а како жив важеше за еден од позначајните и повидни уметници во Страдец и пошироко, во Сончевата земја што дамна се викала Ематија.  Несомнено е дека остави своја трага, свој печат во модерното сликарство и изврши прилично големо влијание врз творештвото на многумина свои современици. Но, и да се потсетува на завештанието што го остави кога умре пред повеќе од девет години: во „вечното почивалиште“ да го „преселат“ само неговите најближни, а тоа да не се обзнани колку може подолго време. Исполнета му е и желбата „вечно почивалиште“ да му биде неговиот односно семејниот гроб, а не некој нов во Алејата на великаните. Отсега како починат во семејната гробница-кораб.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Најкомплицирано за секој што го следи внимателно приклучениево на Ристо од Петар е да се објасни зошто неговото починување мигум и ненадејно е проблематично, е дискутабилно кога е збор за непорочната љубов со артистката Калина, меѓу Калина и  него; долго таена, но веќе обзнаена. Во тој контекст пред сè таа љубов и тргањето во неврат. Мислам на Калина прво како жива и на Ристо од Петар мртов како жив досега, а отсега таа жива, а тој конечно починат. Дотолку повеќе што нивната непорочна љубов им помагаше да бидат заедно и живи и мртви и им помага да има смисла таа како траење со и во беспоговорно дело. Подзаборавивте дека нејзината роза, која на неговата невидлива слика не венее, е нивна рожба? Како суштински доказ на рамновесие меѓу раѓања и животворност. И дека во мртвиот и во живиот свет мртвите за живите не се мртви, ниту живите за мртвите се живи.

Мислам дека не треба да ви докажувам дека непорочната љубов никогаш немала, нема и ниту може да има каква било врска со животот и смртта. Тоа лесно може да се согледа во различни периоди на развојот на уметноста, конкретно на сликарството. На пример во ренесансата, романтизмот, барокот, па и во модерната уметност. Таа постои независно од времето и промените во него, како ни од оние што ја доживуваат и преживуваат. Секогаш е сосем слободна и самостојна. Впрочем, тоа беше главното докажување на Калина на отворањето на изложбата со невидливите слики на Ристо од Петар; играјќи ги, претставувајќи ги, пренесувајќи ги меѓу нив, пред нив, зад нив и крај нив најзначајните женски ликови во Шекспировите пиеси. Најочевиден пример, на кој таа и Ристо од Петар инсистираа најмногу, е непорочната љубов меѓу Ромео и Јулија. Независна и самостојна од нивниот живот и нивната смрт.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Исто така, важно е да се забележи она што се случи на најголемиот плоштад во Страдец викан „Срце“: во истиот миг кога Ристо од Петар почина и тргна во неврат, неговиот бел мраморен споменик среде висок пет метри пред очите на ретките средовечни и стари луѓе испоседнати на клупи и минувачи мигум се урна сам од себе! Непредизвикан од ништо! Ниту се затресе земјата, ниту надојде некое силно ветриште, ниту се случи некаква експлозија. Како меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав.

Ристо од Петар почина и тргна во неврат замислен, но без домислување или решение како да биде присутен на закажаната заедничка средба со Јасна од Спасе, Вера од Јане и Калина. Не затоа што првата и втората се мртви, па со нив и пред нив веќе не ни може да биде жив или мртов како жив, туку затоа што не може пред Калина да биде и таков и таков. Затоа што е Калина уште жива! Освен ако во меѓувреме, до крајот на денов…

Денеска е среда. Од пред три дена во Страдец завладеа голема студенина, со мразни ноќи и облаци. Низ нив никако да продре макар еден мал краткотраен сончев зрак. Јасно е, зимата која календарски треба да настапи од понеделник ќе биде долга, смрзнувачка и сува.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here