Потребно време за читање: 6 минути

58.

Кафулето „Ематија“, во непосредна близина на галеријата „Лично и единствено“, е изѕидано и внатрешно уредено во етно стил: бедем со голема влезна капија од дрво и ковано железо, од двете страни штитови со шеснаесеткрако сонце и сина розета во средината; десно биста на Александар Македонски на бел мермерен постамент; внатре во сите агли машки и женски кукли во природна човечка големина облечени во македонски носии; на средината огниште со пепел, вршник и црно железно котле што виси над него; околу него дрвени маси и столици од ореово резбано дрво; во агол на спротивната страна тапан, гајда, зурла, ќемане и канон, а на ѕидот над нив голема слика на која во маслена техника е насликано „Тешкото“ (ороводецот качен на тапан); на другите ѕидови големи и мали стари црно-бели фотографии на македонски селски куќи, селски двор, куќа од глина, камен, дрвени греди, керпич и ќерамиди, со дрвени басамаци и чардак, плевна, гумно; спроти влезот излез на чардак на три страни, со наредени маси и столици во два реда, а под него тревник, разни цвеќиња, во средината стар даб со широка крошна и до него мала фонтана-извор во стена.

Иако е поминат првиот вечерен час, во кафулето нема други гости освен Ристо од Петар седнат за маса лево, до влезната капија. Нема раздвиженост на келнерите и келнерките, исто така облечени во македонски народни носии. Стојат во исчекување разменувајќи понекој збор или шепот, а шанкерот на шанкот десно од огништето како да задремал со главата потпрена на лактите.

Прва пристигнува Јасна од Спасе. Радосна што го гледа, со широка насмевка и со раширени раце просто влетува во прегратка на Ристо од Петар. Облечена во долг сив капут, косата покриена со сина плетена капа; голема црна чанта за преку рамо, а на нозете ниски кафени чизми. Стојат во молк прегрнати неколку мига, па се бакнуваат во образи. Јасна го соболекува капутот, а еден од келнерите приоѓа, ѝ го презема и го закачува на закачалка. Таа облечена во едноделен долг црн фустан од пуплин со тенок кафен ремен на половината.

Седнуваат еден спроти друг.

Ристо од Петар:

-Знаеш колку се радувам што те гледам, што ми ја прифати средбава?

Јасна од Спасе:

-Знам, не се сомневам. И јас се радувам. Но…Зошто е? Со каква намера? Со која цел?

Ристо од Петар:

-Прво по не знам колку време пак да се сретнеме, да бидеме заедно макар час-два. Првпат баш сите заедно…Мислам и на Калина која ти и Вера од Јане досега не ја запознавте. И да ви откријам дека ти и Вера сте моите најголеми љубови, а таа мојата непорочна љубов.

Јасна од Спасе по малку изненадена:

-Интересно…Љубовите со мене и со Вера не се непорочни?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар решително, без двојба:

-Не се! И сама добро знаеш дека непорочната љубов на секој и за секој е една, единствена, неповторлива, неделива…Без оглед дали вљубениот и вљубената се живи или мртви.

Јасна од Спасе како изненадена:

-Таа е жива?!

Ристо од Петар:

-Да, сè уште. Таа е позната артистка. Сигурен сум дека си ја гледала на сцената во нашиот театар. Вечерва, по средбава ќе игра во комедијата на Молиер „Тартиф“, во која режисерот на крајот го додал крајот на комедијата „Имагинарниот болен“. Верувам дека знаеш, Молиер навистина умира на сцена во четвртата изведба на претставата…Зашто не бил имагинарно, туку стварно тешко болен…Калина го игра главниот машки лик и како Молиер на крајот ќе умре на сцена…вистински…Ќе умре вечерва.

Јасна од Спасе се чуди:

-А…таа тоа не го знае?!

Ристо од Петар:

-Не. Знае, ама мисли имагинарно. Јас знам дека ќе умре вистински…Односно ќе почине и ќе тргне утре заедно со нас во неврат…Значи, ја очекувам на средбава жива и тоа е…мал проблем.

Разговорот го прекинува доаѓањето на Вера од Јане. И таа облечена во долг црвен капут, а на главата портокалов шешир со широк обод и волнен шал околу вратот; на нозете жолти ниски чизми. Во рацете држи портокалов несесер. Прво се поздравува со Јасна од Спасе. Стојат некое време прегрнати и загледани една во друга, радосни дека се гледаат по многу време. Потоа рамнодушно се поздравува со Ристо од Петар. Го соблекува капутот, келнер ѝ го презема и го закачува на закачалка. Таа облечена во мошне елегантен дводелен костум со светлокафеава јакна и цврсто темнокафеаво здолниште до колена.

Седнува до Јасна.

Вера од Јане ѝ се обраќа на Јасна:

-Немам зборови со кои би ја искажала радоста што те гледам по толку многу време.

Ја загледува, станува сериозна, на челото ѝ се јавува брчка. Се растажува. Ја прашува:

-Слушнав…Дознав…Точно е…дека умре?…Умрена си?

Јасна од Спасе насмеано:

-Да. Конечно. Знаеш, долго бев болна, неизлечиво. Во последно време сè потешко и поболно и…Умрев на денот на отворањето на изложбата на Ристо…Сега сум слободна…И ти си мртва, нели?

Вера од Јане:

-Да, и јас. Од поодамна…

Ги прекинува Ристо од Петар:

-Дами мои, љубови мои, дали можам да ве замолам нешто? Сакам да ви предложам нешто во врска со нашава заедничка средба. Се однесува на мојата непорочна љубов Калина, која очекувам да се појави секоја минута. Знаете, за разлика од вас и од мене таа е уште жива. Ве молам да вложите вонреден напор и да се обидете да бидете живи додека е со нас…Нема долго…

Се свртува кон Вера:

-Таа е артистка, многу позната. Сигурно ја знаеш. Си ја видела и сретнала на мојот гроб сега гробница-кораб…Вечерва има претстава, игра во „Тартиф“ од Молиер, а на крајот навистина ќе умре на сцена исто како тој.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Вера од Јане зачудена:

-Твојата непорочна љубов?!

Ристо од Петар:

-Да… Мислам дека веќе знаеш…Прифаќате?

Јасна од Спасе:

-Но дали ќе можеме…Ќе можеш и ти, веќе вистински мртов како нас?

Вера од Јане зачудена:

-Ти си вистински мртов?! Од кога?

Ристо од Петар:

-Од вчера. Ќе објаснам подоцна.

Во тој момент на влезот на кафулето се појавува Калина. Облечена во зимска црно-бела јакна со качулка, струкирана, наполнета со пердуви и црно-бели пантолони од штоф, прав крој; косата прибрана во шарена волнена капа; на нозете црни кожени чизми до колена, со дебели потпетици. Ја соблекува јакната и му ја подава на келнер. Црниот џемпер припиен до телото ги истакнува нејзините бујни гради.

Ристо од Петар ја запознава со Јасна од Спасе и Вера од Јане. Се поздравуваат воздржано, со кимање со главите. Таа седнува до Ристо.

Ристо од Петар се договара со трите жени и му порачува на келнерот сувомеснат ордевер со сирење и црвено вино.

Им се обраќа:

-Мои дами, мои љубови, прво да ви кажам дека ми е мошне драго што се запознавме меѓусебно. Главна цел ми е да размениме мислења и ставови за рожбата како продолжение на животот и неговото вкоренување во наши простор и време. Имам и едно изненадување за вас кое верувам дека ќе го прифатите со задоволство.

Калина:

-Ристо, сакам да кажам дека ми е драго што ги запознав твоиве две љубови. Признавам како жена дека се многу убави, пријатни, срдечни…Имај предвид дека немам многу време. Знаеш дека вечерва имам претстава.

Ристо од Петар:

-Се разбира дека знам и мислам дека Јасна и Вера нема да ја одбијат поканата да отидеме заедно и да те гледаме во „Тартиф“…Ќе внимаваме на времето. Навреме ќе завршиме и нема да задоцниме.

Продолжува:

-Вчера се случи нешто што не успеав да го издржам, иако совреме ми беше најавено…Не ми издржа срцево…Конечно починав, тргнав во неврат!…Ти, Калина моја, не го знаеш син ми Јане, но Јасна и Вера го знаат добро…Го израснавме заедно.

Јасна од Спасе и Вера од Јане вчудовидени, во еден глас:

-Што се случило со Јане?

Ристо од Спасе:

-Замина со неговата Борјана од Страдец…засекогаш. Одлетаа…Се збогувавме…Калина, веќе не сум ни за тебе ни за кој било друг мртов како жив.

Меѓу нив завладеа длабок молк. Како да ги сокриваа своите лица зад големите чаши со вино.

Продолжи Ристо од Петар:

-Го имав Јане, го немам веќе…А со ниедна од вас немам, ниту допрва можам да имам рожба. Значи, со мене мојот род завршува…За мене и за мојот род, како за многумина, да не речам за сите во Страдец и во нашава Сончева земја во древноста викана „Ематија“, нема продолжение на животот и нема негово вкоренување во наши простор и време. Мислите ли како јас дека тоа има врска со колективната љубов?…Ја изделувам непорочната. Таа е безвременска и ниту зависи што било од неа, ниту таа зависи од што било.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Пак некое време длабок молк кој го прекинува Јасна од Спасе:

-Тоа е светски проблем и чинам нерешлив. Не мислам поради бесцелност на  љубовта без рожба. Ниту дека забрзано исчезнува колективната. Попрво ќе да е зашто сè помалку има љубов меѓу ближни. А ни заедништво, а ни заемност, а ни споделување­ меѓу нив.

Вера од Јане загледана во Ристо од Петар:

-Помислувам дека тоа е главна причина за гаснење на љубовта, за нејзино постапно совладување од рамнодушноста…како нашата.

Ристо од Петар:

-Мене ме мачи и нешто друго. Дури повеќе од љубовта која без рожба е всушност нељубов. Ме мачи нејзината сегашност без минато. Ако сакате метафорички, со празни гробови. Во тој контекст мојата грижа за сè побројните и сè почести масовни умирања наспроти раѓањата и животворноста. Во тој контекст и ништењето на вредностите на животот.

Калина по малку нервозно:

-Јас не се согласувам…Воопшто не се согласувам! Тоа што се случува во Страдец и во светот може да го надмине само непорочната љубов. Ништо друго!

Ристо од Петар:

-Како мислиш?

Калина:

-И стварно и заумно. На пример нашава…мојава и твојава, Ристо мој…Ти и јас многупати си имаме кажано и кажувано за црвената роза како наша рожба.

Се уфрлува Вера од Јане:

-Да, тоа е одлична метафора…Веројатно мислиш на розата што ја оставаш при посетата на гробот на Ристо.

Калина  речиси воскликнува:

-Точно! Таа е нашата рожба…И не е само метафорички.

Вера  воздржано и стишано:

-За жал е само тоа…Но добро…А што е решението според тебе, Ристо?

Ристо од Петар како да е крај на средбата:

-Конкретно за нас, за мене и за тебе Јасна, веќе ти најавив и прифати со задоволство, исто за мене и за тебе Вера, па и за нашата непорочна љубов Калино подготвив изненадување кое верувам дека ќе го прифатите со задоволство…Знаете за мојата и семејна гробница-кораб, нели? На Градските гробишта има уште една, идентична на неа. Во која е погребан еден мој пријател, со кого се дружам одамна мртов и мртов како жив. Се вика Ангел од Михаил. Молчаливец. На гробот е запишан како Староседелец…Со него се договорив утре заедно да запловиме со нашите гробници-кораби кон нови и дамнешни пространства и времиња на нашава Сончева земја викана Ематија. Меѓу молк и тишина и паметење и заборав.

Трите жени прифатија со задоволство и радост.

Заедно излегоа од кафулето и се упатија кон „Театар на животот“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here